Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Колкав е ризикот од удар на опасен астероид на Земјата?

Колкав е ризикот од удар на опасен астероид на Земјата?

17.05.2012

Во последно време, во медиумите се почесто се изнесуваат информации за можна опасност по Земјата од удар на астероид со помали или поголеми димензии. Исто така, често се појавуваат „загрижувачки вести“ дека на мало растојание (обично неколку десетици или стотици илјади км)   покрај Земјата поминал астероид со големина на „автомобил“, „автобус“ и слично. Оние кои ги изнесуваат таквите информации, освен бомбастичниот наслов, обично не навлегуваат во суштината, а тоа е колкав е вистинскиот ризик од удар на некој астероид кој би бил опасен за Земјата.

Најголем број на вселенски тела кои паѓаат или со кои се „судира“ Земјата на својот пат околу Сонцето се со мали димензии од неколку милиметри до неколку сантиметри. Овие мали тела, навлегувајќи во атмосферата, поради силното триење се загреваат и согоруваат во високите слоеви на атмосферата, а појавата е позната како метеор, болид или „ѕвезда која паѓа“. Обично, вакви појави има стотици, па и илјадници секој ден, особено кога Земјата пресекува метеорски облак – остаток од некоја комета. Слично е со телата (метеорите) со големина од неколку десетици сантиметри, па до метар или нешто повеќе. Сепак, ваквите метеори (кои се јавуваат многу поретко) обично експлодираат во атмосферата (на височина од 40-100 км) и се распаѓаат на мали парчиња кои потоа согоруваат. Ваквата појава обично е проследена со силен звук и изразит светлосен траг на небото. Во временски растојанија од 5-20 години, Земјата се судрува со тело (метеор) големо до десетина метри, кое исто така се распаѓа во атмосферата (20-80 км), што е проследено со силна експлозија и сјајни траги. На површината на Земјата може но и не мора (зависно од составот на метеорот) да паднат парчиња од распаднатиот метеор и да формираат мали кратери, а веројатно многу почесто истите паѓаат на морските површини предизвикувајќи помали бранови. Ризикот или опасноста од такви појави по човекот се занемарливи, бидејќи многу мали се шансите метеоритот да падне токму во населено место. Нешто поголема опасност е доколку метеорот, односно астероидот има димензии од 10-20 м, при што распаднатите парчиња може да имаат димензии до 1 м па и поголеми и да создадат кратери од десетици метри. Вакви метеорски удари на површината на Земјата се јавуваат на неколку стотици години.

Како вистински ризични метеори односно астероиди се сметаат оние со пречник над 30 метри, а колку астероидот е поголем, толку и опасноста по Земјата, односно по живиот свет на неа се поголеми. Сепак, треба да се има во предвид дека:

  • Судир со астероид со големина од 30-50 метри (се смета дека таков бил Тунгускиот астероид) се случува еднаш на околу 4000 години. Ваков астероидски удар или експлозија во атмосферата може да има катастрофални регионални последици доколку е во погусто населен простор.
  • Судир со астероид со големина од 150-300 метри се случува еднаш на 10-15 илјади години. Во случај на удар на копно, катастрофата би била од големи размери за тој дел од континентот, а би се почуствувале на целата Земја. Доколку пак падне во океанска област, би се појавило огромно цунами со катастрофални ефекти во крајбрежниот појас.
  • Судир со астероид со пречник од 300-500 м се случува еднаш на неколку стотици илјади години и би предизвикал несогледиви последици за целото човештво, особено на континентот каде е ударот или пак на целиот крајбрежен појас ако ударот е во океан.
  • Судир со астероид со пречник од 1-5 км се случувал просечно еднаш на неколку милиони години и би бил катастрофален за целото човештво, со мали можности за „преживување“ по ударот.
  • Судир со астероид или комета со пречник поголем од 5 км (како оној кој предизвикал исчезнување на диносаурусите пред 65 милиони години) се смета дека се случува на период од околу 100 милиони години и  би бил од разорен карактер за целиот жив свет на Земјата со несогледиви последици.

Вселенската агенција НАСА врши пребарување и каталогизација на потенцијално опасни астероиди (Spaceguard Survey) со пречник поголем од 150 м и нивниот број до сега е околу 1300. Сепак, шансите за судир со ваков астероид во следните 100 години се речиси никакви, а сосема мали за судар со астероид со големина од 20-150 м. Според одредени статистики, веројатноста да го загубиме животот поради удар на астероид е околу 1:700.000 или помали од веројатноста да го загубиме животот во силен пожар!

Затоа нема потреба од реакција на бомбастични наслови дека „ни се приближува астероид со големина на автобус“, особено ако тој помине на „само“ 100, 200 или 300 илјади км оддалеченост од Земјата. Многу поголема реална опасност се секојдневните сообраќајни и други несреќи, разни природни непогоди и слични закани.

Извори: 

http://en.wikipedia.org/wiki/Potentially_hazardous_asteroid
http://www.universetoday.com/12522/when-do-asteroids-turn-dangerous/
http://www.cfa.harvard.edu/news/2010/su201026.html

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 5562 пати!

Автор:

Од категорија: На тема · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger