Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог, Чудесна Македонија » Летно освежување до Титов Врв – вториот по височина врв во Република Македонија!

Летно освежување до Титов Врв – вториот по височина врв во Република Македонија!

24.07.2012

Титов Врв (2747 м) е највисок, еден од најубавите врвови на Шар Планина и втор по височина во Република Македонија. Според поновите картографски податоци, разликата до највисокиот врв во државата – Голем Кораб (2753 м) е само 6 м, а по најсовремените ГПС и дигитално-висински мерења, можеби и помалку?! (види овде)
Инаку, Титов Врв се наоѓа речиси во средишниот дел на Шар Планина, на околу 15 км западно (поточно малку кон југозапад) од Тетово. Иако е прекрасен во било кој дел од годината, најлесно и најбезбедно може да се искачи во текот на летниот период, особено во месеците јули и август. Во тој период, временските прилики обично се погодни за уживање во прекрасниот панорамски видик и снимање на одлични фотографии, а добро ќе ни дојде и разладувањето од летните горештини, бидејќи температурата на воздухот кај врвот е значително пониска од онаа во градовите.
До Титов Врв може да се дојде на повеќе начини, меѓутоа наједноставно е преку Попова Шапка (1650 м) до која води добар асфалтен пат кој почнува од Тетово. Од Попова Шапка првин се искачува кон југозапад на 2000 м надморска височина, до макадамскиот пат кој минува по подножјето на сртот Церипашина (2531 м). Овој добар макадамски пат се движи кон југозапад следејќи ја изохипсата од 2000 м. Движејќи се по патот, по поминати 3 км кај месноста Вакаф се скршнува кон северозапад (десно) во правец на изворишниот дел од долината на Палчишка Река. По долината се искачува околу 2 км, односно до надморска височина од 2200 м, а потоа на југозапад се здогледува истакнатиот врв Бакрдан (2704 м) преку кој или покрај кој се минува за Титов Врв. Секако, полесно е да се оди по тесната патека покрај врвот Бакрдан која ја следи изохипсата од 2500 м, бидејќи на вториот начин треба првин да се искачи врвот, за потоа да се симне околу 200 м висинска разлика (иако и овој врв е посебно доживување). Кај Бакрдан лесно се забележува Титов Врв со камената кула на самиот врв, на околу 1,5 км северозападно, додека на запад е врвот Турчин (2702 м). Трите врва со пирамидален облик се интересно поставени во вид на триаголник и сите се високи над 2700 м. Кога ќе се искачите на Титов Врв ќе ве пречека фасцинантен пејсаж, со прекрасни глацијални циркови (некои исполнети со езера), остри гребени, морени, валови и длабоки речни долини во околината. На север е убавата долина на реката Пена и локалитетот Лешница, а на југ пак е долината на Боговинска Река и нејзините притоки. На југозапад, 500 м пониско од Титов Врв е глацијалното Кривошиско Езеро. Интересно е што во подножјето помеѓу Титов Врв и Турчин, на 2500 м надморска височина има мал цирк и вртача во која речиси цела година се задржува снежник, што е редок случај во Македонија. Така, по краток одмор на врвот, освежување и уживање на сите сетила, може постепено да се симне до снежникот, а од тука да се дојде до истата патека која оди под врвот Бакрдан. Интересна можност е да се помине и преку врвот Турчин, кој е остар, карактеристичен и малку понапорен, но нуди одличен видик кон Шарпланинските пејсажи во јужен правец.
Како и да е, споменатиот пат, почнувајќи од Попова Шапка до Титотв Врв и назад е долг 20 км и не е никаков проблем при убаво време да се помине за 8-10 часа со просечно, рекреативно движење и задржување кај восхитувачките места, потоци, извори, видиковци и слично. По патот ќе видите навистина извонредни пејсажи и убавини, од кои ќе бидете вистински воодушевени и кои ќе ви останат во преубаво сеќавање. Единствен проблем може да биде променливото или облачно време што често се случува кај врвот, но затоа од помош може да биде современата ГПС опрема за ориентација и соодветно следење на патеката. Воедно, не би требало да се искачува без носење на резервна облека, наметка за дожд и слична, барем елементарна планинарска опрема – за секој случај. На враќање, кај Попова Шапка добро ќе дојде едно освежување (или затоплување) во некој од локалните угостителски објекти. Следниот пат, можеби веќе ќе сакате малку да ја смените патеката и да поминете по сртот на Церипашина, па восхитувањето да биде уште поголемо.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6676 пати!

Објавено од:

Од категорија: Викенд предлог, Чудесна Македонија

Еден одговор на "Летно освежување до Титов Врв – вториот по височина врв во Република Македонија!"

  1. Виолета says:

    Македонија има што да понуди, посебно за викенд. Штета е само што нема обележани патеки, некој портал за информации што се има и како точно до него. Кај нас 90% е да се дојде до некое село и таму да се распрашуваш. Еве вашиот сајт е добра појдовна точка, прв пат слушнав за некои места крај кои по пат постојано поминувам, а не сум ни знаела што се има. Често имаме желба како семејство некаде да одиме каде што не сме биле, но не ни знаеме каде и како.

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger