Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Викенд предлог » Селото Клисура и Долината на кактусите!

Селото Клисура и Долината на кактусите!

13.07.2012

Селото Клисура се наоѓа во јужниот дел на Република Македонија на околу 5 км јужно од Демир Капија. До селото се доаѓа преку стариот макадамски пат за Гевгелија кој минува кај железничката станица Клисура. Овде всушност била правата локација на селото кое поради изградбата на пругата било преселено кон запад. Оттука, скршнувајќи кон запад и по уште 3 км асфалтен пат, се стигнува во самото село Клисура. На почетокот ќе ве „пречекаат“ сенките на илјадагодишните јавори под кои можете да се напиете ладна изворска вода која истекува од бројните извори. Во втората половина на XIX век селото Клисура броело околу 600 домаќинства, но тој број постепено опаѓал се до втората половина на XX век, кога речиси целото село било иселено во Демир Капија. Всушност, во Демир Капија сеуште постои клисурското маало. Денес во селото Клисура живеат само две домаќинства од кои пак ќе бидете љубезно пречекани, угостени и запознаени со убавините на оваа недопрена природа, со месноста Краставец, преубавиот манастир Св. Никола како и со природниот феномен кој е необичен за овие простори и кој несомнемо треба да се види и доживее, а тоа е:

Долината на Кактусите

Вака го нарекуваат местото што се наоѓа веднаш над селото кое како да е послано со тепих од кактуси и со својата убавина ве остава без зборови. Кога на прв поглед ќе ги погледнете изгледаат како кактусите тука да се намерно посадени. Но тие се природно тука и се претпоставува дека нивното семе е донесено од птиците преселници кои наоѓаат засолниште во околните карпи. Благодарение на влијанието на медитеранската клима во овој дел на нашата земја, создадени се услови тие веќе неколку години да се присутни и да се шират на се поголем простор. Човекот пак, со дивото ископување во потрага по егзистенција, станува голема закана за кактусите.  Долината на кактусите и селото Клисура во последните неколку години се се повеќе посетени од домашни и странски туристи кои освен за оваа несекојдневна појава доаѓаат и поради прекрасната природа, планинарењето, планинскиот велосипедизам, риболов и алпинизам по вертикалните варовнички карпи кои се застапени во околината. Затоа, доколку сте во можност посететте го селото Клисура затоа што навистина има што да понуди и што да се види. Особено убаво е да се посети на 23 мај кога мештаните и иселените се враќаат за да ја прослават селската слава Св. Никола.

Подготвил: Стеван Ристов

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*