Малдивите спасот ќе го бараат во пловечки вештачки острови

16.08.2012

Со глобалното затоплување, топењето на мразниците и подигањето на нивото на светското море, ниските делови долж океанските и морските брегови постепено се поплавуваат и се доведени во опасност. Овие последици веќе значително се чувствуваат на Малдивите – најниската држава во светот, чии 1192 острови на имаат просечна надморска височина од само 1,5 м. Голем број од островите за релативно кратко време можат да бидат целосно потопени од водите на Индискиот Океан. Затоа забрзано се подготвуваат мерки за спас на оваа навистина загрозена држава. Така, веќе се отпочнува со проект за изградба на вештачки архипелаг кој ќе се состои од мрежа на вештачки пловни острови. Идејниот креатор на амбициозниот проект е холандската фирма Waterstudio, додека нацрт- плановите на идниот изглед на Малдивите ги презеде компанијата Dutch Docklands. Цената на проектот се планира да изнесува над половина милијарда долари. Островите ќе се градат во Индија или на Блискиот исток за да се намалат трошоците за изградба.
Првата „експериментална“ и туристичка цел е да се изгради пловен терен за голф кој воедно ќе биде првиот од тој тип во светот. Потоа ќе биде изградена и зграда на голф клубот од која со лифт ќе може да се спушти на дното на океанот и со подводен тунел да се дојде до теренот. Изградбата на теренот треба да започне оваа година, додека крајот на проектот е планиран за 2013 година. Официјалното отворање е најавено за 2015 година. Исто така, Малдивите ќе добијат и 43 приватни острови од кои секој ќе има свое пристаниште за бродови и јахти, како и базени. Во случајот на Малдивите, островите со помош на кабли и телескопски столбови ќе бидат поврзани со морското дно. Токму тоа ќе ги прави стабилни и безбедни дури и при невреме. При тоа, архитектите воделе сметка и за животната средина, па затоа со проектот се градат мали острови кои нема да го загрозат животинскиот свет под нив. Неколку мали острови се поеколошки од еден голем бидејќи ќе покриваат помал дел од дното со сенка со што се минимизира влијанието врз морскиот живот. Иако компанијата започнала со изградба на остров за 200 луксузни живеалишта и уште еден со терен за голф оваа година, следниот план е создавање на острови за поевтини живеалишта. Воедно максимално ќе се користат обновливите извори на енергија, особено сончевата енергија која таму ја има во изобилство преку цела година.

Извор: http://www.dailymail.co.uk

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3564 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published.