Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Која е разликата помеѓу локалното и зонското време?

Која е разликата помеѓу локалното и зонското време?

14.09.2012

Од најстарите времиња па до почетокот на XIX век, во светот се користело главно таканареченото локално време. Тоа е времето што го има секое место, во зависност од положбата на Сонцето или небесните тела. Причината за користење на локално време била во непостоењето на средства за брза комуникација или можност за усогласување на времињата. Во тој период обично за утврдување на времето се користеле сончеви часовници, должината на сенките, интензитетот на светлината, песочни, водени часовници и слично. Во однос на положбата на Сонцето, исти локални времиња можат да имаат местата кои лежат на ист меридијан. Така на пример, кога Сонцето е над меридијанот во Скопје (кога во Скопје е пладне), тогаш во сите места што се наоѓаат источно од Скопје пладнето поминало, а часовниците таму покажуваат време по 12 часот. Во сите места пак што се наоѓаат западно од Скопје, односно западно од меридијанот на кој се наоѓа Скопје, пладнето уште не дошло, па часовниците покажуваат помало време од пладне. Користењето на локалното време со развојот на трговијата, сообраќајот, другите стопански гранки и културата, станало многу комплицирано, посебно во поразвиените држави. За да се избегнат проблемите и тешкотиите со примената на одредено локално време, во 1878 година американскиот инженер Флеминг предложил користење на зонско време. Предлогот на Флеминг за воведување на системот зонско време е прифатен на меѓународниот конгрес одржан во Вашингтон 1884 година. Методот на Флеминг се состои во следното: целата Земјина површина е поделена со меридијани на 24 дела наречени часовни зони. Секоја зона зазема по 15 должински степени (24*15=360 степени). Вакво време први вовеле САД кон крајот на XIX век, а во Русија и повеќето европски држави во почетокот на XX век. Сите места во една зона се усогласени со локалното време на средниот меридијан во зоната. Значи, под зонско време се подразбира локалното време на средниот меридијан во зоната. Зонското време овозможува лесно да се утврди времето во разни делови на Земјата без да се знае географската должина, туку со познавање на редниот број на зоната. На секоја часовна зона одговора време од еден час што важи за сите точки во таа зона. Според тоа разликата помеѓу две соседни часовни зони изнесува 1 час. Секоја часовна зона има свој реден број. Почетна или нулта часовна зона е оној дел од Земјината површина кој лежи 7°30’ источно и 7°30’ западно од Гриничкиот меридијан. Нултиот меридијан е и средишен на нултата зона. Првата зона источно од нултата има реден број еден. Средниот меридијан на првата зона е оној кој од Гриничкиот меридијан е оддалечен за 15 степени на исток, а граничните меридијани се оние што лежат на 7°30’ и 22°30’ ИГД. Нашата држава според положбата (помеѓу 20 и 23 степени ИГД) е во крајниот источен дел на првата часовна зона, на самата граница со втората зона.

При преминувањето од една во друга соседна часовна зона, потребно е часовникот да се дотера по времето на зоната во која се наоѓаме. Притоа стрелките на часовникот треба да бидат поместени за еден час напред или за еден час назад, во зависност од тоа дали зоната во која доаѓаме се наоѓа источно или западно од зоната од која сме дошле. Нашата држава се управува по средноевропско време, па ако отпатуваме на пример во Франција, во која важи западноевропското време, стрелките на часовникот треба да ги поместиме за еден час назад, а ако отпатуваме во Бугарија, Грција, Романија, Турција и други во кои се смета по источноевропско време, тогаш стрелките на часовникот треба да ги поместиме за еден час напред (од 12 на 13 часот). Границите на часовните зони одат точно по меридијаните само на отворените мориња и во пространите рамнини. Најчесто тие се прилагодуваат спрема државните граници, така што кај некои земји и региони ширината на зоната може да биде и повеќе од 15 степени. Но ако територијата на некоја држава се протега преку две или повеќе часовни зони, тогаш се смета по онаа зона која зафаќа поголем дел од  територијата. Има земји кои зафаќаат огромни површини, како на пример Русија, која се протега на 11 часовни зони. Со воведувањето на часовните зони, од бескрајно многу месни времиња, во еден ист момент на Земјата се помина само на 24 „официјални“ времиња, што има бројни предности. Меѓутоа за некои цели како за мерење на податоците во метеорологијата се користи локално време, бидејќи температурата на воздухот многу зависи од положбта на Сонцето. Кина пак, иако лежи во 4 часовни зони, користи само едно зонско време.
Инаку, бидејќи нашата држава е мала по површина, мала е и разликата во локалните времиња. Така, помеѓу најисточниот и најзападниот дел на државата, разликата изнесува само 10 минути. Тоа значи дека Сонцето ќе изгрее или ќе зајде првин над Пехчево, а по десетина минути над Дебар.
Локалното време на секое место може да се пресмета ако разликата од географската должина на тоа место и средниот меридијан на зоната се помножат по временски единици. Така, ако некое место во Македонија лежи на 21-виот степен ИГД, разликата до средниот меридијан на зоната (15-ти степен) е 6 степени. Бидејќи секој степен разлика одговара на 4 временски минути, се множат 6 степени по 4 минути и се добиваат 24 минути. Значи тоа место по локално време ќе има 24 минути повеќе од зонското време (бидејќи е источно од средниот меридијан) или ако по зонско време е 12 часот, по локално или реално време е 12 часот и 24 минути.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 9757 пати!

Објавено од:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger