Пронајден сончев систем речиси ист како нашиот!

26.07.2012

Научниците открија сончев систем со три планети наредени како во нашиот, кои се вртат околу ѕвезда слична на Сонцето. Нашиот сончев систем е доста особен според конфигурацијата на осумте планети кои се наредени по правилни орбити како тркачи на атлетска патека. За споредба, поголемиот број егзопланети откриени во минатите години имаат доста неправилни орбити. Овие денови, истражувачите од МИТ и Универзитетот Калифорнија, како и од другите институции, го открија првиот сончев систем со орбити како нашиот. Во средиштето на овој систем оддалечен значителни 10.000 светлосни години е ѕвездата Кеплер-30 голема колку нашето Сонце. Тоа сонце ротира како и нашето – околу вертикална оска, а неговите три планети се во иста рамнина. Во нашиот состав, орбитирањето на планетите е паралелно со она на Сонцето што укажува дека веројатно се формирале од ротирачки диск. Во новооткриениот систем е забележана истата работа. Ова откритие укажува дека нашиот систем не настанал случајно и дека веројатно има многу слични системи. Со тоа се зголемуваат и можностите за постоење на жив свет сличен на нашиот, а можеби и на интелигентни суштества. Но, за да стигне некаков сигнал или порака од Земјата до овој систем, потребни се 10.000 години, а да добиеме евентуален одговор уште толку. Така, останува само да се набљудуваат и анализираат ваквите подалечни сончеви системи и да се надеваме дека еден ден ќе примиме некаква порака од далечините светови.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4222 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.