Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Уживајте во патешествието по интересната Бислимска Клисура кај Куманово

Уживајте во патешествието по интересната Бислимска Клисура кај Куманово

19.06.2012

Во непосредна близина на градот Куманово, низводно од вливот на Кумановка во Пчиња, природата ја изградила прекрасната Бислимска Клисура, која по своите карактеристики е меѓу најинтересните во Република Македонија. За клисурата и нејзините богатства малкумина знаат, иако станува збор за природна реткост која е оддалечена само 5 км од градот. Под името Бислимска клисура, е опфатен делот помеѓу ридот Краста од западната и ридот Голиќ од источната страна, односно длабоко всечената долина на реката Пчиња од с. Доброшане до с. Пчиња. Клисурата е долга само 7 км, но и на така мала должина има многу што да се види. Во народот овој простор се нарекува едноставно “Бислим” и веднаш асоцира на каменлив и мистериозен простор каде ретко кој поминува. Според сознанијата, името најверојатно потекнува од средновековното село кое се простирало во средишниот дел од клисурата, а кое се раселило кон крајот на 16 или 17 ти век т.е. за време на турското владеење.

Пристапноста до Бислимската клисура е можна од неколку страни. Наједноставно се доаѓа преку исклучување од магистралниот пат Куманово – Св. Николе непосредно кај Орашачкиот мост, а потоа се следи течението на реката. Втората можност е од јужната страна – преку с. Пчиња, па се оди возводно на течението на реката. Но мора да се каже дека средишниот најинтересен дел на клисурата е сосема непристапен за било какво возило и може да се помине само со пешачење. За да ја видиме клисурата во целата своја убавина, најдобро е да се искачиме на ридот Краста, односно врвот или месноста Тикијарница кој е над самата река. Се забележува силното меандрирање на Пчиња која е во карпестата бездна длабока скоро 300 м. Од тука се гледа и највисокиот врв во областа – Кукуљатица со своите 722 м. Краста и Голиќ се испресечени со поплитки и подлабоки суводолици, низ кои вода тече само по силни врнежи. На некои места, овие ридови наликуваат на вистински карпести пустињи слични со оние во херцеговското подрачје. На Краста над каменоломот можат да се видат и неколку вртачи – единствени од таков вид во кумановско. За нивно создавање биле потребни илјадници години во кои атмосферските врнежи го растворале варовникот и формирале вдлабнатини.

Нашето патешествие по Бислим ќе го започнеме од северната страна, односно од вливот на Кумановска Река во Пчиња. Во почетокот, долината на Пчиња е широко отворена. Речното корито е со мал пад, а долж него се издвојуваат песокливи речни острови. Од спротивната страна во Пчиња се влева  кратката рекичка Градишачка Лука која извира од Градишки Рид. Неколку стотици метри низводно од вливот на Кумановска Река во Пчиња, долината нагло се стеснува и навлегува во дебели варовнички маси стари 140 милиони години. Одеднаш широките колски патишта покрај реката стануваат едвај проодни, а оние што ќе продолжат не претпоставуваат што ги очекува понатаму. Природната питомост на просторот добива див изглед, а реката Пчиња го забрзува своето течение удирајќи во старите карпести маси. На некои места карпите толку стрмо се спуштаат кон реката, што се чини како да се со нож пресечени. Дури се случува да надвиснуваат над речниот тек. Движејќи се покрај речното корито и поминувајќи ја реката на погодни места, веќе по неколку стотици метри доаѓаме до првото изненадување што ни го приредила природата. Имено од десната страна на реката може да се здогледа отворот на првата пештера која поради надвиснатите карпести отсеци добива страшен изглед. Народот оваа пештера ја нарекува Маркова Куќа. Легендата вели дека некој си ајдук Марко бркан од турците, нашол пештера чиј влез бил крај реката а излезот сосема високо над ридот. Така им побегнал на турците, а од тогаш пештерата добила име Маркова Куќа. Современите истражувања покажуваат дека оваа пештера или поточно пропаст е меѓу најголемите во овој дел на Република Македонија. Нејзиниот влез се наоѓа во подножјето од врвот на ридот (кота 421 м), но истиот е натрупан со камења заради заштита на добитокот од случајно паѓање. Така влезот во овој подземен свет од горната страна е скоро невозможен. Но за среќа дното од пропаста е поврзано со еден широк хоризонтален канал кој почнува во карпа 10 метри над реката Пчиња. Внатрешноста на овие подземни канали е многу стрмна, и лизгава – посебно по атмосферски врнежи, па затоа треба да се движиме крајно внимателно. А во внатрешноста цел лавиринт од канали, па ако немаме добра орјентација лесно може да се загубиме во темнината. Неколку канали завршуваат со отвори во самата карпа над реката, па ни се чини како да сме излегле на некоја висока тераса од која се простира невообичаен видик. Иако не изобилува со раскошен подземен накит, и тоа што е создадено е со непроценлива вредност. За жал ретките посетители настојуваат по секоја цена да остават печат за своето присуство испишувајќи ги иницијалите на пештерските ѕидови и деградирајќи ја внатрешноста. Но треба да се знае дека ваквите подземни канали се создавани со постепено понирање на атмосферската вода низ пукнатините и тоа во период од неколку стотици илјади години – период кој е немерлив за еден човечки живот. Иако сеуште не е потполно истражена, досегашната должина на сите канали во Маркова Куќа е околу 150 метри. Затоа таа претставува вистински раритет за Кумановската околина.

