Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » 10-те најмали независни држави на светот

10-те најмали независни држави на светот

21.07.2012

Постојат повеќе од 200 земји во светот и секоја е уникатна на свој начин. Некои од нив имаат пристап до море некои не, некои се многу густо населени, како Јапонија, Индија или Кина, а некои се многу ретко населени, како што се Монголија или Централно Африканска Република. Постојат земји кои се протегаат на неколку континенти, како што се Русија, која е најголемата земја во светот, Казакстан и Турција. Меѓутоа во светот има и навистина мали државички, големи по површина колку Скопје или некој помал град во Македонија. Еве ја листата на 10-те најмали независни држави во светот:

10. Малта

Малта (316 км кв., 413.000 жители) е мала и густо населена островска држава која ја сочинува архипелаг во средината на Средоземното Море. Трите најголеми и населени острови се: Малта, Гоцо и Комино, додека помалите како Филфа, Коминото и др. се ненаселени. Иако Малта геофизички е дел на Северна Африка — лежи на африканската континентална плоча, на југ од Сицилија, источно од Тунис и северно од Либија — ова земја геополитички се наоѓа во Јужна Европа. Малтешкиот јазик е единствениот семитски јазик од афро-азиската група на јазици кој се говори во држава која геополитички припаѓа на Европа. Малта е членка на Комонвелтот, а од 1 мај 2004 година е членка на Европската Унија и како таква најмала по површина и број на население во таа организација.

9. Малдиви

Малдиви (300 км кв., 310.000 жители) е островска држава која се наоѓа југозападно од индиското крајбрежје, југозападно од Индија и околу 700км западно од Шри Ланка. 26-те атолски групи на Малдивите содржат во себе 1.192 островчиња, од кои околу 280 се населени – 200 со домашно население и 80 со хотелски комплекси. Малдивите се најмала земја и намалубројна земја во Азија. Малдивите се познати по своите природни убавини – син океан, бели плажи и умерени температури. Температурите на водата и воздухот се околу 30°С во текот на целата година. Главни индустрии се туризмот и рибарството. Независна е од 1965 година.

8.  Свети Кристофер и Невис

Федерацијата Свети Кристофер и Невис или Федерација Свети Китс и Невис (261 км кв., 43.000 жители) е држава во Средна Америка, дел од Карипските Острови Мали Антили. Се состои од два острови со вулканско потекло, а независна е од 1983 година. Оваа држава е најмалата независна држава во Америка според население и според вкупна површина. Често државата се нарекува со пократките имиња Свети Китс и Невис или Свети Кристофер и Невис. Главен град на Свети Кристофер и Невис е Бастер, кој воедно е и најголем град во државата и се наоѓа на островот Свети Китс. Островот Невис се наоѓа 3 километри југоисточно од Свети Китс.

7. Маршалските Острови

Маршалските Острови (181 км кв., 60.000 жители) се островска република во Микронезија, Океанија. Својата независност од САД ја добива во 1986 година. Маршалските Острови се составени од 29 острови и атоли. Најголем остров е Кваелин, а сигурно најпознат е атолот Бикини, на кој САД ја извршиле првата проба на нуклеарна бомба. Главен град е Маџуро, на истоимениот остров. Религијата е христијанска со 97%, а додека остатокот се бахаи со 2%. Официјални јазици се маршалски јазик и англиски јазик. Растот н БНП во последните години на државата е 1% поради неефикасност на владата, падот на туризнмот и падот на странски инвестиции во државата. Даноците во државата се релативно мали. Земјоделството е присутно со мали фарми и државата увезува кокос, домат и лубеници.

