Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Точно 100 години од потонувањето на Титаник

Точно 100 години од потонувањето на Титаник

На 15 април (недела) се навршуваат точно 100 години од потонувањето на фамозниот прекуокеански брод Титаник, кој на својот пат од Саутемптон (Британија) до Њујорк (САД) тргнал на 10-ти април 1912 година. Тоа е една од најголемите поморски катастрофи забележани во историјата, со над 1500 жртви.

Титаник бил британски прекуокеански патнички пароброд сопственост на Вајт Стар Лајн, компанија која организирала редовен прекуокеански сообраќај помеѓу Велика Британија (обично од Саутемптон) и САД (обично до Њујорк). Бил изграден во бродоградилиштето Харланд и Вулф. Во времето кога бил изграден, бил најголемиот патнички брод на светот. Бил изработен според најсовремените технологии за тоа време и се верувало дека е „непотопив“. Палубите и просториите од првата класа на бродот биле особено луксузни и убаво уредени. Имал носивост од 46.328 бруто-регистарски тони, должина од 269,1 м, парни турбини со 59.000 коњски сили, максимална брзина при полн товар од 24 јазли (44,57 км/ч) и капацитет од 3.547 патници.
Несреќата се случила за време на првото патување, кога Титаник удрил во санта мраз во Северниот Атлантик (околу 600 км југоисточно од островот Њуфаундленд) пред полноќ на 14-ти април 1912 година. Поради големото оштетување, потонал два часа и четириесет минути подоцна, во раните утрински часови на 15-ти април. Тоа бил голем шок за јавноста, особено што потонувањето завршило со огромна загуба од 1517 патници, што е една од најголемите поморски цивилни несреќи воопшто. Успеале да се спасат само 710 патници, главно жени и деца. Најголем дел од жртвите всушност премрзнале во ледените води на температура од -2 степени целзиусови. Додека се одвивала трагедијата, во близина (на 10-20 км) минувал бродот Калифорниан, кој од засега сеуште непознати причини, не помогнал иако од Титаник биле испукани повеќе сигнални ракети. Инаку, според одредени податоци, на Титаник имало и неколку македонци, од кои преживеале четворица (1).

Сантата мраз во која удрил Титаник

За потонувањето на Титаник има бројни теории, од реални, па до оние дека бил проколнат, а како потврда се наведува податокот дека на самото испловување од Саутемптон, за малку ќе се судрел со бродот Њујорк. Покрај бројните претпоставки за потонувањето на Титаник, во последно време им се приклучи и претпоставката за астрономски причини. Според неа, неверојатно ретка комбинација на астрономски фактори, вклучувајќи го најголемото доближување на Месечината до Земјата во период од 1.400 години, предизвикало невообичаено висока плима во јануари 1912 година. Таквата плима поместила огромни санти мраз од нивните места во близината на брегот на Канада и ги однела на југ. Точно три месеци подоцна плимата ги донела ледените брегови до линијата на која се движеле бродовите, поточно на местото каде што се случи историската трагедија. Невообичаено високите плими, познати како пролетни плими, се случуваат кога Месечината и Сонцето се поставени во иста линија, така што нивните гравитации се зголемуваат. Нашиот сателит на 4 јануари 1912 најмногу и се доближил на Земјата во претходните 1.400 години, а најблиската точка ја достигнал за само 6 минути полна Месечина.
По повеќето обиди за откривање на остатоците на Титаник, конечно на 1 септември 1985 година, цели 73 години по катастрофата, американско-француска експедиција водена од Жан-Луи Мишел и др. Роберт Балард објави дека е најден трупот на Титаник. Остатоците беа пронајдени на длабочина од 4 километри, нешто повеќе од 600 километри југоисточно од Мистејкн Поинт, Њуфаундленд. Најзначајно откритие што тимот го пронајде е тоа дека бродот се поделил, прамецот бил оддалечен 600 метри од крмата во сосема спротивни насоки. Се до откривањето на остатоците, главно се мислело дека бродот не се поделил. Крмата го има удрено океанското дно во позиција веднаш до предниот дел и потонала 18 метри во седиментите на океанското дно. Околу остатоците се наоѓале делови од бродот, мебел, прибор за јадење и лични предмети расфрлани на 2,6 км кв. Помеките материјали, како дрво, тепих и остатоци од луѓе биле изедени од подводните организми. Др. Балард не зел артефакти од местото, со мислење дека тоа би било еднакво на ограбување на гробови. Според морските меѓународни закони, земањето на артефакти е потребно за утврдување на правата на сопственост на остатоците на бродот. Дури во 1994 година, на РМС Титаник Инк. му беше доделена сопственоста и стекнувањето на право на остатоците. Од тогаш се извадени вкупно 6 000 артефакти и  изложени во морскиот народен музеј во Гринвич, Англија и подоцна како дел од патувачката музејска колекција.
Подоцна се изведени голем број нурнувања со подморници до остатоците на Титаник, меѓу кои и оние на режисерот на истоимениот филм, Џејмс Камерон (во 1995 и 1996 година, како и по снимањето на филмот во 1997 година). Денес дури се нудат комерцијални подморски разгледувања на Титаник, а некои од нив се планирани токму за 100-годишнината од несреќата. Инаку, на Google Earth може да се види точното место каде потонал бродот, односно каде се неговите остатоци.

Извор: http://mk.wikipedia.org/wiki/Титаник

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2818 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger