Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Географско попатно запознавање на планините во Република Македонија

Географско попатно запознавање на планините во Република Македонија

3.11.2012

Површината што ја зафаќа Република Македонија изнесува 25713 км кв. Од оваа површина 80% се планини, а 20% се рамничарски терени, од што произлегува дека Република Македонија е повеќе планинска земја. Набљудувано од птичја перспектива ни изгледа како “шаховска табла”. Сите планини и котлини си имаат свои имиња кои ги знаат жителите од локалното население. Меѓутоа, луѓето од другите краеви кои пропатуваат низ државата, најчесто не знаат покрај кои планини и котлини поминуваат, па би било пожелно тоа да го претставиме преку овој прилог.

Релација Скопје-Гевгелија

На релацијата Скопје-Гевгелија, напуштајќи ја Скопската Котлина и патувајќи кон Велес, се навлегува во Таорската Клисура на реката Вардар. Десно од патот е Скопска Сува Планина која во продолжение се надоврзува планината Китка, а Китка на Голешница која следи до Велешката Котлина. Зад овие планини се планините Караџица, Мокра Планина со врвот Солунска Глава, а зад Мокра Планина е Орешка Планина (Даутица). Трите планини не се забележливи од автопатот. Од левата страна на автопатот и реката Вардар во Таорската Клисура е Градиштанската Планина која започнува од реката Пчиња па се протега се до велешкото езеро Младост. Патувајќи во спротивна насока Велес-Скопје, се минува преку јужните делови на Градиштанската Планина. Напуштајќи ја планината кај селото Петровец се навлегува во Скопската Котлина. Јужно од Велешката Котлина, од десната страна на патот и реката Вардар па се до Градско е планината Клепа. На истата релација, од левата страна на патот и реката Вардар се ниските брановидни ридови со највисокиот врв Илинџа висок 664 м. Од Градско до Демир Капија, од десната страна е висорамнината Витачево, додека од левата страна на истата релација е областа Сландол, позната како Криволак. Понатака кон Градско, на Сландол се надоврзува Конечка Планина (Серта) која се протега некаде до средината на клисурата Демир Капија. Од градчето Демир Капија, па се до Гевгелиското Поле, од десната страна е Марјанската Планина. Југозападно од Марјанската Планина и западно од Гевгелиското Поле, подалеку од автопатот и раката Вардар, па се до границата со Грција е планината Кожуф. На левата страна од автопатот и реката Вардар, некаде од средината на Демир Каписката Клисура и селото Градец што е покрај патот, на Конечка Планина се надоврзува Градешка Планина, која завршува кај селото Удово. Од селото Удово, па до границата со Грција е ниската планина Плавуш. Клисурата Демир Капија всушност се наоѓа меѓу Марјанската Планина што е десно од Вардар и Конечка и Градешка Планина што се лево од реката.

Релацијата Скопје-Охрид

Патната релација Скопје-Охрид, започнува во западниот дел на Скопската Котлина. Напуштајќи ја Котлината се навлегува во Скопскиот Дервен. Од десната страна на патот е планината Жеден, а од левата страна е Сува Гора чиј огранок во дервенот се вика Каршијак. По завршетокот на Скопскиот Дервен, патот благо се спушта во Полошката Котлина. На запад и северозапад од котлината е Шар Планина, додека од југоисточната страна на котлината или лево од патот Тетово – Гостивар продолжува Сува Гора. Од Гостивар до Кичево пределот е планински. Првата планина што е од десната страна е планината Бистра која на патот не следи и низ Кичевската Котлина. Од левата страна на патот е планината Буковиќ. Од превојот Стража кој е меѓу планините Бистра и Буковиќ, патот се спушта по падината на Буковиќ до крајните северни зарамнети делови на Кичевската Котлина. Источно од планината Буковиќ што не се гледа од патот, завршува Сува Гора и се надоврзува планината Челоица, која е лево од патот и завршува некаде кај селото Осломеј – Туин и превојот Белези. Од оваа линија кон југ, источно од Кичево и Кичевската Котлина е планината Песјак. Од Кичево кон Охрид до селото Извор од десната страна е планината Бистра додека лево се крајните северни делови на Илинска Планина. Од селото Извор десно започнува планината Стогово, која покрај патот е се до превојот Пресека, а од левата страна е Илинска Планина. Од селото Извор до превојот Пресека пределот се вика Хопачко. Од превојот Пресека кон Охрид е пределот Дебарца. Десно од патот е планината Караорман која покрај патот е се до селото Ботун каде започнува Струшкото Поле. Од десната страна, после превојот Пресека, меѓу селата Годивје и Песочани е Славеј Планина огранок на планината Караорман. Од левата страна на патот е Илинска Планина. Напоменуваме и тоа дека од патот во Дебарца, па се до селото Ботун се патува покрај реката Сатеска. Од Ботун до пред Охрид од левата страна на патот се западните падини на Илинска Планина.

Релацијата Маврово-Охрид

Ако се патува за Охрид преку Маврово и Дебар, на почетокот од десната страна на патот е Шар Планина, а од левата страна е планината Биста. Двете планини десно и лево од патот се протегаат се до реката Радика. Патувајќи покрај реката Радика од десната страна е планината Кораб (Дешат, а потоа Крчин), а од левата страна на патот е палнината Бистра. Заминувајќи го Дебарското Езеро од десната страна започнува планината Јабланица и не прати се до Охридското Езеро. Од левата страна пред Дебарското Езеро започнува планината Стогово. На Стогово се надоврзува планината Караорман која е лево од патот се до Струшкото Поле. Пределот меѓу овие планини се вика Малесија или Дебарски Дримкол.

Релацијата Охрид-Битола-Прилеп

Меѓу Охридското и Преспанското Езеро се планините Галичица и Исток (Петра). Галичица го зафаќа јужниот дел, а Исток северниот дел се до патот Охрид – Ресен. Патувајќи од Охрид до Ресен, како што рековме десно е планината Исток (Петра), а лево од патот прво е Илинска Планина, па потоа Плакенска Планина и се навлегува во Преспанската Котлина и градот Ресен. Од Ресен патот продолжува за Битола, искачувајќи се по падините на планината Баба што е од десната страна и Бигла од левата страна на патот. Овие две планини се одделени со превојот Ѓавато. Пред да се стаса во Битола од левата страна на патот е Црновршкиот Рид. Од Битола до Прилеп се патува низ Пелагониската Рамнина. Десно од патот на извесна оддалеченост е Селечка Планина на која десетина км пред Прилеп се надоврзува планината Дрен. Од левата страна на патот по напуштањето на Битола е малата планина Облак. Од Прилеп до Градско патот оди преку превојот Плетвар.

Релацијата Куманово-Кр.Паланка

По Куманово, од автопатот се двои пат за Крива Паланка и Бугарија. Од десната страна на овој пат се северните делови на Средорек и Страцин, а десно од с. Ранковци започнува планината Осогово, која не следи до границата со Бугарија. Од левата страна на патот по планината Руен и реката Пчиња се протега планината Кумановски Козјак. Северно од селото Ранковци и подалеку од патот е планината Герман. Во продолжение на планината Герман е планината Билино, која е северозападно од Крива Паланка, а пак по сртовите на Билино се наоѓа границата со Србија. Не само тоа, туку на неа е и граничното тромеѓе меѓу Србија, Бугарија и Република Македонија.

Релацијата Велес-Штип-Делчево

Од Велес за Штип се поминува низ Овче Поле. Нешто подалеку од десната страна на патот е ниската планина со врвот Иланџа, истиот што се наоѓа лево кога се патува од Велес кон Градско. Во продолжение кон Штип од десно е ниската планина Богословец со врвот Свети Јовански Рид. Од Штип до Делчево се патува покрај реката Брегалница. Десно од патот, тргнувајќи од Штип за Кочани е планината Плачковица, а лево меѓу овие два града прво е планината Манговица, а после Злетовска Река која се влива во Брегалница, е планината Осогово која не следи се до Делчево. После Кочани патувајќи кон Делчево, Пехчево и Берово, десно од патот се планините Обозна и Голак. Лево од патот Делчево – Пехчево – Берово е планината Влаина. На Влаина се наоѓа границата со Бугарија. Пределот помеѓу Обозна и Голак од една страна и Влаина од друга страна се вика Пијанец.

Автор: Илија Петрушевски

 

Оваа статија е прочитана 5065 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger