Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » 10-те најдолги реки на светот

10-те најдолги реки на светот

30.06.2012

Мерењето на должините не реките, особено кај оние поголемите не е воопшто едноставно. Тоа од причина што, обично значителен број на реки се спојуваат во заеднички речен систем, па тешко може да се одреди кој крак треба да се земе како изворишен и по него да се смета вкупната должина на реката. Денес во светот постојат несогласносувања и околу тоа кои реки се најголеми, бидејќи многу реки имаат поголема ширина и длабочина, но помала должина (на пр. реката Амазон е со најголем протек, но не е најдолга река). Сепак, најчесто се зема дека реката е поголема доколку има поголема должина, а не протек. Според последните прецизни мерења, произлегува дека најдолги реки на нашата планета се: Нил, Амазон, Чанг Џијанг (Јангцекјанг), Мисисипи со Мисури, Об со Ирташ, Хуанг Хе, Конго, Меконг, Амур, Лена и др.
Нил (Африка) е најдолгата река на Земјата со должина од 6.695 км. Извира во Бурунди (јужно од екваторот) од езерото Викторија и тече низ североисточна Африка. Во најголем дел Нил тече низ Египет и на крај се влева во Средоземното Море. Египќаните многу ја користат реката Нил за рибарење, транспорт, наводнување и сето она што во овој пустински предел живот значи. Нил има две поголеми притоки, Белиот Нил и Синиот Нил. Двете реки се спојуваат во близина на суданскиот главен град Картум.
Амазон (Јужна Америка) е втората најдолга река во светот со должина од 6.516 км. Извира од Андите а во најголем дел, дури 3.615 километри тече низ Бразил. Во однос на протекот Амазон е најголема река во светот со 220.000 м кубни вода во секунда (околу 1700 пати поголем протек од Вардар кај Гевгелија!). Шпанскиот истражувач, Франциско де Орелана е првиот кој ја поминал целата должина на реката Амазон. Просечната длабочина на реката, во дождливата сезона изнесува 40 метри, а просечната ширина е 40 км. Интересно е тоа што на реката Амазон нема ниту еден мост. Поради огромните димензии реката Амазон се нарекува и речно море.
Чанг Џијанг или Јанг-Це-Кјанг (Азија) е трета река по должина во светот и најдолга река во Азија, со должина од околу 6.380 км. Реката извира на планината Геладандонг, во западниот дел на Кина, тече од запад кон исток и се влива во Источното Кинеското Море во близина на градот Шангај. Во Тибет реката е позната под името Дангку (мочуришна река), а во светот е позната уште како и Сина река. Водата во Чанг Џијанг е многу чиста и неа ја користат големи компании кои се производители на минерална вода.
Мисисипи со Мисури (Северна Америка) е четврата најдолга река во светот со вкупна должина од 6.020 км. Мисисипи има многу притоки од кои Мисури е најдолгата. Реката Мисисипи извира од езерото Итаска во Минесота и се влива во Мексиканскиот Залив близу Њу Орлеанс. Таа тече низ десет сојузни држави на САД: Минесота, Висконсин, Ајова, Илиноис, Мисури, Кентаки, Тенеси, Арканзас, Мисисипи и Луизијана. Мисисипи достигнува ширина до 6.4 км.

Об со Итриш (Азија) е река во азискиот дел на Русија којашто тече низ Западносибирската низина. Реката заедно со нејзината најдолга притока Итриш е долга 5.570 км. Извира во подножјето на планината Алтај и се влева во Обскиот залив (Карско море), создавајќи делта долга 80, а широка 30 до 90 км.
Хуанг Хе или Хоангк Хо (Азија) е позната уште како и Жолтата река. Таа е втора според должината во Кина со 4.872 км. Извира од Тибетската висорамнина и се влева во заливот Бо Хај (Жолто море). Тече многу брзо и има многу неправилен тек. Големите поплави кои се случуваат на Хуанг Хе предизвикуваат менување на текот на реката, па затоа е позната и како ‘’Нескротливата река’’. Позната е како река која носи најголемо количество на еродиран нанос во светот.
Конго (Африка) е втора река според должината во Африка со 4.667 км. Се влева во Атланскиот Океан и носи голема количина на вода. Басенот на реката Конго зафаќа површина од околу 3,7 милиони км². Карактеристично за реката Конго е тоа што има големи бразди и водопади. Најпознати се Сренлиевите и Ливингстоновите водопади. Со својот тек 2 пати го сече екваторот, и бидејќи се наоѓа во екваторскиот појас, таа прима големи количества врнежи.
Меконг (Азија), најдолгата река во југоисточна Азија со вкупна должина од 4.425 км. Извира на Тибетската Висорамнина, од каде што тече низ длабоки котлини по линијата на тајландско-лаоската граница, и се влева во Јужнокинеското Море.
Амур (Азија), се наоѓа во источна Азија и поминува низ три држави: Русија, Кина, Монголија. Амур е планинска река со должина од 4.416 км. Таа се влева во Охотското Море. Најголема нејзина притока е реката Аргун. На 14 ноември 2005 година, во една фабрика во Кина се истури големо количество на отровни супстанции, и тоа во реката Сунгари (река која се влева во Амур), што предизвика голема штета на реката.
Лена (Азија) е десетатта река по должина во светот. Долга е 4.400 км. Извира од Прибајкалските планини и се влева во Лептевско море. Тече во правец североисток и може да се каже дека реката дури седум месеци годишно е замрзната.

Извори: Димитров Г.; Горгијев Г.; Јанковски З. (2009) : Географски атлас; Тримакс Картографија, Скопје, стр. 0-19
http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_rivers_by_length

Подготвил: Емир Емрулаи, студент на Институтот за географија

Оваа статија е прочитана 16843 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger