Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Наставни » При теренската настава до Мостар, потпишан договор за меѓуфакултетска соработка!

При теренската настава до Мостар, потпишан договор за меѓуфакултетска соработка!

30.05.2012

Институтот за географија, за студентите од I и II година од насоката за туризам, организираше теренска настава на релацијата: Скопје-Подгорица-Никшиќ-Мостар-Меѓугорје-Дубровник-Подгорица-Кукс-Приштина-Скопје. Целна дестинација на ова теренска настава беше градот Мостар со областите Меѓугорје и Љубушко. Во таа насока се посетија голем број туристички локалитети, како што се: Кравице, едни од најатрактивните водопади во Европа, Хутовото блато, најголемиот орнитолошки резерват на Балканот и живеалиште на 23 видови риби, самостанот во Љубушки со најголемата и најбогатата галерија на скулптури и на уметнички слики во БиХ и вистинска туристичка дестинација, стариот град Мостар, со атрактивниот Стар мост, како и сите останати културно-историски знаменитости во градот, гратчето Меѓугорје, една од најатрактивните дестинации за верски туризам во светот, пештерата “Ветерница”, една од трите најдолги и туристички најуредени пештери на Балканот, неколку винарии, и други туристички објекти и локалитети.
Како една од примарните цели на ова теренска настава беше и потпишувањето на договорот за соработка помеѓу нашиот факултет и Факултетот за природословни и одгојни науки во Мостар. Договорот беше потпишан од страна на деканот на Факултетот, д-р Зоран Приморац, откако претходно беше потпишан од страна на нашиот декан д-р Доне Гершановски. На овој чин, од страна на јавните медиум на БиХ и на Република Македонија му се придаде големо значење, пришто манифестацијата беше проследена во најтиражниот весник на БиХ “Дневни лист” и уште во четири други дневни новини, додека од наша страна овој чин беше прикажан на главните вести на МТВ 1. Тоа се случи на 24.05.2012 година. Пред потпишувањето на договорот, од страна на д-р Никола Панов беше одржано предавање на тема “Туризмот и екологијата, со посебен осврт на Република Македонија”. На предавањето беа присутни импозантен број студенти и наставници од Факултетот во Мостар, што говори за големиот интерес за нашето присуство во Херцеговина и на овој Факултет, на кој патем кажано студираат 12.000 студенти.
За време на целиот наш престој на ова теренска настава не следеше екипа од МТВ 1 која, покрај редовните дневни извештаи, сними и три полчасовни емисии кои ќе се емитуваат на овој телевизиски канал, што за нашиот Факултет претставува еден сериозен вид пропагандна активност.
Сместувањето на студентите, наставниците и сите останати присутни, беше спонзорирано од страна на Македонското друштво во БиХ “Вардар” а за целото време на престојот бевме придружувани од претседателот на истото, како и од страна на останатите наши домаќин ии пријатели.
Покрај работниот дел, домаќините се потрудија да организираат и културно забавни активности и, во таа насока, се покажаа исто така како одлични домаќини.
Теренската настава се одржа во деновите 23, 24, 25, 26 и 27.05.2012 година а, покрај студентите, на истата присуствуваа уште и следните наставници и соработници: д-р Никола Панов, д-р Мирјанка Маџевиќ, д-р Билјана Апостоловска Тошевска, д-р Милена Талеска, д-р Дејан Илиев, м-р Иван Радевски, како и нашата колешка од Институтот за етнологија и антропологија д-р Мирјанка Мирчевска.
Технички организатор на патувањето беше туристичката агенција “Оскар травел”, која својата работа ја изврши исклучително успешно.

Автор: проф. д-р Никола Панов

Оваа статија е прочитана 2319 пати!

Автор:

Од категорија: Наставни

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger