Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » Некои карактеристики на Текстилната индустрија во Светот и кај нас

Некои карактеристики на Текстилната индустрија во Светот и кај нас

06.11.2012

Текстилната индустрија е мошне значајна индустриска гранка како во светот, така и кај нас. Исто така, таа е една од најстарите индустрии во светот. Истата најрано се појавила и се развила на територијата на Велика Британија. Текстилната индустрија е гранка на индустријата која првенствено се занимава со преработка на влакнести суровини и изработка на предиво, ткаенини, плетени производи и друго, и добивање на нивни производи. Суровината што ја користи може да биде од природно потекло (волна, памук, свила, лен и јута) или од вештачко потекло користејќи ги производите добиени со помош на хемиската индустрија (синтетички влакна, вештачка свила и др.).

Географската разместеност на индустриските грански се врши под влијание на низа природно-географски и општествени услови и законитости, кои со заедничко име се познати како локациски фактори.

Според видот на производството се поделени во две групи и тоа: фабрики за производство на текстилни предива и ткаенини и фабрики за готови текстилни производи – конфекција и трикотажа. Најкарактеристична поделба на текстилната индустрија е според суровините што ги користи и во тој поглед таа може да биде: памучна индустрија, индустрија за волна, индустрија за свила, лен и јута и конфекциска индустрија.

Памучната индустрија е најразвиен вид на текстилна индустрија.  Денес оваа текстилна гранка во најголем дел е развиена во земји кои се јавуваат како големи производители на памук како што се: Кина, Египет, Индија, Бразил, САД, Велика Британија, Франција , Германија, Русија .

Волнената индустрија, исто така,  претставува една од најстарите гранки на индустријата.  Волната почнала најпрво да се преработува во Фландрија и Фиренца, а потоа и во Велика Британија. Исто така, таа е застапена во Италија и САД. Најголеми светски производители на волнено предено и ткаенини се Велика Британија, Русија, Јапонија, Кина и Франција, САД, Италија. Потоа, голем пораст на производството бележат и земјите што се познати производители на волна, а тоа се Австралија, Нов Зеланд, Аргентина и ЈАР.

Индустријата за свила е традиционална текстилна гранка за Кина, Јапонија, Тајван, Кореја. Природната свила сè до откривањето на вештачката била една од најважните суровини.  Инаку, Кина е најголем производител на природна свила. Индија е втор голем производител во светот.Помеѓу двете светски војни Јапонија била водечка земја во производството на природна свила. Подоцна, таа развила производство на вештачки и синтетички влакна.

Доминантно место во производството на ленено платно во светот имаат Русија и Полска, а на конопни и јутени производи – Индија, Пакистан и Бангладеш.

Што се однесува, пак, до конфекциската индустрија денес големи центри за производство на конфекција се Париз, Лондон и Виена. Исто така, Париз е светска метропола на модата. Меѓутоа, Кина е најголемиот светски производител, пред се поради ефтината работна сила . Но во однос на производството на брендови, односно препознатливи марки, следење мода, производство од светски модни креатори и пред сè присуство на висока мода се истакнуваат повеќе центри во Европа. Имено, главни центри се наоѓаат во Милано, Рим и др., а во Франција тоа е Париз. Велика Британија – Манчестер и др., а во САД – Њујорк.

Што се однесува, пак, до текстилната индустрија во Р. Македонија значајно е тоа што таа е поделена во 4 (периоди):

  • периодот од појавата на првата голема текстилна фабрика во 1883 година до Првата светска војна;
  • периодот од Првата до Втората светска војна;
  • периодот од 1945 година до 1990 година и
  • периодот од 1990 година до најново време.

За првиот период е карактеристично дека тогаш била отворена првата фабрика во с. Дихово, Битолско, а покрај неа биле отворени уште 3 (три) други, кои пак, едната се наоѓала во Магарево, Битолско, втората во Тетово и третата во Гевгелија. Покрај нив работеле и уште 12-ина други помали работилници, а најголем дел од нив бил сконцентриран во Битолско. Во сите овие работеле околу 800 лица.

Вториот период се карактеризира со отворање на нови 14 фабрики во Скопје, Битола, Гевгелија, Струмица. Во нив работеле околу 455 лица. Во овој период градот Скопје го презел приматот на центар на текстилната индустрија од Битола.

Тесктилната индустрија во третиот период силно се развила и го доживеала својот расцут. Имено, со Указ на Народното собрание на НР Македонија од 10 Септември како индустриски претпријатија од текстилната индустрија се прогласени 10 (десет) фабрики.

1950 година е изградена и пуштена во редовно производство Фабриката за свила ,,Нонча Камишова” во Велес, а наредната 1951 година, Фабриката за преработка на волна ,,Тодор Виповски Мерџан” во Тетово и Фабриката за преработка на памук ,,Македонка” во Штип. Така, во овој период поставени се основите на текстилната индустрија и во некои други градови во државата.

Наредниот втор импулс во развојот на текстилната индустрија во Македонија се јавува околу 60-тите години, поточно околу 1958 и 1966 година. Во овие години вкупно биле изградени 22 текстилни фабрики и тоа речиси во сите делови на државата.

Третото ширење на текстилната индустрија во Р. Македонија се јавува од 1970 до 1985 година.Тогаш биле изградени 14 фабрики.

Што се однесува пак, до вработеноста во текстилната индустрија може да се каже дека некаде во 1950 година биле вработени околу 3000 вработени, во наредната деценија околу 10500, додека пак, во 70-тите години овој број се удвоил на 21535 вработени. Вработеноста во текстилната индустрија продолжила да расте со мошне интензивно темпо и во наредните години достигнувајќи го својот максимум во 1990 година кога имало 61000 вработени. Исто така,  од 55 претпријатија колку што постоеле во 1985 година, во 16 од нив работеле по над 1000 вработени.

Во четвртиот период, кој започнува со осамостојувањето на Македонија и трае до денес, текстилната индустрија како и останатите индустриски грански се наоѓа во  транзиција. Зафатена од снажни трансформациони преоцеси и приватизација, значаен број од големите текстилни комбинати го намалија производството, а добар дел од нив и престанаа да постојат.

Наместо сложените текстилни комбинати во градовите со развиена текстилна индустрија, масовно се формирани бројни мали текстилни претпријатија главно од конфекциска дејност кои работат на ,,Лон” – систем. Најголем дел од ова производство се пласира во земјите на ЕУ.

Во 2003 година, бројот на вработени во оваа индустријата изнесувал околу 27521 лице. Во последните години, бројката на вработени во текстилната индустрија изнесувала околу 35000. Исто така во овој период, текстилната индустрија во БДП е застапена со околу 16%, а според во однос на вработувањето зазема 37.84% од вкупно вработените во индустријата.

Градот Штип и регионот и понатаму остануваат како најголеми центри на текстилната индустрија во Р. Македонија.

Извори:

  1. Апостоловска Тошевска Б. (2005): Локационите фактори и трансформација на текстилната индустрија во Република Македонија, Зборник од Третиот Конгрес на географите во Република Македонија, Стр.:150-154, Скопје;
  2. Апостоловска Тошевска Б. (2011): Индустриска Географија, Универзитетски учебник, Стр.: 1-170, Скопје;
  3. Стојмилов А., Миленковски Љ. (2001): Географија за I година средно образование, Просветно Дело – IV дополнето издание, стр.: 104-105, Скопје;
  4.  Стојмилов А. (2005): Социоекономска географија на Република Македонија, универзитетски Учебник, ПМФ, стр.: 281-297, Скопје;

Интернет страници:

1. www.stat.gov.mk

 

Подготвил:

Трајче Лазороски

Оваа статија е прочитана 8962 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger