Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » Еднодневна теренска настава со студентите до ридот Иланџа

Еднодневна теренска настава со студентите до ридот Иланџа

2.04.2012

Денес со студентите од прва и втора година на Институтот за географија (наставна насока и ГИС) се изведе еднодневна теренска настава до ридот Иланџа, десетина километри источно од Велес. Главна цел на теренската настава беше запознавање на студентите со географскиот простор на овој дел од Македонија (геологија, релјеф, клима), потоа ориентација и користење на топографски карти и користење на ГПС уреди. Патувањето во организација на Инстиутот за географија (под раководство на проф. д-р Благоја Маркоски) беше изведено со автобус до с. Ќоселари (десно од патот Велес-Штип) кое е на 240 м надморска височина, а од тука пеш со искачување од околу 5 км до самиот врв на ридот Иланџа на 664 м.
Инаку ридот Иланџа се извишува околу 400-450 м над околниот простор. Иако нема голема височина, од врвот се протега извонредно добар панорамски видик кон Јакупица на запад, Кожуф на југ, Овче Поле на север, Осоговски Планини на североисток, па дури до планината Пирин на исток. За него е карактеристично што е изграден од многу млади вулкански карпи чија старост е проценета на само околу 2-4 милиони години. Бидејќи целиот околен простор е речиси потполно оголен, овде се изразени силни појави на ерозија со многубројни долови, ендеци, свлечишта и слично. Долж јужното подножје на ридот се всекла реката Брегалница со повеќе изразити меандри, а од другата страна на реката се протега областа Криволак која наликува на полупустински пејсаж. Сето наведено предизвика значителен интерес и задоволство кај студентите, но и кај повеќечлениот наставен кадар кој учествуваше во теренската настава.
Покрај наведената теренска настава, во текот на април и мај предвидени се уште неколку еднодневни и повеќедневни теренски настави за студентите на Институтот за географија не само низ разни делови на Македонија туку и надвор од неа. Сите тие ќе придонесат за збогатување на географските знаења на студентите, размена на сознанија, другарување и сето останато што ваквите настани ги прави незаборавни.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3864 пати!

Објавено од:

Од категорија: Наставни · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger