Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » Викенд предлог: Белица (Порече)

Викенд предлог: Белица (Порече)

Топонимот Белица  често пати се користи за именување на географските појави, меѓу кои особено се среќава при имeнување на населбите. Со ова име се именувани повеќе населби во Р. Македонија, како и во сосетството (Србија, Бугарија итн.). Денес во Р. Македонија со името Белица се среќаваат 4 селски населби, од кои две се среќаваат во Струшко, а по една во Кичевско и во областа Порече. Во оваа прилика ќе се запознаеме со Поречката Белица, која се наоѓа во централните делови на Република Македонија, поточно во недопреното Порече (Поречие). Селото е лоцирано во подножјето на планинскиот масив ,,Мокра‘‘ (Јакупица) односно во подножјето на планините Караџица, Перчулица и Даутица. Селото Белица од 2004 година па наваму е составен дел од општина Македонски Брод (претходно општина Самоков), а од општинскиот центар е одалечена 32 км. До Белица се стигнува преку асфалтен пат во должина од 4,5 км, кој е надоврзан на локалниот пат М.Брод – Здуње. Во поглед на атарот Белица има доста голем атар со површина од 89 км ², а нејзините делови се издигнуваат од 460 m н.в. па се до височини од над  2.000 метри (Караџица 2.472 м, Перчулица 2.423 м, Попово Брдо 2.380 м, Даутица 2.178 м.  итн.). Селото е составено од две мала Долна Белица и Горна Белица. Долна Белица брои десетина куќи од кои повеќето се викендици, а Горна Белица има околу 80 – тина куќи. Во близина на Горна Белица (560 м.н.в.) се наоѓаат изворите на реката Белешница (Беличка Река). Главното извориште на реката е лоцирано на околу 80-тина метри североисточно од селото. Овој извор, претставува карстен вруток чија издашност се движи од 320 m³/s до 2,01 m³/s (еден од најголемите извори во Р. Македонија). Беличката река иако има краток тек од околу 5 км, таа е една од најголемите притоки на реката Треска (најголема десна притока). Вливот на Белешница во Треска претставува едно од најомилените места меѓу рибарите од овој крај, кои секојдневно се среќаваат. Инаку неколку километри по течението на Треска започнува вештачката акумулација Козјак, па затоа овој дел  е доста привлечен и атрактивен за риболов. Оние кои пак ќе немаат среќа во риболовот или пак не се вљубеници во него, можат да посетат еден од четирите рибници, кои се среќаваат по течението на реката Белешница. Во нив може да се најде свежа калифорниска, речна и златна пастрмка. Имено Реката Белешница сеуште изобилува со кристално бистра и чиста вода (I – класа), па затоа со право во 2002 година е заштитена како споменик на природата. Во текот на годината Беличката река има температура од околу 9 °C и претставува мотив повеќе за  разладување во летни денови.

Покрај реката Белешница, која несомнено е бисер на Белица, околината има уште многу да понуди. Во непосредна близина на селото се наоѓаат 3 пештери (Момичек, Лапарница и Голубарница) кои исто така се ставени под заштита. Пештерите меѓусебно доста се разликуваат, Момичек е позната по пештерските езерца, пештерата Лапарница е најдолгата од споменативе пештери (сложена пештера со пештерски канали во должина од околу 200 метри), пештерата Голубарник е позната по пештерските бисери, како и по мистериозниот човечки череп кој е најден во неа. Пештерите се доста посетувани од спелеолозите, кои селското училиште го имаат претворено во спелеолошки центар. Исто така, непроцелниво богатство за Белица и нејзината околина се и боровите шуми, кои доминантно се среќаваат. Доста впечатливи се и високопланинските пасишта (богати со многу тревни видови, меѓу кои значително се среќава планинскиот чај), а  особено изразито е Боро Поле, кое е издигнато на пл. Караџица на надморска височина од 1650 до 1800 метри. Покрај природните убавини, селото има и повеќе културно-историски вредности. Во непосредна близина на селото се среќаваат 3 археолошки локалитети (Кале Миткороен, Кале Дабрава и Кале Столаатец). Во служба на селото се и 5 цркви (црквички): Св. Пантелејмон (централна црква) Св. Илија, Св. Спас, Св. Тројца и Св. Никола. Во минатото Белица била доста населена, броела повеќе од 400 жители. Нажалост во периодот од 1960 до 1990 година населението масовно се иселува кон градовите (Скопје, Прилеп, М.Брод и др.), па така на последниот попис во 2002 год. брои 106 жители. Денес ситуацијата е уште позагрижувачка, во селото живеат околу 60 – тина жители и е под закана на целосно изумирање. Но, во последно време надеж даваат повратниците кои се повеќе вложуваат во обнова или изградба на нови викендици. Секако меѓу најзначајните фактори за развојот на ова село, како и на целата област Порече е целосната доизградба на регионалниот пат Скопје – М.Брод, пат кој од 2000 година па наваму се гради и никако да се изгради! Селото најмногу е посетено во летниот период, особено во периодот од 1 до 15 август, во тој период мештаните ги слават христијанските слави, Св. Илија и Св. Пантелејмон. Второ наведената слава всушност е селска слава, а тоа е одлична прилика за посета на Белица, особено за иселениците, кои со задоволство и радост чекаат да ги посетат своите огништа. Во продолжение следуваат неколку фотографии, со цел што повеќе ви ги прикажам и доловам убавините на Белица.
                                                                                   Белица (Горна Белица)

Селска плевна, во позадина пл. Караџица

Белешница (Беличка Река) една од најголемите притоки на реката Треска
Поглед кон Караџица од месноста ;,Пиралиште“Пл. Караџица (2.472 м), поглед од Пл. ПерчулицаБоро Поле

Пл. Даутица

Напишал: Дарко Стојчески

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*