Изготвен каталог на земјотреси во Европа кои се случиле во последните 1000 години!

30.08.2012

Научниците од германскиот истражувачки центар за геонауки GFZ за прв пат изготвија каталог на земјотреси во последните 1000 години, во кој е опфатено подрачјето на Европа и Медитеранот. Каталогот содржи околу 45000 земјотреси со магнитуда поголема од 3,5 степени по Рихтер во северните и 4 степени по Рихтер во јужните делови на Европа. Освен распоредот и локацијата на земјотресите, каталогот го покажува и ризикот од појава на земјотреси со одреден интензитет во дадена област. Овој таканаречен „EMEC“ каталогот (European-Mediterranean Earthquake Catalogue) е изработен врз основа на 80 национални каталози на земјотреси, потоа над 100 други извори на податоци, како и на анализи на историските земјотреси работени од страна на германскиот истражувачки центар. Особено внимание е посветено на хармонизација и усогласување на податоците од различните извори, со цел да се добие што пореална и репрезентативна претстава. Освен во форма на основни податоци за секој земјотрес, каталогот може да се види картографски или пак да се добие карта само за некоја област или држава (на пример за Македонија).
На прикажаната карта на Европа, јасно се гледа дека најголем број земјотреси (бели точки) се распоредени во југоисточниот дел, односно Балканскиот Полуостров, Егејско Море, Мала Азија, Италија и бреговите на Медитеранот. Тоа е многу активна земјотресна зона каде се судруваат повеќе тектонски плочи (означени со црвени линии). Од друга страна, има и области со многу ретка појава на земјотреси за целиот илјадагодишен период во тектонски стабилните подрачја.

Каталогот подетално може да се погледне овде.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4992 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *