Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Активности » 4та Георегнет летна школа Прешов

4та Георегнет летна школа Прешов

Од 3-16ти септември се одржа 4та интернационална Георегнет летна школа во Прешов, под наслов „Geography as a Socially  Relevant Discipline“. Овогодинешната  Георегнет летна школа беше во организација на Универзитетот од Прешов, а помогната од CEEPUS програмата. Оваа година за прв пат  имаше претставници од Институтот за Географија при Природно-математичкиот факултет од Скопје,  Дарко Стојчески и Глигорије Џилвиџиев.

Предавањата на летната школа, беа изведени од реномирани професори од неколку европски држави и тоа: Лудек Сикора (Чешка);Питер Пачура (Полска); Петер Јордан (Австрија); Лучка Лорбер (Словенија); Зоран Стиперски  (Хрватска) и други. Темите кои се предаваа беа од најразличен карактер како: Пост-социјалистичките градови и нивна трансформација; Регионални иновациски стратегии во Централна Европа; Јазиците во просторот и општеството; Глобализација на светот 2025-Каде е Европа? и други теми.

Во рамки на оваа летна школа се одржаа и три поголеми екскурзии. Првата, воедно доста привлечна беше наменета за посета на соседна Украина (Задкарпатската област). Инаку оваа екскурзија се одржа на ден 06.09.2012, а започна со разгледување на граничниот премин Вишне Немачке, каде детално се запознавме, како  функционира еден граничен премин во Шенген – зоната. Непосредно до овој граничен премин се наоѓа градот Ужгород, најголем град во Задкарпатието на Украина. Најпрво го посетивме центарот на овој град, (низ кој тече реката Уж),  а подоцна се запознавме со Ужгородската тврдина, како и музејот на природата на Задкарпатието. Следна станица ни претставуваше вториот по големина град во оваа област – Мукачево. Имено над овој град маркантно се издигнува тврдината Мукачево. Карактеристично оваа тврдина е изградена од повеќе нивоа, па затоа била тежок плен за непријателите.

Во средина на втората работна недела (12.09.2012), следуваше нова екскурзија, овој пат низ Прешовскиот крај (Североисточна Словачка).  Екскурзијата ја започнавме рано наутро со посета на јаловина крај градчето Кромпахи (западно од Прешов), инаку се работи за една од најголемите јаловини во Словачка. Потоа патот не водеше кон градчето Спишске Похродие, каде се запознавме со три значајни локалитети, сите заштитени под УНЕСКО. Најпрво ја посетивме црквата Жехра (римо – католичка црква), па се упативме кон соседниот замок – Спиш, замок кој се издига веднаш над градот Спишке Похродие и маркантно доминира над целиот локален простор. Во непосредна близина е локалитетот ,,Сива Брада’’, локалитет изразен со специфичен вид на извор, кој наизменично се издига и понира, притоа таложејќи травертин. По овој локалитет продолживме кон градот Левоча, еден од покарактеристичните градови во  овој дел од Словачка. Потоа го сменивме правецот кон северозапад и преку градот Попрад, се упативме кон Татранскиот национален парк. Имено во овој национален парк е заштитен планинскиот масив Високи Татри со граничниот врв Герлаховски Штит (2.655 м), највисок врв во Словачка. Од Татранскиот НП се упативме делеку на север кон границата со Полска, таму следуваше неколку часовно крстарење по реката Три Круни (гранична река помеѓу Словачка и Полска). Ова крстарење беше последна дестинација од екскурзијата низ Прешовскиот крај.

По два дена (14.09.2012) следуваше нова, воедно последна екскурзија за оваа летна школа. Во рамки на оваа екскурзија беа посетени повеќе ромски селски населби, со цел запознавање со животот на ромската популација во Словачка. По оваа екскурзија следуваше и официјално затворање на летната школа.

Придобивките од оваа летна школа се огромни, како за студентите кои се дел од летната школа така и за факултетите од каде што доаѓаат. Нашето присуство на оваа летна школа, како и се онаа што го стекнавме од неа е огромно, нови колеги (пријатели), запознавање на овој дел од Европа, стекнати знаења од предавањата и уште многу повеќе. Се надеваме дека оваа Георегнет летна школа ќе стане традиција, и дека многу студенти ке бидат дел од неа, а и можност да и Институтот за Географија во некоја од годините што следи биде домаќин на оваа школа.

Напишале:Глигорије Џилвиџиев, Дарко Стојчески

Објавено од:

Од категорија: Активности

Leave a Reply

*