Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Дали Македонија е во вистинската часовна зона?

Дали Македонија е во вистинската часовна зона?

10.10.2012

Уште од времето на поранешната југословенска држава, Република Македонија официјално го користи средноевропското време или гриничкото време зголемено за еден час (GMT+1). Но речиси секоја година, наесен кога стрелките на часовникот се поместуваат за максимално да се искористи дневната светлина, одново се поставува прашањето дали би било подобро да го користиме источноевропското време, кое е за еден час понапред од средноевропското. Тоа се оправдува со економски причини, бидејќи се смета дека ако се помести времето за еден час понапред Македонија ќе ја зголеми искористеноста на дневната светлина и ќе ја оптимизира заштедата на енергијата, а дополнително ќе ги подобри транспортните врски со земјите од регионот – Бугарија, Турција и Грција.
Сепак, ваквите тврдења немаат соодветна поткрепа. Концептот на часовни зони или зонско време е прифатен на меѓународна конференција уште во 1884 година. Според овој концепт, целата Земјина топка е поделена на 24 часовни зони од по 15 должински степени. Територијата на Европа пак главно припаѓа на 3 часовни зони: западноевропска или нулта зона (GMT+0), средноевропска – прва зона (GMT+1) и источноевропска – втора зона (GMT+2). Секоја зона има средишен и гранични меридијани. Средниот меридијан во западноевропската зона е Гриничкиот меридијан, што значи таа го опфаќа просторот од 7,5 степени на запад и 7,5 степени на исток од Гринич. На 7,5 степени (7 степени и 30 минути) источна географска должина почнува средноевропската часовна зона, а завршува со граничниот меридијан на 22,5 степени источна географска должина. Граничниот меридијан меѓу средноевропското и источноевропското време, минува низ источниот дел на Македонија и тоа од подрачјето на Тораница на север, покрај Виница, Радовиш до Гевгелија на југ. На исток од овој меридијан до најисточната точка во државата (кај врвот Ченгино Кале на Малешевските Планини) се наоѓаат 3550 км кв или 13,8% од вкупната територија. Во вакви случаи кога една релативно мала држава припаѓа на две временски зони, се прифаќа таа што зафаќа поголема површина од државата, освен во специјални геополитички, економски, воени и други случаи. Имајќи во предвид дека 86,2% од површината на Македонија лежи во средноевропската часовна зона, сосема е логично и исправно официјално да се користи средноевропското време.
Често, како образложение за евентуално прифаќање на источноевропското време се наведува „прераното“ стемнување во зимскиот период околу 16 часот. Меѓутоа, доколку се прифати источноевропското време, во зимскиот период ќе се разденува дури во 7.30-8.00 часот. Во летниот период пак, ќе се стемнува невообичаено доцна, околу 21-22 часот, а ќе се разденува во 6 часот! Доцното разденување и стемнување ќе бидат особено изразени во најзападниот дел на државата. Втората нелогичност произлегува од оддалеченоста на крајните источни и западни точки во нашата држава до соодветните средни меридијани на часовните зони според кои се одредува времето. Така, најзападната точка во Македонија која е на 20,4 степени и.г.д. е само 5,4 степени (околу 20 минути време) источно од 15-тиот степен или централниот меридијан на средноевропската часовна зона, а речиси 10 степени (дури 40 минути) западно од 30-тиот степен, кој пак е централен меридијан на источноевропското време. Најисточната точка во Македонија е на 23,1 степени и.г.д. или 8,1 степени (33 временски минути) источно од меридијанот на средноевропската зона, а 6,9 степени (27 временски минути) западно од меридијанот на источноевропската зона или разлика од само 1,2 степени (5 временски минути). Тоа значи дека астрономско-географски, Македонија е многу поблиску до средноевропското време. Уште повеќе ако се има во предвид дека речиси сите земји од централна и западна Европа (со исклучок на Британија, Ирска, Португалија и Исланд) со кои Македонија има голема економска соработка, го користат ова време. На Балканот, само Грција, Бугарија, Турција и Романија кои се значително поисточно, официјално го користат источноевропското време. Грција пак, која заедно со островите лежи значително поисточно од Македонија, самата има одредени проблеми и нелогичности со користењето на источноевропското време во крајниот западен дел на државата.
Според тоа, најсоодветно е Македонија да го користи средноевропското време. Доколку има потреба, пологично е да се помести работното време за еден час порано, бидејќи географската широчина и климатските услови кај нас го дозволуваат тоа, за разлика од државите кои се посеверно.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4380 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Еден одговор на "Дали Македонија е во вистинската часовна зона?"

  1. Kekos says:

    Vo holandija se stemnuva 22:30 letoska, Germanija okolu 22 Francija okolu 22:30 Spanija okolu 22 , Italija okolu 21:30 ,Svajcarija okolu 21:30 , neznam sto e nevoobicaeno tuka? Izgleda nevoobicaeno e sto vo MK se stemnuva vo 20:30…

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger