Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Објавена досега најспектакуларната панорамска фотографија од површината на Марс

Објавена досега најспектакуларната панорамска фотографија од површината на Марс

8.07.2012

Иако сеуште не сме во можност да бидеме таму, НАСА тврди дека ова е нешто најблиску до присуството на обичниот човек на Марс.

НАСА објави досега најдетална панорамска (360-степенска) фотографија на Марс, која ја сними роверот Опортјунити. На фотографијата може да се види нерамен терен каде роверот ја поминал зимата во исчекување на сончевата светлина која повторно ќе ги полни неговите батерии. Комплетната сцена е комбинација од 817 снимки направени од роверот со панорамската камера и тоа во периодот од 21 декември 2011 до 8 мај 2012 година. На фотографијата, во долниот преден план се гледаат соларните ќелии од самиот ровер, така што се добива чувство како да седите на роверот и разгледувате наоколу. Како за ориентација, северната страна е во средината на фотографијата, а на краевите пак е јужната марсова страна. Оригиналната фотографија во полна големина можете да ја погледнете овде.

Инаку, веќе идниот месец, на Марс ќе се спушти роверот Кјуриозити (Curiosity) со најсофистицирана опрема која до сега е видена во некое вакво роботско возило. Целта на новиот ровер е да изврши бројни лабораториски анализи на примероци од површината и на одредена длабочина. Со нив ќе се утврди дали некогаш, а можеби и сега, на Марс постоеле или можеби сеуште постојат некакви микроорганизми или барем погодни услови за нивна егзистенција. Според тоа, веќе до крајот на оваа 2012 година, роверот Кјуриозити можеби ќе не изненади со навистина фантастична и долго очекувана вест!

Подготвил: д-р Ивица Милевски  

Оваа статија е прочитана 2583 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger