Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » По Светот » Мон Блан – алпска авантура на 4810 мнв

Мон Блан – алпска авантура на 4810 мнв

14.09.2012

Алпите, настанати во текот на стотици милиони години со судирање на африканската и евроазиската тектонска плоча, денес претставуваат еден од најмаркантните планински венци простирајќи се околу 1200 km во должина на територијата на седум европски држави. Изобилуваат со врвови кои ја надминуваат височината од 4000 метри, од кои посебно може да се издвојат Мон Блан, Монте Роса и Матерхорн.

Токму Мон Блан, покривот на Алпите висок 4810 метри, беше нашата дестинација за искачување ова лето. Самиот масив за прв пат е искачен во 1786 година и се наоѓа на италијанско-француската граница, па искачувањето е можно од двете страни. Наш избор беше една од рутите од француската страна. Таму во подножјето на масивот на околу 1000 мнв се наоѓа Шамони, прекрасно градче со околу 9000 жители сместено во срцето на Алпите. Овде во 1924 година се одржале првите зимски олимписки игри, а денес местото е посетено од многубројни туристи во текот на целата година. И покрај тоа што Шамони изобилува со хотели и пансиони, повеќето планинари и алпинисти се сместуваат во некои од околните кампови, секако истото го направивме и ние.

По неколку дена минати во Шамони, имавме добра временска прогноза и беше време да тргнеме во освојување на Мон Блан. Најпрвин со железница стигнавме до Mont Lachat на 2077 мнв и од таму по каменест терен рутата води кон планинарскиот дом Tete Rousse на 3167 мнв. Некои од планинарите ноќеваат овде со цел подобро да се аклиматизираат на надморската височина, но ние немавме потреба со оглед на тоа што претходно искачивме неколку врвови над 4000 мнв на италијанските алпи. Па така продолживме кон следниот дом De Gouter кој се наоѓа на 3817 мнв. До него патеката води најпрво по малиот глечер Tete Rousse, а потоа следи искачување на голема стена минувајќи преку познатиот ‘кулоар на смртта’ во нејзиното подножје. Самата патека по стената до домот De Gouter на повеќе места е добро обезбедена со фиксирани сајли и во добри временски услови не е особено тешка за искачување. Во планинарскиот дом стигнавме околу 13-14 часот и времето го користевме за одмор во трпезаријата. Капацитетот на овој дом е мал, така што речиси е невозможно да добиете кревет и повеќето од планинарите ноќта ја минуваат на подот во трпезаријата. Во 21 часот навечер е официјалното време за легнување овде, па така си фативме место на подот и се обидувавме да заспиеме додека надвор сеуште сонцето беше на хоризонтот.

Се разбудив во 1 часот по полноќ, ако може да се каже дека воопшто и спиев ноќта во такви услови и на таа височина. Беше рано за поаѓање кон врвот, овде вообичаено планинарите тоа го прават околу 4 часот наутро. Сепак го разбудив Петар и му предложив да се спремиме и да тргнеме порано. Така и направивме, по кратки припреми го напуштивме домот околу 2 часот и во друштво на тројца шпанци се упативме кон врвот. Надвор беше многу студено и дуваше силен ветар, а полната месечина ни го осветлуваше патот па и немавме голема потреба од челните батерии. Овде патеката води по терен покриен со снег и мраз во текот на целата година и нема поголеми наклони се до половина од рутата, односно до бивакот Vallot на 4362 мнв. Тоа е мало засолниште со капацитет од 12 легла, кое ние го искористивме за да направиме мал одмор. Во продолжение кон врвот започнува искачувањето на пострмен и заледен гребен и бара поголемо внимание и користење на цепинот. Силниот ветер ни правеше проблеми на гребенот па не напредувавме премногу брзо. Само што излезе сонцето, а ветерот го намали интензитетот, ние бевме на неколку стотици метри од врвот. Возбудата беше голема, глетките величенствени, Мон Блан на дофат на рака. Нешто по 7 часот веќе бевме на врвот висок 4810 метри, каде се задржавме околу половина час. Мисијата беше исполнета, а со тоа ние пресреќни. Направивме фотографии за спомен и веќе не чекаше долг пат надолу, по кој требаше секако да бидеме многу внимателни. По слегувањето во Шамони останавме уште ден-два постојано фрлајќи поглед кон Мон Блан со ветување дека повторно ќе се вратиме.

 

Автор: Александар Кирковски

Оваа статија е прочитана 3466 пати!

Автор:

Од категорија: По Светот · Tags: , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger