Овој јуни и јули најжешки откако се вршат мерењата!

18.08.2012

Според извештаите на NOAA (Национална Океанска и Атмосферска Администрација на САД) и повеќе други институции, месеците јуни и јули 2012 година, на глобално ниво се меѓу најтоплите откако се следат мерењата (од 1880 година).
Така, севкупната копнена и морска површина била за 0,63 степени целзиусови потопла во однос на просекот за XX век (15,5 степени целзиусови), по што е четврти најтопол јуни на Земјата. Температурата пак на копното на северната хемисфера била повисока дури за 1,3 степени во однос на просекот, по што овој јуни е апсолутно најтопол месец откога се следат температурите. Сепак, постојат значителни разлики по одделни региони. Така, делови од Русија, Јужна Европа (особено Балканскиот Полуостров) и централните делови на Северна Америка имале и до 4 степени целзиусови повисоки температури во однос на просекот за минатиот век. Скандинавските држави пак, Велика Британија и некои западни делови на Северна Америка имале за 1-2 степени пониски температури.
Слични карактеристики има и месец јули, кој со 0,62 степени целзиусови над глобалниот просек е четврти најтопол јули на Земјата од 1880 година (апсолутно најтопол бил јули, 1998 година). На северната хемисфера, овој јули е најтопол во целиот наведен период со 1,19 степени над просечните температури. Регионалните отстапувања се слични како и за јунските температури. Така, вредностите се значително повисоки над просекот за овој месец на Балканскиот Полуостров, Јужна Русија и централни делови на САД и Канада. Во САД, јули 2012 ќе остане запаметен како најтопол откако воопшто се вршат мерењата на температурата. Во Северна Европа пак, јулските температури беа за 1-2 степени под просекот за овој месец.
Наведените региони со високи јунски и јулски температури, се одликувале со значително намалени количества на врнежи (за 25-50%) во однос на просечните, а повеќето биле погодени со катастрофална суша.
Особено загрижувачки е што во Македонија (слично како и поголемиот дел од Балканскиот Полуостров) месеците јуни и јули имаа за 2-3 степени повисоки температури од просечните, зголемен УВ индекс на зрачење и изразито долг сушен период. Сето тоа се поклопува со сценаријата за климатските промени во овие подрачја, изнесени во неколку претходни статии на ИГЕО порталот. Јасно е дека летните температури се повеќе се зголемуваат достигнувајќи нови максимуми, а врнежите се намалуваат. Тоа ја налага потребата навремено, сериозно и соодветно да се подготвиме за екстремите што не очекуваат во следните години.

Извор: http://www.ncdc.noaa.gov

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 3952 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *