Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Преикестолен – огромна вертикална карпа во норвешкиот фјорд!

Преикестолен – огромна вертикална карпа во норвешкиот фјорд!

11.07.2012

Иако веќе знаеме дека Норвешка е позната по нејзините природни убавини и богатства како нафта, природен гас, шуми, реки и др., особено карактеристични се фјордовите кои претставуваат извонредни туристички атракции. Меѓу најпознатите фјордови се Romsdal, Sogn & Fjordane, Hordaland, Lysefjord и други.
Особено интересен е Lysefjord (Лисефјорд), бидејќи на една негова страна, се издига огромен карпест клиф, наречен Preikestolen. Фјордот и клифот се наоѓаат во западниот дел на Норвешка, во близина на градот Ставангер кој е четврт по големина во државата. Всушност речиси сите поинтересни фјордови се наогаат во близина, но Лисефјорд со  клифот Преикестолен е познат по големата височина и екстремниот изглед на карпите. Клифот името го добил уште од старите народи нормани кои го нарекувале „карпа на воздушниот столар“ или „сечилото на воздушниот столар“. Карпата е речиси вертикална и достига височина до 604 м над морето. Зарамнетата карпеста платформа на врвот, има квадратна форма со пречник од околу 25 м. Од неа се протега неверојатен панорамски поглед кон извонредниот околен простор. Затоа не е ни чудно што во текот на четирите летни месеци, оваа карактеристична карпа ја посетуваат околу 130.000 туристи и претставува едно од најпосетените места во Норвешка. За да се стигне до самата карпа, која е оддалечена 25 км од центарот на градот Ставангер, се оди по убав асфалтен пат до паркингот близу локалитетот, така што со автомобил се стигнува за помалку од еден час. Од паркингот се продолжува по патека по која се пешачи низ интересни, на места и опасни пејзажи. Иако на прв поглед изгледа лесна и кратка (3,8 км), патеката има доста искачувања и симнувања, така што во зависност од кондицијата, по околу 1-3 часа се доаѓа до платото на клифот. Инаку, во зима и пролет не се препорачува посета на карпата, бидејќи од снегот и мразот може да биде доста опасно. Најдобра сезона да се пешачи и ужива по патеката е од мај до септември. Сепак, постои и друга алтернатива, а тоа е со помош на ферибот кој е достапен во текот на целата година. Фериботот може да мине под самата карпа (клиф) во фјордот што остава фасцинантен впечаток.
Што се однесува до настанувањето, се смета дека клифот и карпата се создадени кон крајот на леденото доба пред повеќе од 10.000 години, со дејство на голем глечер кој ги стругал (еродирал) карпите до голема длабочина.
Покрај убавите нешта, клифот Преикестолен е познат по бројните обиди и извршени самоубиства, што можеби не е ни чудно со оглед на височината на клифот и светската препознатливост. Затоа во последно време се внимава на „сомнителните“ посетители кои се приближуваат кон рабовите на клифот.
Како и да е, прекрасно задоволство, убавина и доживување е да се посети овој неверојатно убав дел од Норвешка!

Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Preikestolen

Подготвиле: Мухамед Бекир и Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2894 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот · Tags: , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger