Викенд предлог: Водопади на планината Беласица

Смоларски водопад

Беласица е планина во југоисточниот дел на Македонија во близина на Струмица. Има напореднички правец на протегање исток – запад со должина од над 70 км. Според морфолошката структура планината е изразит хорст со мошне стрмни падини кои се спуштаат на северната и јужната страна. Од соседните планини Беласица е одделена со долините на реката Вардар на запад. Струма на исток, Струмичка Котлина на север и Дојранска и Серската Котлина на југ. Според височината спаѓа во групата високи планини. Наjвисок врв е Радомир (Калабак) – 2029 м. На врв Тумба се наоѓа тромеѓата меѓу Македонија, Бугарија и Грција. Тука е поставен граничен камен во вид на пирамида, што ја означува тромеѓата помеѓу овие три држави. На оваа планина се изградени три тектонски водопади, кои претставуваат природна убавина по која е познатата оваа планина. Иако има уште неколку, сепак овие три се најкарактеристични и туристички уредени.

Смоларскиот водопад се наоѓа во долниот тек на Смоларска Река, десна притока на реката Струма, на надморска висина од 600 м, во реонот на селото Смолари. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри. Водопадот е тектонски предиспониран со раседна структура, која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска Река. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува пет метри, широчината му е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.

Колешински водопад

Колешинскиот водопад е лоциран во долниот тек на реката Баба на надморска височина од 500 м. Има височина од 15 м, со широчина на падот од околу 6 м. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни карпи. Спроти Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив.

Габровски водопад. Во непосредна близина на Колешинскиот и на Смоларскиот Водопад, во пазувите на планината Беласица, скриени од очите на јавноста се наоѓаат Габровските Водопади. Сместени се веднаш над селото Габрово, по кое и го одбиле името. На оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, а нивната чиста ледено студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки. Слапот од највисокиот водопад се прекршува во средниот, а тој во најмалиот и заедно истекуваат покрај последната куќа од селото Габрово. Самото прекршувањето и паѓање на водата од еден во друг водопад е тоа што ги прави интересни и различни од двата веќе добропознати водопади во овој крај.

Габровски водопад

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Литература:

http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%91%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%81%D0%B8%D1%86%D0%B0

http://www.makedonskibiser.com.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=557%3A2009-10-04-18-44-43&catid=139%3A2009-08-26-13-19-34&Itemid=400&lang=mk

http://www.tourmacedonia.mk/index.php?option=com_k2&view=item&id=22:%D0%B3%D0%B0%D0%B1%D1%80%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B2%D0%BE%D0%B4%D0%BE%D0%BF%D0%B0%D0%B4%D0%B8&Itemid=330

Подготвил: Глигорије Џилвиџиев

Оваа статија е прочитана 9680 пати!

You may also like...

Leave a Reply

Your email address will not be published.