По излезот од Маркова Куќа го следиме течението на Пчиња до месноста Орловац. Овде долината има речиси кањонски карактер со вертикални страни високи до 200 метри. До пред десетина години високите карпести чуки биле навистина населени со повеќе семејства на орли, но денес тие се сведени на само 3-4 единки кои се задржуваат на највисоките и недостапни делови. На повисоките карпести ‘ртови може да се здогледаат таканаречените “прозорци во карпа”, многу ретка појава која настанува со сурнување на делови од стари пештери. Кај месноста Орловац, кон реката Пчиња од ридот Краста се спушта поголема карстна суводолица. По нејзиното дно слаб водотек се јавува единствено по силни врнежи од атмосферата. Воопшто, Бислимското подрачје е типичен карстен простор кој наликува на каменитите предели во Хрватска или Херцеговина. Бидејќи теренот е изграден од карбонатни карпи – варовници, кои не ја задржуваат површинската вода, целиот простор е безводен. Водата од атмосферата понира низ варовникот и преку подземни канали се влива во реката Пчиња. По суводолицата од десната страна се јавуваат 3 интересни пештери, кои името го добиле според месноста: Орлови пештери или Орлов пештер. Во внатрешноста на најголемата пештера се јавува пештерски оџак – отвор во вид на оџак низ таваницата. Оџакот е висок 15 метри и излегува на врвот од возвишението. Поради големата висинска разлика, внатре во пештерата постои силна атмосферска циркулација па имаме чувство како во старите карпести маси да е поставен голем вентилатор. Стотина метри под претходната пештера се двете помали пештерки долги по десетина метри. Низ нив едвај може да се провре човек. Тие некогаш биле кратки подземни водотеци – изворчиња, чија вода преку денешната суводолица се влевала во Пчиња.

Следејќи го течението на Пчиња низ речиси непроодниот терен, човекот не очекува дека сред оваа карпеста дивина просторот нагло ќе се отвори, ќе се “припитоми” и ќе добие рајски изглед. Овде реката нагло го менува правецот на течение – меандрира, а широката алувијална рамнина поради подземните води е раззеленета во најголем дел од годината. Постепено доаѓаме до месноста која народот ја нарекува Тикијарница. Тука од десната страна се наоѓа највисокиот кањонски дел на клисурата со преку 250 метри стрмни отсеци, а од левата страна е месноста Градиште. Иако денес просторот ни изгледа пуст и безживотен, овде некогаш минувале познати староантички патишта, а постоеле и неколку населби кои егзистирале над 1000 години. За тоа ни сведочат и разрушените остатоци од одбрамбените ѕидини во месноста Градиште, натписите по карпите, па и трагите од човековата активност во неколкуте околни пештери. Кај самиот врв во месноста Градиште не очекуваат неколку изненадувања. Во ниската карпа под врвот издлабен е правоаголен отвор низ кој се влегува во кратката пештера по чии ѕидови можат да се забележат стари натписи – веројатно уште од античко време. Денес оваа пештера сточарите ја користат како засолниште при временски непогоди. На 10 метри од влезот во пештерата, затскриен зад карпите е некаков отвор во вид на бунар. Преку отворот се нафрлани гранки за да се спречи впаѓање на добиток. Овој отвор е всушност влез во Голема Градишка пропаст, длабока над 20 метри. Во длабочина, пропаста се проширува и завршува со поголема подземна сала од која понекогаш прокапува вода. На дното има натрупани камени блокови и скелети од поситни животни. Постои легенда која вели дека тука селаните од некогашното село Бислим фрлиле турчин што сакал да потурчи македонска мома. Сосема од спротивната страна на Градишкиот пештер е помалата Градишка пропаст. Интересна е по тоа што има два влеза – канала кои на длабочина од 10 метри се спојуваат. Каналите се толку тесни што човек едвај може да влезе низ нив. Интересно е да се спомне дека во месеците јули и август по карпестата површина во овој дел на Градиште можат да се забележат голем број на змии, а посебно треба да се внимава на змиите камењарки кои се доста отровни, а тешко се воочуваат.

Во подножјето на Градиште, до самото корито на Пчиња е една од најкарактеристичните пештери во областа, која народот ја вика “Студен пештер”. Од каде и дошло името? Влезот од пештерата се состои од поголем број на отвори низ кои се одвива силна циркулација на воздухот. Тоа условува на неколку метри од влезот, температурата нагло да опаѓа. Затоа, пред неколку десетлетија, кога реката била почиста и посетувана, влезот на пештерата на посетителите им служел како ладилник за прехрамбени артикли. Кон внатрешноста на Студен пештер се одвојуваат 2 канали долги по дваесетина метри. Горниот канал наликува на лавиринт и од него може да се дојде до таваницата на понискиот канал или да се излезе на “терасата” над главниот влез. На неколку места во пештерата има интересен подземен накит, но и голема колонија на лилјаци од неколку стотици единки. За жал во последно време лилјаците се истребуваат поради верувањето дека имаат магијска моќ. Од спротивната страна на реката е огромен карпест отсек висок 250 метри. Овој дел народот го нарекува Мечкина клисура. Мерењата на длабочината на реката Пчиња покрај карпестите делови покажуваат вредност и до 3 метри, така што преминувањето на реката е мошне отежнато посебно за време на повисоки води. А реката мора да се премине за да се види убавиот Лишков пештер, можеби најбогатиот со пештерски накит објект во Бислимската клисура и воопшто во Кумановскиот крај.

Пристапноста на Лишков пештер е релативно тешка и води по карпести “скали” кои многу одамна делумно биле обликувани од старото население. На самиот влез од пештерата се отвора голема пештерска сала чие дно е прекриено со блокови сурнати од таваницата. Од салата продолжуваат два канали кои завршуваат со помали кружни проширувања. Низ каналите се забележува прекрасен пештерски накит во вид на завеси, бледо-жолти сливови, а од таваницата се спуштаат тенки цевчиња – сталактити, кои природата макотрпно ги создавала. Во почетниот дел на левиот канал можат да се приметат неколку камени садови со голема старост кои ги користело дамнешното население. Од десниот канал се издвојува спореден канал кој се спушта во длабочина и завршува со кружна сала. И овој канал е богат со сталактити, а се јавуваат и неколку сталагмити. На дното од каналот во зимскиот период од годината се формира мало езерце, кое понира преку пукнатината, а водата му истекува директно во реката Пчиња. Внатрешноста на Лишков пештер е доста топла и влажна, а располага и со разновиден животински свет, особено подземни инсекти. Постои верување дека во пештерата и околу неа има закопано богатство. Затоа честопати можат да се забележат “авантуристи” кои се во потрага по богатството, но нивните соништа не се остваруваат. Ако неможе да се најде вистинско богатство барем се крши по некој сталактит или сталагмит, а со тоа се прави ненадокнадива штета бидејќи се уништува единствен вака раскошен објект во Кумановскиот крај. А замислете само, природата секој сталактит го изградува со капнување на милиони капки а за едно цевче долго 5 см, потребни се преку илјада години. Да не ја дираме барем оваа пештера за да остане за идните поколенија да има на што да се восхитуваат.

По напуштањето на Лишков пештер повторно мора да се премине реката за да се видат уште неколку интересни места во локалитетот Китке. Самото искачување до месноста е многу напорно. Сепак трудот се исплаќа бидејќи се доаѓа до уште една пештера наречена Дуенички пештер. Таа е една од помалите и посиромашни со накит, но е интересна по формата и морфологијата на главниот канал. Пештерата е долга 30 м, и сосема е пристапна. Затоа се користи како засолниште за сточарите и за добитокот особено кога се јават временски непогоди. Неколку десетина метри под пештерата, природата создала впечатлив прозорец во карпа. Под влијание на врнежите, ветерот и механичкото распаѓање, помеките делови од карпестата маса побрзо се распаѓале, па така за период од 10 илјади години се оформил отвор кој наликува на прозорец. Од овде се пружа убава глетка кон Градиште и кон Тикијарница, а во бездната, во длабочина од 60 метри е течението на Пчиња.

Спуштајќи се низводно по реката, постепено тесното речно корито, се проширува во алувијална рамнина во која геолошките испитувања утврдиле постоење на конкреции на златни честички. Можеби поради тоа нешто често низ Бислимска клисура можат да се сретнат “копачи на злато” кои само го уништуваат изгледот на прекрасниот пејсаж, а од златото ниту трага. Дури и да се пронајде некое помало парченце или златен предмет, направените штети ќе бидат многу поголеми отколку користа. Попречно, преку речното корито постои еден земјено-камен бедем висок скоро 1 метар, остаток од стара преграда на реката која веројатно служела за акумулирање на вода, а понатаму за наводнување на низводните полиња.  Постепено, на самиот крај од клисурата, започнуваат првите куќи од селото Пчиња. Тука кај самото село завршува клисурата, а завршува и нашето патешествие.

Уверени во убавините на Бислимската клисура, заедно со необичните работи што ги сретнавме и изненадувањата на кои наидовме, го напуштаме пределот би рекле овој рајски простор на само десетина километри од градот Куманово. Длабокиот и импресивен кањон, бројните кратки но интересни пештери и пропасти, богатиот животински и растителен свет ја прават Бислимската клисура природен уникат на овој дел од Македонија. Воедно се прашуваме како е можно да не сме знаеле што се крие во овие прастари карпи. Но се наметнува и помислата дека ваквата убавина треба да се сочува за идните генерации. Штета е што загадените води на Кумановска Река, преку Пчиња доста го деградираат просторот кој до пред дваесетина години бил често посетуван од излетниците. Затоа сите ние треба да поведеме поголема грижа да не го уништуваме она што останало, туку спротивно – да ја вратиме некогашната чистота и убавина на овој бисер на Куманово.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4655 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger