Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Вселена, Отворено... » Сириус и неговото бело џуџе

Сириус и неговото бело џуџе

Најсјајнатa ѕвезда на ноќното небо е Сириус. Таа се наоѓа во соѕвездието Големо куче (Canis Major), па оттаму позната е и како ѕвездата Куче. Но, дали знаевте дека сопатник на оваа ѕвезда е едно мало бело џуџе наречено Сириус Б?

Светлината од ова бело џуџе целосно исчезнува во екстремно сјајниот Сириус. Сепак, користејќи ги високо чувствителните инструменти на вселенскиот телескоп Хабл, астрономите успееја да ја изолираат светлината на Сириус Б. Новите резултати овозможија прецизно определување на масата на оваа ѕвезда, врз основа на тоа како неговото гравитационо поле влијае врз должините на светлинските бранови емитувани од поголемата ѕвезда. Ваквите мерења на Сириус Б, кои порано беа правени со телескопи што гледаа низ земјината атмосфера, беа прилично попречени од расеаната светлина на огромниот Сириус.

Точното определување на масата на белите џуџиња е од фундаментално значење во разбирањето на процесот на ѕвездената еволуција. Нашето Сонце со текот на времето ќе стане бело џуџе. Белите џуџиња исто така преставуваат извор на супернова експлозии од типот Ia, кои имаат улога во мерењето на космичките оддалечености, како и брзината на ширењето на Вселената.

Мерењата базирани на Ia суперновите претставуваат основа во истражувањето на темната енергија, доминантната сила која ја растегнува Вселената и која е главниот виновник за нејзиното ширење.* Методот за определување на масата на белото џуџе се базира на еден од главните предикати на Ајнштајновата теорија на Општа релативност – светлината губи енергија при нејзините обиди да и избега на силната гравитација предизвикана од густо збиените ѕвезди.

Сириус Б има дијаметар од 12 000 km, што е помалку и од дијаметарот на Земјата. Сепак, оваа ѕвезда е многу погуста од Земјата. Нејзиното моќно гравитационо поле е 350 000 пати посилно од тоа на Земјата, што значи дека човек од 70 килограми на површината на Сириус Б би тежел 24 500 000 килограми.
Борејќи се со силното гравитационо поле, светлината од површината на топлото бело џуџе се растегнува кон подолгите (поцрвени) бранови должини. Овој ефект, предвиден од Аштајновата теорија на Општа релативност во 1916 година, се нарекува гравитационо црвено поместување, и најлесно се забележува во густите, масивни, збиени објекти чие силно гравитационо поле го искривува просторот во близина на нивната површина.

Базирајќи се на мерењата на црвеното поместување направени со помош на Хабл, масата на Сириус Б изнесува 98% од масата на Сонцето. Сириус, пак, има маса од две наши Сонца и дијаметар од 2,4 милиони километри.

Со оддалеченост од 8,6 светлински години, Сириус е една од најблиските ѕвезди до Земјата. Астрономите го набљудувале Сириус уште од античко време. Сепак, неговиот мал сопатник беше откриен дури во 1862 година, кога астрономите успееја само малку да го ѕирнат, користејќи еден од најмоќните телескопи во тоа време.

Приготвил: Глигорије Џилвиџиев

Литература

http://www.astronomija.com.mk/2012_vest.asp?id=694

http://www.armaghplanet.com/blog/the-other-sirius-mystery-red-or-white.html

 

Објавено од:

Од категорија: Вселена, Отворено... · Tags: , ,

Leave a Reply

*