Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Лас Вегас – градот на забавата

Лас Вегас – градот на забавата

27.06.2012

Лас Вегас, најчесто нарекуван “Градот на гревот” е можеби единствено место во светот во кое паѓаат сите предрасуди. Светол, луксузен и толку привлечен, тој е меѓународниот главен град на коцкањето и култната забава, град во кој и незапирливите запираат. Тука се наоѓаат некои од најголемите луксузни казина и хотели во светот, тука се собрани сите коцкарски искушенија, градот на безбројните свадби.
Еве накратко каква е историјата на Лас Вегас. Создаден е во 1905 година, а добива официјален статус две години подоцна. Денес Лас Вегас, кој во превод од шпански значи “ливадите” претставува најгусто населен град во американската држава Невада и светски туристички центар во кој се собираат нестрпливи посетители од секакви националности. Кога ќе се најдете меѓу целиот овој луксуз и сјај, буквално ќе ви се отвори еден нов свет. Пред вас ќе се исправат восхитуваќки хотели и казина, од кои буквално запира здивот.
Некои од најрепрезентативните хотели се: Wynn Las Vegas Resort and Casino, кој до неодамна беше и најскапиот хотелски комплекс, MGM Grand Hotel and Casino – грандиозен комплекс, во кој можете да уживате во огромни соби, неверојатни спа услуги и одлични клубови, Paris Las Vegas Hotel and Casino – овде ќе се почувствува елегантниот париски воздух сред Лас Вегас, како и Planet Hollywood Hotel and Casino, кој со своите 2500 луксузни соби, ресторани, казино и клубови ќе ве освои на прв поглед.
Се разбира освен хотелите и казината, Лас Вегас нуди уште еден куп други атракции и забава. Tука ќе се најде богата палета на луксузни трговски центри, изложби на неверојатни автомобили и слики и многу воодушевувачки знаменитости. Можеби е најдобро прво да се насочите со камера во раката кон познатата табла “Welcome to Las Vegas”, пред која сите гости на градот имаат можност да се фотографираат и да ја документираат својата посета на Лас Вегас. Ако не сте биле на повеќето познати места во светот, тогаш токму сега е моментот да ги посетите и тоа одеднаш. Лас Вегас нуди единствена можност да се прошетате низ каналите на Венеција, низ романтичниот Париз или преубавата Москва. Тука може да се сретне буквално се, може да го искусите античкиот Рим, древниот Египет, да шетате по улиците на Менхетен, Ајфеловата Кула, едноставно ги задоволувате целосно сите туристички апетити.

Лас Вегас е сместен во пустинската област во округот Кларк. Градот е опкружен со суви планини, пустинска вегетација и жив свет и се наоѓа на 620 м надморска височина. Природното опкружување е карпесто и прашливо. Меѓутоа, во градот има многу дрвја, тревници и други растителни површини. Според пописот, целиот регион на Лас Вегас има 1.865.746 жители и бележи најбрз пораст на население во САД. Голем дел од новодоселените жители потекнуваат од Калифорнија.

Градот кој беше основан пред малку повеќе од еден век (во 1905 година), по легализацијата на коцкањето и изградбата на браната Хувер во триесеттите години на минатиот век го почна својот развој до она што претставува денес и по што го добил прекарот „главен град за забава во светот“. А се’ почна како идеја на организираниот криминал да ги испере своите валкани пари. Бенџамин Багзи Сигел, американски гангстер, кон крајот на декември 1946 година го отвори својот хотел „Фламинго“ во делот на градот каде што денеска се простираат најграндиозните објекти.

Лас Вегас, сепак, е нешто повеќе од место само за коцкање. Тоа е место каде што буквално можете да ја допрете индустријата за забава. Така, во „Менделеј беј“ можете да го гледате светскиот хит, мјузиклот „Мама миа“, чија основа се песните на ABBA. Во „Венеција“ се изведува перформансот „Блу мен груп“, извонредна интерактивна претстава проследена со музика, жонглерство и извонредни ефекти. Тука се и Елтон Џон со своето црвено пијано, Бет Мидлер, илузионистот Дејвид Коперфилд, но и концертот на„Апокалиптика“ и многу други музички групи. Има за сечиј вкус и не баш за сечиј џеб, особено ако одите семејно. Иако не треба да се пренебрегнат ниту бесплатните атракции, како преубавата фонтана која игра во ритамот на музиката пред „Белаџио“, или малку подолу ерупција на вулкан или поморска битка со гусари. Лас Вегас располага со најмалку 80 илјади хотелски легла. Самиот град е со нешто повеќе од половина милион жители, но со околните населби е околу два милиона жители, што го рангира како најголем град основан во САД во минатиот век. Филмската индустрија на своевиден начин го рекламира Лас Вегас. Голем број на филмски хитови се снимени токму тука во некои од споменатите хотели и казина. Дел од нив се: 2012, The Hangover, What happens in Vegas, Ocean`s Eleven, 21 и уште многу други.

Подготвил: Викен Ѓошевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*