Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Природник... » ЕГЕА и Студентски размени

ЕГЕА и Студентски размени

Членовите на ЕГЕА (Европска Географска Асоцијација), кои се распростанети низ целата Европа имаат можност да учествуваат и уживаат во организирани теренски дејствувања од едукативен и забавен карактер, но последно наведените се организираат во преубавите села на нашата Македонија. Ова претставува прекрасна можност за забава и дружење, односно полнење на батерии за колоквиумска недела или испитна сесија. Освен ова се организираат и размени на студенти помеѓу две држави. Потоа се организираат конгреси, семинари, мотивациони викенди и сл. Со други зборови ова се случувања на кои се собираат студенти од целата Европа, односно земјите кои имаат здруженија на ЕГЕА и со многу мал буџет се поминуваат фантастични денови во дружење и едукација, но и како најважно од моја гледна точка е градењето меѓународни пријателства кои за сега па и за во иднина ќе бидат од многу големо значење.
Размена на студенти се одвива помеѓу две ЕГЕА групи. Првиот дел се одвива по договор, со тоа што едната страна е домаќин, а другата страна е гостин. Оваа размена се одвива групно, со ист број на учесници од двете страни, со тоа што секој член ќе мора да биде домаќин, односно да угости една личност од групата. Вториот дел се одвива обратно, одосно тој што бил домаќин сега ќе биде гостин. На овие размени се запознаваат учесниците со просторите во кој престојуваат од типот на научен и културен карактер, а во ноќните часови се запознаваат со ноќниот живот. Со ваква размена се градат цврсти пријателства или како што велат постарите „Пријателството е изградена куќа“.
Конгресите, и семинарите како што се еуромед и балканиада се организираат во посебен дел годината и на некој начин се со традиција. Овие случувања се организираат секоја година во различна земја, и функционираат на сличен начин, односно има дел на шетање, разгледување и истражување, дел за претставување на културата и историјата на земјата од која доаѓате и запознавање со културата и историјата на земјите од кој доаѓаат другите учесници. Но кога ќе зајде сонцето, изгрева забавата а заоѓа со зазорувањето на следното утро, каде што пак не чека шетање или истражувачка лабораторија. Така оваа година ние, односно ЕГЕА-Скопје сме организатори на Балканијада каде што ќе има учесници од повеќе држави од Балканот.
Додека пак „Теренските настави“ си ги организираме самите на кој исто така имаме истражување на просторот во кој престојуваме и забавна страна исполнета со многу забава и дружење. Обично престојуваме на планини или во села, сместени во планинарски домови.
Претходното објаснување го напишав со цел да дадам подобра слика за тоа што прави и организира оваа европска невладина организација. За жал (но за наша среќа), овие искуства можат да ги уживаат само студенти од институтите и факултетите за географија ширум Европа.

Моите доживувања и пријателства остварени од ЕГЕА ме натера да го напишам ова како мотив плус за моите колеги, независно од генерацијата, како и за идните студенти за да се запишат на еден од смеровите на Институтот за географија при ПМФ. Со желбата за запознавање, учење, истражување и дружење, ЕГЕА-Скопје ќе биде ваше големо хоби. Колку сме во поголем број ќе бидеме по перспективни и би можеле да реализираме и со подалечните европски земји. ЕГЕА-Скопје ве очекува со раширени раце и ако имате идеи отворено ќе се дискутира на состаноците кои редовно се одржуваат за подготовка на план и реализација на понатамошните чекори кои ги градиме сите заедно.

 

Напишано од: Боби Стојчевски

Објавено од:

Од категорија: Природник... · Tags: , , ,

Leave a Reply

*