Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Неколку едноставни чекори да креирате своја (географска) веб-страница

Неколку едноставни чекори да креирате своја (географска) веб-страница

27.05.2012

Современиот начин на живот, работа, информирање, забава, едукација и комуникација е незамислив без користење на интернет. Тој нуди  речиси неограничени можности на сите наведени полиња, а во блиска иднина неговото значење и влијание ќе биде непроценливо во сите сегменти на живеењето. Една од погодностите на интернетот е можноста, брзо, лесно и на едноставен начин да ги претставиме нашите идеи, ставови и гледишта пред пошироката јавност, да се претставиме самите и да го претставиме она што го работиме. Креирањето и поставувањето на соодветна веб страница е можеби основниот чекор за остварување на тие цели. Сепак, иако бројот на корисници на интернет во Македонија е доста висок и во постојан пораст, тоа не е случај и со креирањето и поставувањето на веб страници. Инаку, самата постапка да се направи персонална или веб страница за географска секција, за географски активности, некаков едукативен портал и слично, во основа е доста едноставна. Затоа овде врз основа на сопствени повеќегодишни искуства се наведени неколку основни чекори како да се креира и постави веб страница според соодветен редослед:

  • Креирање на концепција на веб-страницата (на што би се однесувала, кон кого би била наменета, како би изгледала, дали лична или бизнис веб страна и сл.). За таа цел можат да се разгледаат постоечки веб страници и да се добијат одредени идеи.
  • Првин треба да се обезбеди хостинг провајдер (сервер на кој ќе се става содржината за веб страницата), да се одреди веб-адресата за таа страница (на пример: geografi.50webs.com) и да се избере програма или алатка за изработка на самата веб страница.
  • Избор на хостирање за новата веб страница (може да биде бесплатно или комерцијално). На следниот линк можат да се изберат бесплатни сервери за поставување на веб страница (http://pathanruet.wordpress.com/2011/04/21/top-10-free-web-hosting/), додека пак за платени хостинг сервери на: http://www.top10bestwebsitehosting.com. Ако е бесплатен веб хостинг (еден од најдобрите е www.50webs.com) важно е да нема банери т.е. реклами кои непотребно би покривале дел од изработената веб страница (no banners), иако во последно време, ретко се поставуваат такви реклами без дозвола на креаторот на страницата. Всушност, некои фирми кои нудат бесплатен хостинг и одржување на веб страница, токму врз основа на тие банери или рекламни прозорчиња добиваат одредени финансиски средства. Бесплатно хостирање и изработка на веб страница може да се врши директно преку Google како што се Google Blogger и Google Sites. Пред да може да се користи бесплатен хостинг, мора да се направи регистрација со внесување на основни податоци и да се активира членството преку e-mail адреса. По активирањето, може да се пристапи кон изготвување и уредување на веб страницата онака како што ни е замислена. Сепак, бесплатното хостирање најчесто има бројни ограничувања во однос на големина на фајлот или сликите што може да се внесат, расположивиот простор на серверот, одржувањето, сигурноста и слично. Затоа многу поголема е предноста на платените хостирања. Денес, платени хостинг сервери може да бидат многу евтини дури и до 1500 денари годишно, а да нудат бројни дополнителни услуги. Такви ги има и кај нас во Македонија, на пример: http://www.mkhost.com.mk/ или пак https://ehost.mk/hosting. Тие нудат поддршка во текот на целата година во вид на техничка помош, инсталирање на платформи, бекапување на содржини и слично и ги немаат ограничувањата на бесплатните хостирања.
  • Избор и регистрација на веб адреса или уште познато како веб домен (web domain): може да биде личен домен по сопствен избор (на пример: www.geografi.com.mk), кој обично се плаќа (околу 500-1000 денари годишно) или бесплатен домен кој е субдомен (на пример: geografi.50webs.com – мора да стои 50webs.com или слично име понудено од фирмата). Доменот или веб адресата се неопходни за да може да се постави веб страницата на интернет и некој да може да ја пронајде (слично на адреса на живеење).
  • Избор на алатка за изработка на веб страница. Има три начини: преку едноставен веб-сајт креатор поставен на самиот сервер т.е. хостинг (едноставни алатки кои ги има на некои сервери за хостирање: website builder), потоа преку програма за изработка на веб страници како што е Microsoft Frontpage, Microsoft Office Share Point Designer 2007 и други. Третиот начин е со динамичка веб страница која може да се уредува директно на интернет без да се влегува во некоја програма. Такви се Google Blogger на Google, потоа Google Sites и еден многу популарен динамичен пристап наречен WordPress (http://wordpress.org/) кој има поддршка и на македонски јазик. Така, ИГЕО порталот е врз основа на WordPress платформата каде е избрана соодветна тема (бои, фонтови, поставеност), додека веб страницата на Институтот за географија е изработена во Microsoft Office Share Point Designer 2007.
  • Ако сакаме да поставиме WordPress страница, хостинг серверот треба да поддржува инсталација на ваква платформа (тоа е ретко ако е бесплатен хостинг, но затоа пак го имаат речиси сите платени хостинг провајдери). Ако е бесплатен сервер треба да се провери кои можности ги има за поставување на содржина на серверот. Предноста на WordPress е што е многу едноставен за работа, има бројни бесплатни теми, додатоци, корисни алатки и што содржините многу брзо се појавуваат на интернет пребарувачите како Google, Yahoo и други.
  • Внесување на изработена статичка страница (во некоја програма на компјутер како што е Microsoft Office Share Point Designer 2007) или промени на серверот (а од таму на интернет), најчесто се врши преку таканаречен ftp клиент. Тоа може да биде програма како што е Filezilla (бесплатна програма, се симнува од интернет). По инсталирање на ваков ftp клиент, се внесуваат основните параметри и се појавуваат два главни прозорци. Левиот прозорец ја покажува содржината на нашиот компјутер, а десниот ја покажува содржината на интернет серверот. Според тоа, едноставно ги префрламе потребните датотеки од локалниот компјутер на интернет серверот и на интернет проверуваме каков изглед добива нашата веб страница.
  • По изработката на првичната веб страница, останува уште потребата што побрзо и подобро да ја регистрираат интернет пребарувачите (Google, Yahoo, MSN) и да биде меѓу првите позиции. За такво нешто, треба страницата да биде едноставна, со соодветно избрани клучни зборови и метатагови, потоа да биде поставена на добар сервер и слично. Колку е повисоко на листата на пребарување, толку нашата веб страница ќе биде подостапна и веројатно повеќе посетена, особено ако има интересни содржини.

 

Според тоа, јасна е препораката (во овој случај до географите) да го следиме современиот светски тренд и со малку повеќе труд и внимание да се изработи и постави барем едноставна веб страница од нашиот домен на интерес. Таа ќе го привлече вниманието на учениците (ако станува збор за наставници), потоа клиентите и институциите (ако станува збор за туризмолози, ГИС-експерти или демографи), но и на пошироката јавност. Со тоа, значително се зголемуваат можностите за севкупен успех, промоција и постигња пред се на професионален план.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7033 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger