Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог » Викенд предлог: с. Слепче, Демирхисарско

Викенд предлог: с. Слепче, Демирхисарско

21.03.2012

Селото Слепче се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, сместено е во источните падини на Илиница, огранок на Бигла, на 680 метри надморска височнина, опкружено со дабови шуми, недопрена природа и бистри води. Пријатната клима и чистиот воздух се вистински можности за одмор од градскиот метеж.
Селото Слепче сообраќајно е многу пристапно и на само 4 км од Демир Хисар. Оддалеченоста од Скопје изнесува 175 км или околу 3 часа возење, а од Прилеп е точно 40 км или помалку од еден час. Патот до самото село е модерен, асфалтен и со улично осветлување.
Според легендата селото Слепче настанало од самоиловите ослепени војници, по беласичката битка, иако постојат археолошки наоди уште од римскиот период. Слепче дало големи и значајни личности за историјата на македонскиот народ. Висарион Дебарски – најплоден средновековен книжевник, Сисој, Матеј Слепчански, првоборецот Петар Лутовски, писателот Стојан Попов суден и прогонуван за независноста на Македонија и уште многу други.
Слепче денес брои околу 700 жители, тука ќе сретнете прекрасни куќи со уредени дворови вклопени во склад со природата. Но да бидете во Слепче, а да не го посетите манастирот св. Јован Претеча е исто како да не сте биле. Според пишаните извори манастирот датира од 14 век, а легендата вели дека го изградила Самоиловата ќерка Косара на почетокот на 11 век. Манастирот е познат како еден од најголемите книжевно уметнички центри во средниот век во Македонија. Во него егзистирала познатата Слепчанско – Прилепска резбарска школа. Манастирската црква ја опкружуваат старите конаци кои неодамна беа целосно реконструирани и опремени за престој на гости. Вистинска атракција е северната манастирска порта која е издупчена од куршумите на турскиот аскер.
На 3 км од манастирот Св. Јован се наоѓа манастирот Добромирово, возобновен пред 50 години. Манастирската црква е посветена на Пресвета Богородица. Манастирот е идеален за ловен туризам, затоа кај населението е познат како манастир на ловџиите и располага со сместувачки капацитети. Патот до него е земјен, но прооден за возила.
Туристичката понуда на Слепче не би била комплетна доколку не ја споменеме гостилницата Вила Горна Куќа која се наоѓа во неповторлив амбиент, со поглед кон манастирот. Тука ќе можете да ги вкусите традиционалните  јадења кои се типични за Слепче, како зелник со праз, питулици со лук, сезонските специјалитети од печурки, селскиот леб, јаре печено во фурна и неизбежните специјалитети на скара. Овде за момент ќе заборавите на вашите постојани  грижи и ќе уживате во мирот и спокојот што може да биде нарушен единствено од птиците и неколкуте потоци.
Во непосредна близина на Слепче (1 км) се наоѓа живописното Струговско Езеро кое нуди можност за риболов и рекреација. На само 15 км од Слепче се наоѓа историското Смилево, родното село на револуционерот Даме Груев. Тука ќе се сретнете со неповторливата мијачка архикектура, мемориијалниот музеј на Смилевскиот Конгрес, Спомен паркот и родната куќа на Даме Груев. Доколку сте љубител на археолошкото наследство може да го посетите локалитетот Браунион (Градиште) во близина на Црна Река на само 4 км од Слепче. Исто така на оддалеченост од 22 км се наоѓа изворот на Црна Река најголемата десна притока на Вардар.

Извори:

1. Македонски манастири-Димитар Ќорнаков
2. Демир Хисар и демихисарско низ вековите и денес-Вангелко Лозановски
3. Билтен на Општина Демир Хисар
4. https://macedoniatravel.com/index.php?option=com_content&view=article&id=118
5. http://travel2macedonia.com.mk/tourist-attraction/slepce-monastery

Автор:

Од категорија: Викенд предлог · Tags: , ,

Еден одговор на "Викенд предлог: с. Слепче, Демирхисарско"

  1. Antonio says:

    Odlicen portal, sekogas so interesni sodrzini, posebno me raduva so statijata za Slepce, samo slikata so ezeroto smenete ja, ne e od Slepce, a se somnevam deka e i od Demir Hisar. Pozdrav i samo prodolzete.

Leave a Reply

*

* Copy This Password *

* Type Or Paste Password Here *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>