6. Лихтенштајн

Кнежевството Лихтенштајн (162 км кв., 35.000 жители) е алпска држава во Западна Европа која се граничи со Швајцарија на запад и Австрија на исток. Климата во Лихтенштајн е континентална, со студени зими и умерени лета. По долината на Рајна е умерена, а на повисоките делови од Алпите е планинска. Поголемиот дел од територијата на Лихтенштајн е планинска што ја прави добар зимски спортски центар. Пејзажот на Лихтенштајн е исполнет со мали фарми и планински терени. Ова кнежевство е едно од најбогатите на светот, а независно е од 1866 година, со завршувањето на Австриско-пруската војна. Лихтенштајн е најмала држава каде се зборува германски јазик. Таа е уставна монархија поделена на 11 општини. Главен град на Лихтенштајн е Вадуц, а најголем е Шан. Земјата има силен финансиски сектор и е често окарактеризирана како „рај за даноци“. Лихтенштајн е дел од договорот за слободна европска трговија и оваа држава не е дел од Европската Унија и не пројавила желба да биде дел од истата.

5. Сан Марино

Сан Марино (61 км кв., 30.000 жители) или официјално Република Сан Марино е држава на Апенинскиот Полуостров во јужниот дел на Европа. Сан Марино е држава која целосно се протега на ниска планина, без излез на море и е енклава во Италија, односно целосно е опколена со италијанска територија. Главниот град на државата го носи истото име, односно град Сан Марино. Државата е една од најмалите независни држави во Европа и Сан Марино има најмалку жители од сите членки на Советот на Европа. Својата самостојност ја чува уште од 4 век, што ја прави најстара република на светот. Сан Марино го има и најстариот активен устав кој е донесен во 1600 година. Оддалеченоста помеѓу најсеверната и најјужната граница на Сан Марино изнесува 12 километри. Највисок врв е Монте Титано чија височина изнесува 739 метри. Климата е медитеранска, но е поблага од онаа во приморјето поради надморската височина. Во лето температурата варира од 20°С до 30°С, а во зима од -2°С до 10°С. Просечните врнежи изнесуваат 550 мм годишно.

4. Тувалу

Тувалу (26 км кв., 13.000 жители) е полинезиска островска држава во Тихиот Океан на полпат помеѓу Хаваите и Австралија, јужно од екваторот и во близина на Кирибати. Независна е од Британија од 1978 година. Се состои од девет корални атоли од кои осум се населени, од каде доаѓа името на земјата, кое на тувалуански јазик значи “Осум стојат заедно”. Со исклучок на Ватикан, таа го има најмалиот број на жители помеѓу независните нации. Тувалу порано беше познат како Елиски Острови. Поради нивната мала надморска височина (макс. 5 метри), островите кои ја сочинуваат оваа нација се загрозени од било каков пораст на морското ниво. Населението можеби ќе се евакуира во текот на следните децении на Нов Зеланд, или Ниуе, мал пацифички остров (автономен, но поврзан со Нов Зеланд), што не е загрозен од порастот на морското ниво, но има население во опаѓање. Ваиаку, главното село на атолот Фунафути, се наоѓа на островот Фонгафале кој е долг 12 километри.

3. Науру

Науру е најмалиот населен остров на светот (21 км кв., 15.000 жители), најмала независна држава и единствена држава на светот која нема официјален главен град. Науру, кој се наоѓа во Микронезија, во водите на западен Пацифик, независна држава е од 1968 година. Има само еден значаен извор на приходи: фосфат од со илјадници години наталожениот гуан или птичји измет. Тоа го создава и богатството, но и проклетството на народот Наури – долго време жителите уживале во релативно високите приходи, бидејќи владата без размислување извезувала фосфат. Владата вработила 95% од жителите и дала бесплатна медицинска нега и школување. Но повеќето не ја користат последната погодност бидејќи само 1/3 од децата одат во средно училиште. А возрасните пак не се некои работници. Работните часови се во канцелариите и се флексибилни, а повеќето жители го поминуваат времето пиејќи пиво и возејќи се околу островот, иако патот трае само 20 минути. Некое време, Науру било рај, а во 70-тите, неговите жители биле помеѓу најбогатите луѓе на планетата. Но, ништо не трае вечно, па така ниту резервите на фосфат кои набрзо пресушиле и оставиле 90% од земјата како јалова, ископана земја. Таа земја воопшто не е искористена, а ниту неверојатната некомпетентност на Владата исто така не помогнала. Како тоа да не е доволно, Науру го зафатил и проблемот со прекумерната тежина. Децениите лагоден живот, многу алкохол и масна храна направиле дури 9 од 10 луѓе да имаат проблем со зголемената телесна тежина. Науру држи и уште еден рекорд, има најголема стапка на заболени од дијабетес 2 – преку 40% од жителите. Денес жителите на Науру се сиромашни и дебели, но се трудат да ги изменат работите. Бидејќи веќе немале природни ресурси во 1990, Науру одлучил да стане рај за даноците па почнал на странците да им нуди бесплатни пасоши. Тоа привлекло погрешен вид на пари: руската мафија внела преку 70 милијарди долари во овој остров. Работите толку се влошиле што светските банки одбивале да обавуваат трансакции кои го вклучуваат Науру поради проблемот со перењето пари.

2. Монако

Монако е втора најмала држава на светот (1,98 км кв., 38.000 жители), а сепак е најгусто населена со 23.660 жители на км кв. Монако некогаш бил многу помал од денес, но околу 0.4 км се земени од морето и додадени на земјата. Монако е широк само 0.35 км. Со Кнежевството Монако владее принц, а последните 7 векови тоа се принцовите од семејството Грималди. Денес принцот го дели законодавството со Народното собрание. Во 1861 година, Монако се одрекол од половина од својата територија и ја дал на Франција во замена за пари и независност. Тогашниот принц на Монако сфатил дека поголемиот дел од природните ресурси ги дал на Франција, заради што решил да ја базира економијата на коцкање. Така се созадал градот Монте Карло. Кога Принцот Рение Трети ја презел власта, а потоа и се оженил со холивудската ѕвезда Грејс Кели, тој брак помогнал за создавање на слика за Монако како гламурозно место за богатите. Долго време, Монако немал даноци па бил рај за богатите странци и интернационални корпорациии, но денес државата наплатува данок за сите жители кои таму не се родени. Иако на староседелците им е забрането да посетуваат казина, како оддолжувања државата не им наплаќа данок на добивка.

1. Ватикан

Со големина на терен за голф (0,44 км кв., 800 жители), Ватикан е најмалата држава во светот. Тоа е практично со ѕид заградена енклава во внатрешноста на Рим. Толку е мал што државата нема ниту една адреса на улица, но иако е мала тоа е исклучително моќна држава. Тоа е суверена територија на Светата Столица, односно седиштето на Католичката црква. Градот Ватикан е создаден во 1929 година со договорот на црквата Свети Јона, и со него владее папата. Владеењето не е наследно, а изабраниот монарх владее со апсолутен авторитет. Уште нешто е апсолутно единствено во врска со оваа држава – таа нема постојани граѓани. Државјанството се добива кога некој работи во Ватикан (како и неговиот партнер и деца), а престанува во моментот кога престанува и работното место. Градот Ватикан го чува најмалата и најстара регуларна војска – Швајцарската гарда. Оригинално била составена од страна на швајцарските мисионери во 1506 година. Денес војската (личните телохранители на папата) брои 100 луѓе, неженети католици, граѓани на Швајцарија. Официјалниот јазик во Ватикан се латинскиот и италијанскиот. Ова е единствено место во светот каде има банкомати на латински јазик. За држава која нема улична адреса, Ватикан има многу ефикасна пошта: интернационалната пошта стигнува побрзо во Ватикан од било која друга пошта. И економијата на земјата е единствена – тоа е единствената некомерцијална економија на светот. Ватикан се финансира од придонесите од Католичката црква низ светот, од публикации и продажба на поштенски марки и туризам. Сепак, духовниот рај – Ватикан – нема даноци.

Извори:

http://www.vacationhomes.net/blog/2012/02/01/top-10-smallest-countries-in-the-world/
http://tera.mk/patuvanja/2009-05-11-17-45-20

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7991 пати!

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger