Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Село Папрадиште – прекрасна планинска убавина која треба да се посети!

Село Папрадиште – прекрасна планинска убавина која треба да се посети!

8.06.2012

Папрадиште е село во општина Чашка, во срцето на областа Азот. Селото е сместено на јужните падини на планината Јакупица, во горниот (изворишен) дел на реката Бабуна, на надморска височина од 980 м. До селото се стигнува по асфалтен пат кој е поврзан со соседните села Богомила, Нежилово, Бистрица и Ореше. Селото Папрадиште има богата историја. Жителите во ова село потекнуваат и се доселени од мијачките села Тресонче, Гари, Лазарополе, а причината била главно поради честите напади од качачките банди. Поврзано со историјата на ова село е тоа што од овде потекнуваат многу познати историски личности: Димитар Андонов Папрадишки (познат македонски сликар), Андреја Дамјанов (познат градител на многу цркви во Македонија и на Балканот – го изградил манастирот Јоаким Осоговски во Крива Паланка), Димитрија Чуповски (македонски национален деец, на кого во селото има изградено спомен плоча посветена на него). Во селото извесно време престојувал и Ѓорги Сугаре во предвечерјето на Илинденското востание во 1902-та година, кога го повикал мијачкото население во борба против османлиското ропство. Во селото порано имало и изградено кула, каде селаните им го давале данокот на турците, бидејќи турците не смееле да влезат во селото.

Селото Папрадиште изобилува со преубава недопрена природа. Во самото село има многу папрат, па се смета дека тоа е поврзано со името на селото. Во ова село моментално нема жители, но за време на летниот период е полно со посетители од Скопје и Велес, потомци од ова село кои доаѓаат да си ги посетат куќите. Ова село најмногу посетители има на 12-ти и 13-ти јули на двата верски празници Св.Петар и Павле, каде сите верници од православна вероисповест одат во истоимената црква во селото. На овој празник, кај сите оние што се викаат Петар, Петре, Павле мажите одат на ракија, додека жените дома прават голема гозба. Најчесто на масата традиционално треба да има печено јагнешко месо, комат (зелник), печен компир, топол печен леб и познатата сливова ракија. Кога ќе завршат мажите со гозбата што им ја спремиле жените, сите заедно одат на средсело на оро. Целото село се собира на едно место и сите заедно се веселат со народни песни и ора. Селаните се облечени во традиционална мијачка носија. Женската мијачка носија е една од најубавите носии во македонија и таа може да се сретне како моминска, невестинска и облека за постари.

Папрадиште е село кое има голем потенцијал за развој на селскиот туризам. Неодамна во селото се обнови селското училиште, кое се пренамени за планинарски дом. Истиот располага со 35 легла, кујна, туш кабини, сала за состаноци и може да послужи за индивидуални или групни посети. Овој дом е отворен секогаш и него го чува домар. Воедно, селото Папрадиште претставува попатна или почетна точка кон планинарскиот дом Чеплес и врвот Солунска Глава, до кој се стигнува за неколку часа. Селото има прекрасно природно опкружување и одличната положба на падините на Јакупица. Во непосредната околина има две изразити природни карпи и за нив постојат интересни легенди. Првата карпа е наречена „Маркова стапалка“ поради тоа што се смета дека Крале Марко од тука застанал со коњот да одмори, пред да oди во Прилеп. Оваа карпа, од далеку навистина наликува на коњ. На неа има вдлабнатина во вид на стапалка, обично исполнета со вода во која се оставаат парички. Другата природна карпа наречена „Краста“ го добила своето име поради тоа што сите животни што некогаш ги чувале селаните, тука одмарале. Во густата шума над селото, во местото наречено „Бабина Рупа“ може да се посетат двете бачила каде се прави првокласно и многу вкусно овчо сирење. Овде посетителите и планинарите често застануваат на починка и да пробаат од сирењето.

Во селото има неколку чешмички каде населението полнело вода во стомни, а според тоа во која маала се наогаат си носат свое име: Калинска чешма, Мечкаровска чешма и Средселска чешма. Високо над селото, се наоѓаат два големи извора „Маркова чешма“ и „Кирчев извор”, а од другата страна на патот за накај планинарскиот дом Чеплес, се наоѓа уште еден извор во местото наречено „Гарван” кој е карактеристичен по тоа што и во летните месеци има многу студена вода.

Населението во Папрадиште порано се делело на родови со имиња добиени според разни легенди и преданија, како на пример род Ќулавковци, род Мечкаровци, род Чуповци (тоа е родот на Димитрија Чуповски), род Лопатаровци и други. Селската архитектура и изгледот на куќите овде е доста карактеристичен. Според типот, тоа се мијачки куќи, познати како куќи на високо. До катот куќите се граделе со камен, а горе со керпич или понекогаш со плетеница. Оние побогатите ги покривале куќите со турска ќерамида, а посиромашните со слама или со плочи. Се вели дека кога се градело нова куќа, адет било сите селани од селото да помагаат во изградбата и тоа во ѕидарските работи, во сечење и пренос на дабовите греди од подалечните кории и други работи. Од неодамна, во периодот од 1-15 јули, во планинарскиот дом во селото се одржува ликовно-резбарска колонија која се нарекува „Папрадишки Мајстори” со познати сликари, резбари и скулптори од Македонија, Бугарија, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и др. Тие цртаат, изложуваат и продаваат слики на кои се насликани делови од селото. Во близина пак е селото Нежилово со прекрасниот рибник, а и останатите околни села се извонредно атрактивни. За папрадишани се знае дека се горди на потеклото, чесни и патриоти. Затоа ветуваат дека селото нема да одумре и секогаш ќе има некој кој ќе ги пречекува гостите, па повелете и вие во оваа прекрасна планинска убавина.

Подготвиле: Благица Павловска, студент на ИГ-насока туризам и д-р. Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 8455 пати!

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија

Еден одговор на "Село Папрадиште – прекрасна планинска убавина која треба да се посети!"

  1. magdalena says:

    Bravo za sestra mi prekrasno napisano

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger