Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Земјотресите во Валандово и Валандовско во периодот мај-јуни 2009 година

Земјотресите во Валандово и Валандовско во периодот мај-јуни 2009 година

Од архивата…

Република Македонија спаѓа во медитеранско-трансазиски сеизмички активен појас. На територија на Република Македонија познати епицентрални подрачја со силни земјотреси се: Скопско, Валандовско, Пехчевско, Тетовско, Битолско, Дебарско, Охридско, Мрежичко (Тиквешко) и други подрачја.

Сеизмичката активност во  Република Македонија се одвива во рамки на три сеизмогени зони. Валандово спаѓа во втората сеизмогена зона заедно со градот Скопје. Трите зони, во тектонска смисла, се опфатени со издигнување, при што издигнувањето на Вардарската сеизмогена зона е послабо во однос на другите две.

На 23.05. 2009 година во Валандово и Дојран и нивната околина е започната серија земјотреси која трае до 23.06.2009 година. Серијата на земјотреси е започната на 23.05.2009 година со земјотресот во 23h и 22’ со магнитуда 3,5 и V степени според ЕМС-1998 (Европска макросеизмичка скала) со хипоцентрална длабочина од 10,6 km. Веќе следниот ден бројот на земјотресите се зголемува и дел од земјотресите се почувствувани од месното население на Валандово и Дојран.

Најсилниот земјотрес од серијата на земјотреси е почувствуван на 24.05. 2009 година, во 16h и 17’ со магнитуда 4,9 и интензитет VII според ЕМС-1998 и со хипоцентрална длабочина до 10,3 km. Овој земјотрес предизвикал голема вознемиреност кај населението на Валандово, Дојран и околината со неколку големи материјални штети. Најголеми штети се регистрирани во селата Башибос (Валандовско) и Ѓопчели (Дојранско). Овие села се сметаат за епицентарот на серијата на земјотресите, а се лоцирани крај Валандовскиот расед.

Во периодот од 23.05 до 23.06 од страна на сеизмолошката опсерваторија при Природно-Математичкиот факултет во Скопје и на најблиските сеизмолошки станици од најблиските земји биле регистрирани околу 2000 земјотреси со епицентри во подрачјата помеѓу Валандово и Дојран. Земјотресите потекнуваат од Валандовско епицентрално подрачје.

Земјотресите најмногу биле почувствувани во селата Башибос, Прстен и Кочули кои се наоѓаат во Валандовската околина и селата Ѓопчели и Куртамзале кои се наоѓаат во Дојранската околина. Сите жители од селото Башибос ги почувствувале земјотресите и ги напуштиле своите домови. Најсилниот земјотрес  бил проследен со силен звук, па затоа најмногу штета претрпиле куќите во селата Башибос и Ѓопчели.

Автор: Анита Тодорова

Целосниот труд е објавен во Билтен за Физичка Географија бр. 7/8, 2011 год.

Оваа статија е прочитана 2095 пати!

Од категорија: Географски вести · Tags: ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger