Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Отворено... » За плагијатот и авторските права…

За плагијатот и авторските права…

15.11.2011.

Што е плагијат

Плагијат (лат. plagere = присвојува), означува акт на присвојување или копирање и претставување како сопствено на нешто пишуваното од друг, уметничко дело или друг вид творештво, делумно или во целост, без наведување на изворот или авторството на оригиналот. За разлика од фалсификување, каде е во прашање автентичноста на делото, кај плагијатот станува збор за незаконско и неетичко присвојување на туѓа работа, која се претставува како своја.

Во некои древни култури на Далечниот Исток, одредени форми на плагијат се нормални.

Штетите од плагијатот денес се особено присутни во областа на индустрискиот дизајн. Се претпоставува дека околу 10% од производите во светот се фалсификувани и / или плагијати, претежно од Далечниот Исток, предизвикувајќи годишна штета на светската економија, од околу 300 милијарди евра.

Проблемот на плагијати стана толку голема што во германскиот град Солинген, 2007 година е отворен музеј на плагијати (Plagiarius музеј), кој собира и задржува плагијати од целиот свет. Музејот е создаден од потребата да се зачува бројот на предмети примени во негативна конкуренција за награда плагијат на годината, кој се нарекува Plagiarius награда и се доделува од 1977 година. Во последно време, вниманието на медиумите е многу насочено кон плагијат во поп музиката. Некои од овие плагијати беа докажани судски. Така, на 16 Март 2011 година стана правосилна пресудата на познатиот музичар од Сплит Тончи Хуљич, кој поради плагијат на песната Лорелеј од Иво Баришиќ треба да плати 110 000 куни (15.000 евра), или да служи затворска казна од сто дена.
Во развиените земји и плагијати во научна работа се сметаат за многу сериозни етички повреди. Ова се потврдува со фактот што министерот за одбрана на Германија, Карл-Теодор Цу Гутенберг, 1 Март 2011 година, откако беше откриено дека неговиот докторат во областа на правото е всушност плагијат, поднесе оставка. Само три и пол месеци подоцна, 15 Јуни, 2011 година, при Универзитетот во Хајделберг ја одзеде дипломата на поранешниот заменик на Европскиот парламент Силвана Кох-Мехрин, откако беше утврдено дека нејзиниот докторат е всушност плагијат на голем број научни трудови, кои таа не ги цитирала, со прикажување на достигнувањата на други истражувачи како свои. Кратко потоа беше откриено дека и докторатот на нејзиниот колега од Либералната партија Јоргос Шатцимаркакис исто така е плагијат и затоа е лишен од својата докторска титула. (од Wikipedia/Hrvatski, 11.2011)

Студентски плагијатизам

Во академскиот свет на Запад, а во последно време во Централна па и Источна Европа, плагијати од страна на студентите се многу сериозен прекршок што може да резултира со казни како што губење на година или паѓање на испит. За случаи на повторување на плагијат, или кога студентот прави тежок плагијат (на пример, поднесување за објавување на превземен текст како оригинална работа), студентот може да биде суспендиран или протеран. На многу универзитети, цели академски степени или титули може да се укинат како казна за плагијат.

Студентите може да бидат под притисок квалитетно и брзо да завршат пишани документи, а со достапноста на новата технологија (на интернет) студентите можат да плагиатат со копирање и вметнување информации од други извори. Ова често е лесно да се детектира од страна на наставниците заради неколку причини. Прво, студентскиот избор на извори често е неоригинален, па секој може да ги добие истите линкови копирани  од неколку студенти и од популарен извор. Второ, често е лесно да се каже дали студентот користи свој “глас”. Трето, студентите можат да изберат извори кои се несоодветни, неточни, или надвор од темата. Четврто, предавачите може да инсистираат на тоа напишаната работа прво да се достави до онлајн плагијат детектор.

Во последно време сè почесто се признава дека некои плагијати се случуваат затоа што студентите не се добро едуцирани и информирани од наставниците за етичкиот начин на пишување (неинформираноста е застапена и кај некои наставници) или дури може да имаат развиени пишувачки навики кои се сметаат за неприфатливи во високото образование како дел од нивното претходно образование. Ова доведе до повици за поголем акцент во помагање на студентите да учат за плагијати, како дел од сеопфатен пристап предложен од Мекдоналд и Керол (2006). Како последица на тоа, сега вниманието е посветено на најдобрите начини да им се помогне на студентите да научат за плагијатите, со предлози од страна на Керол (2006), по кои на студентите треба да им биде дозволено да експериментираат, како и дека студентите треба да бидат способни да ги развиваат своите разбирања за плагијати преку грешки, што значи дека тие можеби ќе треба да произведуваат некои неприфатливи пишувања и примања на повратни информации за тоа пред да разберат дека тоа е неприфатливо. Кога се разгледува како најдобро да им се помогне на студентите да научат за плагијат, важно е признавање на индивидуалните разлики меѓу студентите. Големиот број на истражувања за плагијати и студентитски разлики се одвива во контекст на студенти кои студираат во странство.
Постојат повеќе академски истражувања за честината на плагијати на факултетите (вклучувајќи плагијат, измислување на податоци и мамење на испит), кои покажуваат дека студентите биле подложни на плагијат повеќе од било кој друг. Дјук Универзитетот во 2005 година покажа дека 85% од студентите извршуваат плагијат барем еднаш (во студијата биле опфатени 18.000 учесници). Сепак, оваа бројка се намалува значително кога се бара застапеноста на “сериозни” плагијати (како на пример копирање на поголемиот дел од трудот или целосна копија од веб-сајт). Најновото користење на софтвер за откривање на плагијати, дава појасна слика за распространетоста на оваа активност. (од Wikipedia/English; 11.2011)

Во Република Македонија, паралелно со зголемената достапност и користење на интернетот, се зголеми и плагијатизмот. Во таа насока се донесени повеќе одредби и законски акти, меѓу кои најважен е Законот за авторското право и сродните права. Во него, преку неколку членови е јасно укажано на правото на заштита на авторството, како и на казните кои произлегуваат од непочитување на тие права. Овде се претставени неколку важни членови од Законот (Извадок од Законот…).

ДЕЛ 1. АВТОРСКО ДЕЛО
Поим на авторско дело
Член 12

(1)  Авторско  дело,  во  смисла  на  овој  закон,  е  оригинална интелектуална  и  индивидуална  творба  од  областа  на  книжевноста, науката  и  уметноста,  независно  од  начинот  и  формата  на  изразување, видот, вредноста или намената.

(2) Авторско дело се смета особено:
1. Пишано дело (книга, напис,  статија, прирачник, брошура, расправа и други дела од иста природа);
2. Компјутерска програма, како пишано дело;
3. Говорно  дело (предавање,  говор,  беседа,  и  други  дела  од иста природа);
4. Музичко дело, со или без текст;
5. Драмско,  драмско-музичко,  кореографско  и  пантомимичарско дело;
6. Фотографско  дело  и  дело  создадено  во  постапка  слична  на фотографската;
7. Аудиовизуелно  дело (кинематографско  и  друго  дело  изразено со подвижни слики);
8. Дела на ликовната уметност (слика, цртеж, графика, скулптура и друго);
9. Дела од архитектурата;
10. Дела од применетата уметност и дизајнот и
11. Картографско  дело,  план,  скица,  технички  цртеж,  проект, табела,  пластично  дело  и  друго  дело  со  ист  или  сличен  карактер од  областа  на  географијата,  топографијата,  архитектурата  и науката.

(3)  Како  авторско  дело  се  смета  и  преработка   на  авторско  дело, доколку ги исполнува условите определени со овој закон.

Составни делови на авторското дело
Член 13

(1)  Составните  делови  на  авторското  дело,  како  и  насловот  на авторското  дело,  доколку  сами  по  себе  претставуваат  оргинална, интелектуална  и  индивидуална  творба,  уживаат  иста  заштита  како  и самото дело.
(2)  Не  е  дозволено  како  наслов  на  авторско  дело  да  се  користи наслов  што  веќе  бил  употребен  за  дело  од  ист  вид,  доколку  таквиот наслов би создал забуна или би довел до создавање забуна во однос на авторското дело и авторот.

ДЕЛ 2. АВТОР
Поим на автор
Член 17

(1)  Автор,  во  смисла  на  овој  закон,  е  физичко  лице  кое  што   го создало авторското дело.
(2) На авторот му припаѓа авторското право над неговото авторско дело со самото создавање на делото.

Презумција на авторство
Член 18

(1)  Како   автор  се  смета  лице  чие  име,  псевдоним,  код  или  друг знак,  на  вообичаен  начин  е  означен  на  делото,  односно  неговите примероци  или  е  наведен  при  објавувањето  на  делото,  додека  не  се докаже спротивното, во согласност со овој закон.
(2)  Во  случај  кога  авторот  не  е  познат,  ниту  пак  може  тој  да  се определи според одредбите од став 1 на овој член, авторското право го остварува лицето што законски го објавило авторското дело.
(3) Одредбата од став 2 на овој член престанува да се применува кога  идентитетот  на  авторот  ќе  биде  утврден.  Во  тој  случај,  лицето  од став 2  на  овој  член,  е  должно  имотната  корист  стекната  од остварувањето  од  авторското  право,  да  му  ја  предаде  на  авторот, доколку со договор меѓу нив не е поинаку определено.

Коавтори
Член 19

(1)  Авторското  право  на  дело  создадено  во  соработка  на  две  или повеќе лица им припаѓа на сите тие лица (коавтори).
(2)  За  секое  користење  на  делото  од  став 1  на  овој  член  е потребна согласност од секој од  коавторите. Одделен коавтор не може да одбие да даде согласност од причини што се спротивни на начелото на совесност и чесност.
(3)  Кога  делото  создадено  од  коавтори  се  состои  од  самостојни делови (делива  целина),  секој  од  коавторите  може  да  дозволи самостојно користење на својот дел, под услов таквото користење да не биде на штета на користењето на заедничкото дело, односно на правата на другите коавтори.
(4)  Уделот  на  одделни  коавтори  во   надоместокот  остварен  од користењето  на  делото  се  определува  сразмерно  на  вистинскиот придонес што секој од нив го имал при создавањето на делото, доколку меѓу коавторите не е поинаку договорено.
(5)  Во  случај  кога  не  може  да  се  утврди  вистинскиот  придонес  од став 4 на овој член, или не е постигнат договор меѓу коавторите, на секој од коавторите му припаѓа подеднаков дел од надоместокот.

ГЛАВА ПЕТТА: ЗАШТИТА НА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ  ПРАВА; ДЕЛ 1. ОПШТИ  ОДРЕДБИ

Видови заштита и примена на други прописи
Член 157

(1)  Авторското  право  и  сродните  права   уживаат  кривична, граѓанска и прекршочна заштита.
(2) Кривичната заштита на  авторското право и сродните права  се остварува  според  одредбите  на  Кривичниот   законик  и  прописите  за кривична постапка.
(3) Граѓанската заштита на авторското право и сродните права  се остварува  според  прописите  за  парничната  постапка,  за  обезбедување побарувања и облигационите односи, доколку со овој закон не е поинаку определено.
(4) Прекршочната заштита на според прописите авторското право и  сродните  права   се  остварува  според  прописите  за  прекшоци  и   овој закон.
(5) Заштитата на авторското право и сродните права ја вклучува и заштитата на технолошките мерки од повреда на правата.
(6)  На  постапките  по  барање  за  времени  мерки,  определени  со овој  Закон,  при  увоз,  извоз  или  повторен  извоз  авторско  дело,  предмет на  сродно  право  или  нивни  примерок,  се  применуваатр  прописите  за царински мерки за заштита на правата од интелектуалната сопственост

Покрај наведените одредби од овој закон, од 2012 година ќе стартува и посебен софтвер за пребарување и индексирање на содржини од магистерски, докторски, специјалистички работи и слично, со цел побрзо откривање на плагијати. Покрај тоа, неопходни се и други мерки за заштита од нелегално користење на туѓи дела, трудови, книги, натписи и електронски содржини, кои вешто, намерно или од незнаење и невнимателност се превземаат без цитирање и се претставуваат како сопствени резултати.

Приредил: Д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5305 пати!

Автор:

Од категорија: Отворено... · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger