Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Плачковица – планина која треба да се посети и доживее!

Плачковица – планина која треба да се посети и доживее!

24.03.2012

Од бројните планини и предели што ги имам посетено или истражувано низ Македонија, планината Плачковица ми остави особен впечаток. За тоа има повеќе причини, а дел од нив ќе наведеме во оваа кратка статија. Останатите можете сами да ги доживеете откако ќе прошетате по планината.
Плачковица (1754 м) е дури 20-та по височина планина (од 38 планини) во Република Македонија и 5-та по височина во источниот дел на државата (по Осоговски Планини, Беласица, Влаина и Малешевски Планини). Меѓутоа, поради значителната површина што ја зафаќа од близу 750 км кв., таа е веднаш по Јакупица, Осоговските Планини, Шар Планина и Сува Гора. Плачковица се издига помеѓу Струмичко-Радовишката Котлина и долината на реката Плаваја (притока на Струмица) на југ, Кочанската Котлина на север и долината на Осојница на исток. На запад, таа е доста расчленета и еродирана, постепено спуштајќи се кон Овче Поле, долината на Брегалница и нејзините леви притоки. Особено стрмна и јасно изразена е северната страна кон Кочанско Поле, додека другите страни паѓаат постепено. Инаку, иако нема многу карактеристичен правец, главните била главно се протегаат од северозапад кон југоисток во должина од околу 30 км.
Со долината на Зрновска Река, Плачковица речиси симетрично е поделена на два дела: источен и западен. Западниот дел е нешто понизок со највисок врв Туртел 1.689 м. Поради застапеност на мермери во геолошката градба на овој дел, околу Туртел се создале повеќе пештери. До сега се истражени пет пештери од кои најдолга е Големата пештера со должина од околу 600 метри. Таа претставува вистински бисер со своите пештерски украси и предизвик за спелеолозите. Помали се пештерите Ќуп, Ајдучка, Туртел и Понор, но и тие се богати со пештерски украси. Речиси сите наведени пештери се лесно достапни за посетителите и до нив водат маркирани патеки. Инаку, најдобра пристапност до западниот дел со врвот Туртел, како и наведените пештери е преку асфалтниот пат кој води од с. Карбинци до одмаралиштето Плачковица на околу 1350 м. Убаво место за преноќување овде е планинарскиот дом Вртешка кај истоименото село на 1050 м надморска височина, сместен на карактеристична височинка и со одличен видик. Речиси од целото Туртелско било кон запад се протега одличен панорамски видик на голема далечина, додека пак неговата источна страна кон долината на Зрновска Река е многу густо пошумена и остава впечаток на недопрена зелена дивина со восхитувачки пејсажи.

Источниот дел на Плачковица е повисок и на него се врвовите Лисец (1754 м), Чупино Брдо (1725 м), Бел Камен (1707 м), Кара Тепе (1625 м) и други. Врвот Лисец е највисок на планината. Од него се протега извонреден панорамски видик кон околните подрачја, а за многу ведро време и чиста атмосфера, од него може да се види Рила на запад, дел од Солунскиот Залив на југ, па дури и планината Олимп оддалечена преку 200 км! Всушност иако не е многу висок, Лисец е меѓу врвовите во Македонија со најголем доглед или најдалечна хоризонтна видикова линија. Затоа во некои поранешни времиња овде се наоѓал воен радарски центар за набљудување, а денес се говори за можно поставување на астрономска обсерваторија. До самиот врв најлесно може да се дојде со неколкучасовно пешачење по билото тргнувајќи од селото Зрновци или од селото Градец, при што растојанието е околу 10 км. До самиот врв може да се дојде и со џип или друго возило, но би било навистина штета да не се искористи чистиот освежувачки планински воздух и уживањето во природата. Враќањето може да се изведе по истиот пат, но вистинска авантура е ако се изведе преку долината на Зрновска Река. Тоа од причина што долината е многу интересна, доста стрмна – на некои места во вид на кањон и густо пошумена. Спуштањето од врвот Лисец (1754 м) или Лисечкото било кое е на околу 1500 м надморска височина до дното на долината на околу 700 м воопшто не е едноставно, но е своевидно доживување. По спуштањето се навлегува во тесното долинско дно со коритото на Зрновска Река, долж кое се наидува на бројни брзаци, мали водопади и слапови. Водопадите, иако се мали и ретко повисоки од 4 м, формирале длабоки таканаречени џиновски лонци или вирови. Најимпресивен вир е Девичин Вир кој се наоѓа во близина на зафатот на вода за хидроцентралата. Вирот е со пречник од 8-10 м и длабочина до 4 м и формиран под Девичиниот водопад висок околу 5 м. Од Девичин Вир до селото Зрновци 5 км низводно, се поминува покрај неколку вакви „вирови“ (Колев Вир, Змијарнико, Суљов Вир), всечени во цврсти карпи, а на некои места преминувањето покрај нив е вистински адреналински предизвик. Инаку, горниот дел од долината на Зрновска Река, како и изворишните делови на Блатечка, Сирава и Смиланска Река, поради пошуменоста и оддалеченоста од поголеми населби оставаат впечаток на недопрена природа. Заедно со чистиот воздух, бројните извори и потоци, разновидниот растителен и животински свет, овој простор е навистина прекрасна зелена „оаза“.
Освен долината на Зрновска Река, доста интересни за разгледување, прошетка, планинарење или уживање во природата се долините на Градечка и Блатечка Река на исток, потоа долината на Радовишка Река на југ, како и повеќето долини по западното подножје како таа на Аргуличка или Радањска Река. Во некои од овие долини има помали, но фасцинантни кањонски делови. Долината пак на Радањска Река е исполнета со десетици плавини и плавински појаси, кои оставаат посебен впечаток.
Покрај чистата и речиси недопрена природа во средишниот дел на планината Плачковица, голема атрактивност овде претставуаат традиционалните села со доста сочуван стил и начин на живот. Особено карактеристични се селата Зрновци со убаво уреденото корито на Зрновска Река и неколкуте кафеани и продавнички покрај брегот, потоа селата Градец, Блатец, Аргулица и Радање. Во некои села сеуште може да се сретнат луѓе во традиционална носија. Доколку имате можност, би било убаво по напорното планинарење да пробате од вкусните локални специјалитети во споменатите села.

Покрај навистина импресивните убавини, на планината или околу неа сеуште нема соодветни сместувачки капацитети, а загрижува и големата деградација со трасирање и поставување на макадамски патишта кон врвот Туртел или Лисец и можеби неконтролирана изградба на викендици. Како и да е, Плачковица може да ви понуди незаборавно доживување кое долго ќе се памети и одлично рекреативно планинарење по планинските била, по стрмните долини или пак движејќи се покрај каменливите речни корита со кристално бистра вода.

Автор: Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 13921 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија · Tags: , , ,

2 одговори на "Плачковица – планина која треба да се посети и доживее!"

  1. Влатко Андреев says:

    Браво професоре…..прекрасно опишување на една од нашите многу убави планини.

  2. Пофалби за убавиот текст. Планината Плачковица навистина е прекрасна!
    Поздрав од преубавото Зрновци!

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger