Последното ледено доба настапило за само 6 месеци!

29.08.2012

Според најновите истражувања, само 6 месеци биле доволни голем дел од топлата и сончана Европа да се покрие со мраз. Досегашните истражувања укажуваа дека за доаѓањето на последното ледено доба кое се случило пред 13.000 години, бил потребен период од една деценија. Денес научниците веруваат дека тој период бил 20 пати пократок. Според геологот Вилијам Патерсон, раководителот на ова истражување „овој настан се случил многу брзо за оние кои живееле во тоа време. Исто како Британија да се помести до Арктик за само неколку месеци“. Резултатите на професорот Патерсон доаѓаат од многу детално истражување на климатските промени и ја потврдуваат теоријата дека климата на Земјата е многу нестабилна, така што за многу кратко време може да премине од топла во доста ладна. Неговите заклучоци објавени во списанието New Scientist се базирани на проучување на седиментолошките проучувања на езерата во западна Ирска. Во постапката е употребен специјален и многу прецизен роботски секач кој одвојувал слоеви дебели само пола милиметар. Секој слој претставува период од 3 месеци седиментација, така што варијациите помеѓу нив се употребени за проучување на температурните промени во тој краток период. Краткотрајното ледено доба кое следело по топлиот период, траело само околу 1300 години и веројатно било причинето од нагло празнење на езерото Агасиз во Канада кон Арктичкиот океан, што предизвикало пореметување на Голфската струја. Се верува дека сличен драматичен ефект може да настане доколку се стопи мразот на Гренланд.

 

Оваа статија е прочитана 4128 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *