Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » Смрдлива Вода-село Коњско

Смрдлива Вода-село Коњско

Туристичкиот локалитет Смрдлива Вода, се наоѓа на надморска височина од 850 метри, а од градот Гевгелија е оддалечен 24 километри. Го зафаќа просторот помеѓу врвовите Флора, Аџибарица, Белези и селото Коњско. Просторот располага со следниве атрактивно- рекреативни објекти:

-минерални извори кај народот познати како „Смрдлива вода“ од каде што и целиот локалитет го добил своето име. Се нарекуваа така поради непријатната миризба на водата на „расипено јајце“. По својот хемиски состав се хидрокарбонатни, минерализирани, слабо кисели води. Се користат преку пиење за лекување на стомачните заболувања, потоа камен во бубрегот, песок и поситен камен во мочните патишта, воспаление во мочните органи и сл. Чистиот планински воздух и лековитоста на водата придонеле таа да се користи од локалното население уште меѓу двете светски војни, а по втората светска војна се изградиле и сместувачки локалитети за сместување и престојување на посетителите.

-терени погодни за развој на планинарењето и спортот, особено во месноста Аџибарица, односно во изворишниот дел на реката Цреша.

-пространи дабови и букови шуми како и Гол човек (Arbutus andrachne), единствено зимзелено дрво коешто двапати годишно ја менува својата црвенкаста и лушпеста кора. Интересно е тоа што кога ќе го допрете, имате чувство дека допирате нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.

-квалитетна клима и разновиден дивеч, меѓу кои како раритет се јавува и еленот.

Присуството на злато во Коњска Река и нејзините притоки, односно златоносен песок претставува ретка појава во Македонија. Премивањето на злато во минатото овде било доста развиено, па тоа може и денеска да се обнови и ќе претставува особена атракција. Реката Цреша, во својот средишен дел од текот, изградила една доста интересна кањонеста долина чија десна страна е позната под името Порта Алева Кечикај. Кечикај се одликува со мошне стрмни карпи чија височина достигнува и до 500 метри во вертикала. Тоа се доста поволни терени за алпинизам.

Наведените разновидни атрактивно- рекреативни елементи овозможуваат развој на повеќе видови туризам, како: здравствен, летувачки, ловен, излетнички и алпинистички

.

Напишал:Глигорије Џилвиџиев

  1. Стојмилов А. (1979): Просторни фактори за развој на туризмот во Кожуфско- Ниџескиот регион; Географски зборник; бр.25; стр 73-84; Скопје

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог · Tags: , ,

Еден одговор на "Смрдлива Вода-село Коњско"

  1. Darko says:

    Одлично Гиги! Особено впечаток ми остави она со златото ;)

Leave a Reply

*