Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Колку е висок највисокиот врв во Македонија?

Колку е висок највисокиот врв во Македонија?

5.07.2012

Највисокиот врв во Македонија(?) и на планината Кораб – Голем Кораб, можеби е еден од ретките маркантни врвови за кој сеуште има дилеми и несогласувања околу точната височина. Така, на постарите топографски карти се среќава вредноста 2764 м, додека на поновите (1:100.000 од 1987 година) фигурира височина од 2753 м. Некои одат до таму што велат дека Голем Кораб е повисок дури и од Триглав (2864 м) во Словенија. Истите веруваат дека Македонија била жртва на голема измама, со тоа што во сите документи височината на Голем Кораб, случајно или намерно, била намалена за стотина метри, за да може Триглав во Словенија да се прогласи за највисок во поранешна Југославија. Целта наводно била од економско-туристички, па и морални причини, бидејќи туристите-планинари од странство вообичаено сакале да одат на највисоките места во земјите што ги посетувале. Затоа е навистина пожелно некако да се дознае точната или приближно точната височина на овој врв и да се разбијат наведените дилеми.

За најпрецизно утврдување на височината на некој врв, неопходни се детални геодетски мерења, според поставена мерна мрежа кој почнува од морско ниво. Оваа постапка е доста сложена, долготрајна и скапа. Сепак, одредени сознанија можат да ни дадат и современите технологии како што се ГПС уредите или пак дигиталните модели на релјефот. При нашите искачувања на Голем Кораб, користените ГПС уреди (Magellan и Garmin) покажуваа променливи вредности помеѓу 2745 и 2770 м, што веројатно е последица на положбата и бројот на сателитите, пречките од облаците, останатите атмосферски влијанија и сл.

Според глобалниот и релативно прецизен 90-м SRTM (2004) дигитален модел на релјефот (кој е интерполиран од 30-метарскиот оригинален модел), врвот Голем Кораб има вредност од 2718 м, додека Титов Врв на Шар Планина 2720 м. Сепак, мора да се напомене дека кај овој дигитален релјефен (поточно висински) модел, најголеми отстапувања се токму кај пострмните планински врвови. Бидејќи максималните забележани висински отстапувања кај 90-м SRTM достигнуваат до 50 метри (во екстремни случаи), горната граница за височината на Голем Кораб би била околу 2758 м, а на Титов Врв 2760 м.

Вториот, понов и подетален глобален висински модел, 30-метарскиот ASTER GDEM од 2009 година, покажува интересни вредности. Имено, според овој модел, височината на Голем Кораб е 2725 м, додека на Титов Врв 2737 м! Поради подобрата резолуција, овој висински модел има помали отстапувања кај врвовите и тие обично не се повеќе од 30 м, во зависност од стрмнината и положбата на врвот. Веројатно затоа кај Титов Врв се добива поголема вредност од она за Голем Кораб. Така, според ASTER GDEM-от, најголемата височина на Голем Кораб не би можела да биде повеќе од 2755 м.

Третиот, најнов глобален дигитален висински модел базиран врз 30-метарскиот SRTM е SRTM-X моделот (2010), кој за жал има лентеста покриеност (во вид на појаси) на теренот. Со него се опфатени и некои територии во Република Македонија, а меѓу нив е Шарскиот и Корабскиот планински масив. Според овој модел, височината на Голем Кораб е 2785 м, додека на Титов Врв 2795 м! За разлика од претходните модели, X-SAR SRTM моделот обично има за околу 20-40 м (просечно околу 30 м) повисоки вредности, па според него, најголема височина на Голем Кораб би била некаде околу 2755 м.

Според претходно наведеното, височината на Голем Кораб по дигиталните висински модели вклучувајќи го и мошне прецизниот 20-м модел на Агенцијата за катастар на недвижности – АКН (ако се земат сите корекциони параметри) е околу 2750-2760 м. Тоа се поклопува со некои понови топографски карти и геодетски мерења од крајот на 1980-тите, каде фигурира вредноста од 2753 м. Меѓутоа, во нашите анализи се појави проблем околу височината на Титов Врв, кој е највисок на Шар Планина и официјално втор по височина во Република Македонија. Неговата височина според поранешните геодетски мерења е 2747 м или само 6 м помалку од онаа на Голем Кораб. Од друга страна, сите користени висински модели, кои обично имаат сосема мали споредбени отстапувања (помеѓу слични врвови и други карактеристични точки), покажуваат за неколку метри поголема височина на Титов Врв од Голем Кораб. Тоа може да е резултат на одредени софтверски интерполации и отстапувања поврзани со морфологијата и положбата на двата врва во однос на висинските точки на моделите, но може да има и реално значење. Без да навлегуваме во шпекулации, ќе оставиме понатамошните геодетски, сателитски и ласерски (LIDAR) мерења да потврдат за што точно станува збор, а можеби и да ни донесат неочекувано изненадување во поглед на највисокиот врв во Македонија.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7788 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger