Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » 10-те најголеми острови на Земјата

10-те најголеми острови на Земјата

3.06.2012

Се проценува дека Земјата е составена од над 180 илјади острови. Од нив, најголемите 10 се: Гренланд, Нова Гвинеја, Борнео, Мадагаскар, Бафинова Земја, Суматра, Хоншу, Велика Британија, Викторија и Елсмир.

1. Гренланд

Гренланд е автономна држава во состав на Кралството Данска, лоциран помеѓу Арктичкиот и Атлантскиот Океан, источно од Канадскиот Арктички архипелаг. Иако физиографски е дел од континентот Северна Америка, Гренланд е политички поврзан со Европа речиси илјада години. Населен е со домородни Инуити и доселени Нордиски народи. Од животински свет, на Гренланд живеат значителен број поларни мечки, кои порано многу се ловеле за кожите и месото, а денес се заштитени со закон. Речиси 83% од површината му е покриена со мраз и речиси целото население живее по југозападните фјордови каде има релативно поблага клима. Според површината од 2 166 086 км кв., Гренланд е најголемиот остров во светот, а според популацијата од 56400 луѓе во 2010 година, ова е најретко населена земја. На Гренланд се наоѓа и најголемиот национален парк во светот.

2. Нова Гвинеја (Папуа)

Нова Гвинеја или Папуа, по Гренланд е втор најголем остров во светот. Нова Гвинеја има вкупна површина од 890 000 км кв. Островот се наоѓа во југозападниот Тихи Океан и географски се наоѓа во источниот дел од Малајскиот Архипелаг. Овој остров е поделен на две области, едната област припаѓа на Индонезија додека пак другата на Нова Гвинеја. Терминот ‘’Папуа’’ се користи за островот како целина. Во овој остров се наоѓа највисоката планина во Индонезија, тоа е Пунчак Џаја (5030 m).

3. Борнео (Калимантан)

Борнео е трет по големина остров во светот со површина од 743 330 км кв. и се наоѓа во центарот на Малајскиот Архипелаг. Административно е поделен помеѓу Индонезија, Малезија и Брунеи. Индонезијците островот го нарекуваат “Калимантан”. Малајците островот го нарекуваат Источна Малезија или Малајски Борнео. Во антички времиња, Борнео било име што го користеле колониите на Холандија и Британија.

4. Мадагаскар

Мадагаскар или Малгазија е остров во Индискиот Океан, недалеку од Јужна Африка. Островот зафаќа површина од 587 041 км кв. и е четврт остров по големина во светот. На Мадагаскар се наоѓаат 5% од растенијата и животните во светот, од кои 80% се загрозени. Геолошки гледано, Мадагаскар лежи на посебна плоча која била одвоена од индискиот континент. На овој остров се среќаваат многу стари карпи кои можат да се сретнат и во Австралија.

5. Бафинова Земја

Бафинова Земја или Бафинов Остров е еден од островите на Арктичкиот Архипелаг во северна Канада и припаѓа на сојузната територија Нунавут. Со површина од 507 451 км кв., тој е најголемиот канадски остров и петти по големина во светот. Островот е крстен по името на британскиот истражувач Вилијам Бафин, а некогаш Нордијците го викале Хелуланд. Најголемото населено место на островот е главниот град на Нунавут – Иквалуит, кој е сместен на неговиот јужен брег, кај Фробишеровиот Залив. На Бафинова Земја е честа појавата на поларен ден (во лето) или поларна ноќ (во зима). Од животните, најзастапени се арктичките ѕверови и белите китови.

6. Суматра

Суматра е индонезиски остров, еден од Големите Сундски Острови. Со површина од 425 000 км кв. Суматра е шести остров по големина во светот. Има 40 милиони жители. Екваторот поминува низ средината на островот. На планината Керинчи е највисокиот врв на Суматра (3.805 метри). Суматра е позната по интензивната вулканска активност. На овој остров се наоѓаат значајни извори на нафта.

7. Хоншу

Хоншу е најголемиот остров во Јапонија, кој се нарекува уште и јапонско копно. Се наоѓа јужно од Хокаидо преку преминот Цугару, северно од Шикоку. Тој е седмиот најголем остров и вториот најнаселен во светот, веднаш по островот Јава во Индонезија. Површината на островот е 227 414 км кв., и зафаќа околу 60% од вкупната површина на Јапонија. Хоншу има 5450 km брегова линија. Хоншу е планинско-вулкански остров на кој има чести земјотреси. Најголемиот врв е активниот вулкан Фуџи, висок 3 776 m. Има многу реки, вклучувајќи ја и најдолгата јапонска река Шинано.

8. Велика Британија

Велика Британија е осми по големина остров во светот. Се наоѓа во северозападна Европа и зафаќа површина од 219 000 км кв.. Трите земји што го покриваат островот се Англија, Шкотска и Велс. Покрај нив во рамките на кралството се наоѓа уште и Северна Ирска. Островот Велика Британија порано бил поврзан со Европа, но со текот на времето тој се одделил од неа.

9. Викторија

Викторија е еден од многуте острови во северна Канада. Зафаќа површина од 217 291 км кв., и спаѓа во првите десет најголеми острови во светот. Овој остров е втор по големина во Канада (прв е островот Бафинова Земја). Островот Викторија многу личи на ловоров лист, тоа е еден од симболите во Канада. Името го добил по англиската кралица Викторија.

10. Елсмир

Елсмир исто така се наоѓа во севрна Канада и зафаќа површина од 196 236 км кв. Овој остров е 10-ти најголем остров во светот, а трет по големина во Канада. Откриен е од страна на британецот Вилијам Бафин во 1616 година.

Табела на најголемите острови во светот 

Име на островот

Океан

Држава

Површина (км кв.)

Гренланд

Атлантски

Данска

2 166 086

Нова Гвинеја

Тихи

Папуа Нова Гвинеја

890 000

Борнео (Калимантан)

Тихи

Индонезија, Малезија, Брунеи

743 330

Мадагаскар

Индиски

Малгазија

587 041

Бафинова Земја

Северен Леден

Канада

507 451

Суматра

Тихи

Индонезија

425 000

Хоншу

Тихи

Јапонија

227 414

Велика Британија

Атлантски

Обединето Кралство

219 000

Викторија

Северен Леден

Канада

217 291

Елсмир

Северен Леден

Канада

196 236

 

Извори:

http://freakz.info/2012/05/25/top-10-largest-islands-in-the-world/

Подготвил: Емир Емрулаи, студент на Институтот за географија

 

Оваа статија е прочитана 5076 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger