Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » На тема » НЕКОИ ПОКАЗАТЕЛИ И КАРАКТЕРИСТИКИ ЗА НАТАЛИТЕТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

НЕКОИ ПОКАЗАТЕЛИ И КАРАКТЕРИСТИКИ ЗА НАТАЛИТЕТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Наталитетот е еден од елементите кој заслужува посебно внимание. Имено, во изминатиов период истиот е доста присутен во јавниот медиумски и друг простор во Република Македонија, така што добро е да се направи една анализа и да се напоменат некои негови показатели и карактеристики.

Наталитетот или раѓањето преставува основна компонента на природното движење на населението и се смета за основен показател на демографската динамика. Може да се дефинира како вкупен број на родени, односно вкупен број на живородени на 1000 жители. Тој го означува раѓањето во една популација и може да се изразува со апсолутни вредности прикажани преку бројот на раѓања и релативни бројки искажани во промили или проценти. Во зависност од вредноста која ја има стапката на наталитет, се одделуваат три типа наталитет и тоа: висок со повеќе од 25‰ (промили) годишно, среден од 16 до 25‰ и низок под 15‰ годишно.

Врз нивото на наталитет имаат влијание голем број на детерминанти кои се поврзани со многу природни и социо-економски услови. Имено, во научната литература во тој поглед се издвојуваат: биолошки, демографски, социоекономски, психолошки и други. Всушност тоа се карактеристиките на самото население, на просторот на кој тоа живее, социоекономската средина во која живее и слично. Сите тие елементи дејствуваат взаемно и комплексно.

Кога станува збор за пресметувањето на стапката на наталитет предвид се земаат два вида стапки и тоа бруто и нето стапка на наталитет. Како индикатор кој дава реална претстава за развојот на наталитетот како компонента на природното движење на населението, се користи општата стапка на наталитет.

Досегашните проучувања на наталитетот во Република Македонија покажуваат дека тој постојано се менувал и истиот се движи во насока на опаѓање. После порастот во компензациониот период непосредно по Втората светска војна, наталитетот продолжува континуирано да опаѓа сé до денес.

Во триесеттите години и непосредно после војната, таа е многу висока и до 1950 година се движи околу 40‰, со максимална вредност од 40.7‰ во 1948 година. Во текот на педесеттите години стапката на наталитет опаѓа, но сé уште е висока и дури во 1961 година кога достигнала вредност од 29.9‰ за прв пат е пониска од 30‰.

Со релативно интензивно темпо се спушта сé до почетокот на седумдесеттите години кога во 1970 година за прв пат стапката на наталитет ја достигнува вредноста на умерен наталитет и изнесува 23.2‰. Потоа намалувањето е поспоро, така што во 1983 година за прв пат достигнува помалку од 29‰, а дури во почетокот на деведесеттите години за прв пат на државно ниво се забележува ниска стапка на наталитет

Почнувајќи од 1997 година, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на наталитет во Република Македонија ја достигнува вредноста на низок наталитет и за таа година изнесува 14.8‰. Во годините што следат стапката на наталитет продолжува да опаѓа, така што таа во 2011 година изнесува 11.1‰. Тука, исто така би требало да се спомене дека кон крајот на првата деценија на овој век, поради загрижувачкото намалување на стапката на наталитет државата се обидува да спроведе некои мерки кои би имале влијание врз зголемувањето на наталитетот.

Инаку, причините за намалување на стапката на наталитет се различни и многубројни, но воглавно произлегуваат од вкупниот општествено економски развој на државата и трансформациите кои ја зафатија истата.

Од претходно изнесеното може слободно да се констатира дека државата во континуитет сé повеќе старее, односно се зголемува старото население за сметка на младото. Сето ова укажува на фактот дека неминовно е преземање на конкретни чекори со кои најпрво би се спречил понатамошниот пад на стапката на наталитет, а потоа истиот би почнал да се движи во позитивна насока.

Ако се направи една кратка анализа на регионите според податоците на Државниот завод за статистика, може да се забележи дека стапката на наталитет во регионални рамки се движи од 8.7‰(промили) до 12.9‰. Оттука, Скопскиот регион е на прво место во однос на сите останати региони по стапка на наталитет и исто така во овој регион се бележат и општините кои имаат највисок наталитет во Република Македонија. Најниска стапка на наталитет пак, бележи Источниот регион.

Од вкупниот број на општини (84) во Република Македонија само 9 (девет) општини имаат средна стапка на наталитет. Останатите се карактеризираат со ниска стапка. Општината Студеничани има највисока стапка на наталитет во Скопскиот регион, а воедно и во Р. Македонија. Додека, пак, општината Осломеј има најниска стапка на наталитет.

Намалувањето на наталитетот во Република Македонија кое се одвива континуирано неколку децении наназад доведе и до намалување на виталниот индекс, односно намалување на бројот на живородените лица во однос на умрените.

Ако направиме споредба на виталниот индекс во изминатиов половина век, односно колку изнесувал истиот на почетокот од изминативе 5 (пет) децении и колку изнесува денес според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, можеме јасно да забележиме дека виталниот индекс за период од пет децении се намалил речиси за две третини (табела).

 

Период

1962-66

2007-11

Живородени на 100 умрени

311

121

 

 

 

 

Литература:

  1. ДЗС (2012): Природно движење на населението, за 2011 година, Скопје.
  2. ДЗС (2012): Регионите во Република Македонија 2012, Скопје;
  3. ДЗС (2012): Статистички годишник на Република Македонија за 2011, Скопје;
  4. Маџевиќ М. (2003-2004): Наталитетот на населението во Република Македонија. Геогр. разг., кн. 38-39, стр. 75-88, Скопје.

Интернет страни:

  1. www.stat.gov.mk

 

Подготвил: Трајче Лазороски

Објавено од:

Од категорија: На тема · Tags:

2 одговори на "НЕКОИ ПОКАЗАТЕЛИ И КАРАКТЕРИСТИКИ ЗА НАТАЛИТЕТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА"

  1. Горан Китевски says:

    Ќе продолжи да паѓа и понатаму, во очекување на вистинска национална стратегија. Во долго очекување.

  2. Трајче Лазороски says:

    Речиси сите статистики го потврдуваат истото. Исто така, покрај таква потребни се издржани стратегии и во другите сфери, а сите тие обединети во една главна, која пак, конечно ќе ги придвижи работите во реален и вистински правец.

Leave a Reply

*