Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Петте драматични периоди во Земјината историја

Петте драматични периоди во Земјината историја

5.04.2012

Најновите истражувања, теории и симулации покажуваат дека во текот на својата историја долга 4,6 милијарди години, Земјата минала низ 5 големи драматични или катаклизмични периоди, кои биле вистинска закана за планетата и за живиот свет на неа.

Првиот катаклизмичен период се случил пред околу 4,5 милијарди години, кога штотуку формираната, млада и вжештена Земја се судрила со друга планета во формирање голема речиси колку Марс, која научниците ја нарекуваат Теа (Theia). Тоа бил незамисливо страотен судир, во кој од двете планети било исфрлено огромно количество материјал во вселената. Сепак, Земјата опстанала, а од исфрлениот материјал, со гравитациско збивање постепено се формирала Месечината. Истата на почетокот била оддалечена само околу 20-тина илјади км, условувајќи денот и ноќта на Земјата да траат по 3 часа. Се претпоставува дека во овој период на формирање на Сончевиот систем, околу Сонцето кружеле десетици планети и милиони парчиња карпи (метеори и астероиди) со чии судири нараснувале самите планети (1).

Вториот критичен период бил за време на протерозоик, пред околу 650 милиони години, кога површината на Земјата била замрзната доста долг временски период од барем 15 милиони години, неспоредливо подолго отколку заладувањето за време на плеистоцен. Во научните кругови преовладува мислењето дека целата површина била замрзната со дебела ледена покривка, па затоа овој период е наречен „снежна Земја“ (2). Како една од причините за планетарното замрзнување се наведува зголемената апсорпција на јаглерод диоксид во карпите и за сметка на тоа постепеното намалување на концентрацијата на овој гас во атмосферата. Без оглед на глобално многу ниските температури, поради топлината од внатрешноста на Земјата, океаните под мразот останале течни и полни со живот. По период од повеќе милиони години, засилените ерупции на вулканите кои исфрлале голема количина на јаглерод диоксид во атмосферата, условиле пораст на глобалната температура и постепено топење на мразот. Тогаш се случува и нагол процут на животот на Земјата – период наречен „камбриумска експлозија„ (3).

Третиот период се случил пред околу 250 милиони години, односно кон крајот на палеозоикот. Периодот е познат како „пермско изумирање“ или „големо изумирање“, бидејќи за само неколку десетици или стотици илјади години изумреле 96% од морските организми и околу 70% од копнените организми на Земјата, што е најголемо познато изумирање познато до сега. За сето тоа се наведуваат повеќе можни причини: активирање на супервулкани, запалување на огромни јагленосни наслаги во подрачјето на денешен Сибир, па дури и зачестени удари од астероиди. За опоравување од катастрофата, на Земјата и биле потребни десетици милиони години, а можеби како последица на тој процес, на копното се појавиле и развиле диносаурусите кои ќе го обележат цел мезозоик (4).

Четвртиот период е пред 65 милиони години, односно кон крајот на мезозоикот (крајот на креда) и почетокот на кенозоикот (терциер). Во екот на најголемата доминација на диносаиурусите и буен развој на животот на Земјата, одненадеж се случил удар на огромен астероид со пречник од околу 11 км, близу подрачјето на денешен Јукатан. Како последица од ударот, првин се појавила страотна експлозија со голем жежок и ударен бран, а веднаш потоа се создало огромно цунами кое ја обиколило целата Земја. Кратко време потоа првин значително пораснале температурите, за потоа да следи ефектот на „нуклеарна зима“ поради огромното количество прав што го засенило Сонцето. За само неколку години, како последица од ударот на астероидот изумреле близу 75% од сите организми на Земјата, а особено биле погодени диносаурусите чие владеење нагло завршило. Сепак, овој настан отворил пат во наредните милиони години да се развијат многу поприлагодливите цицачи (кои до тогаш биле „во сенка“), а подоцна и самиот човек.

Петтиот драматичен период започнал пред 11.500 години и трае до денес, односно период познат како холоцен. Пред околу 11500 години, по долготрајните неколкукратни глобални заладувања (плеистоцени глацијации), се јавуваат изразито брзи промени на климата кога за само неколку децении, глобалната температура се искачува за цели 7 степени целзиусови. Како последица се појавуваат големи поплави, бури, а во поларните предели интензивни снежни врнежи. Воедно, се случуваат промени во геодинамиката на Земјата, активирање на бројни вулкани, земјотреси, засилени тектонски движења и цунами. За дел од овие случувања, освен што има научни докази се оставени и преданија во најстарите записи, кои денес добиваат вистински смисол. Во истиот период, експанзијата на човекот предизвикала изумирање на бројни растителни и животински видови, а последните стотина години, делумно и под влијание на човекот, глобалната температура незапирливо расне менувајќи ги општите климатски прилики во „непознат“ правец (5).

Покрај наведените најдраматични промени, Земјата претрпела уште неколку позначајни познати и веројатно одреден број сеуште непознати промени и катаклизми. Такви биле големите изумирања на организмите помеѓу Тријас и Јура (пред 200 милиони години), потоа палеозојската катаклизма помеѓу Ордовициум и Силур (пред 450 милиони години) и можеби најжестоките настани поврзани со Девонските изумирања (пред 370 милиони години) кога исчезнале околу 70% од сите организми на Земјата (6). Како и да е, Земјата успеала некако да ги „преброди“ сите овие драматични па дури и катаклизмични настани, а да веруваме дека така ќе биде и во следните 3-4 милијарди години колку што и останува!

Извори:

(1) http://en.wikipedia.org/wiki/Giant_impact_hypothesis
(2) http://news.discovery.com/space/thawing-out-a-snowball-planet.html
(3) http://en.wikipedia.org/wiki/Cambrian_explosion
(4) http://en.wikipedia.org/wiki/Permian_extinction
(5) http://sureshemre.wordpress.com/2010/09/04/rapid-climate-change-11-5-thousand-years-ago/
(6) http://en.wikipedia.org/wiki/Extinction_event 

Автор: д-р Ивица Милевски 

Оваа статија е прочитана 8875 пати!

Објавено од:

Од категорија: Вселена, На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger