Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Водопадите на Бабакарина Река кај Кратово

Водопадите на Бабакарина Река кај Кратово

31.03.2012

Бабакарина Река е 4 км долга лева притока на Кратовска Река, која се влева во самиот град Кратово (на 610 м). Оваа мала рекичка извира под палеовулканската купа Буковец јужно од Кратово, на 1200 м надморска височина и до вливот се спушта низ стрмен терен составен од вулкански карпи со различна цврстина. Затоа, долж својот тек, рекичката изградила повеќе водопади. Од нив најинтересни се 5-те водопади кои се наоѓаат на самиот излез од Кратово кон с. Близанци, 1 км јужно од центарот на градот. Бидејќи во непосредна близина на водопадите минува асфалтниот пат за с. Близанци, тие се лесно воочливи од десната страна на патот, на оддалеченост од околу 200 м. Сепак, заради стрмниот терен и необезбедена патека, пристапноста до самите водопади е потешка. Инаку, водопадите се наоѓаат на надморска височина од 670 м до 640 м, што значи дека сите 5 заедно се високи околу 30 м. Најголеми се „долните“ два водопади со по 11 м и 7 м, а останатите се високи помеѓу 3 и 6 м. На дното од секој водопад, под ерозивното дејство од ударите на водата се формирале мали базенчиња (џиновски лонци) или вирови. Според постанокот, водопадите имаат ерозивен карактер и се формирале на место каде се сменуваат цврстите лавични карпи со помеките туфови. Водопадите на Бабакарина Река се најинтересни во пролетниот период кога располагаат со поголемо количество вода, иако функционираат речиси во текот на целата година. Близината до градот и до патот, впечатливиот изглед со зеленилото и каскадниот пад во вид на слап ги прави водопадите на Бабакарина Река посебно атрактивни. Со поставување на соодветни информативни табли, патеки и фото-видиковец, нивната посетеност значително ќе се зголеми, што ќе биде во прилог на развојот на туризмот во кратовскиот крај.
Да напоменеме уште дека и на други делови од Кратовска Река и нејзините притоки има бројни водопади (особено кон с. Горно Кратово) високи по неколку метри. Заедно со прекрасниот палеовулкански релјеф на овој простор, кањонестите долини, растителниот и животинскиот свет, богатото културно наследство, архитектурата, традиционалните специјалитети и сето останато што го нуди, овој простор може да привлече бројни вљубеници во природата.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 5156 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger