Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, На тема » Колку е голема и како настанала Вселената?

Колку е голема и како настанала Вселената?

7.11.2012

Вселена, космос или универзум е огромниот бескраен простор во кој се наоѓаат разновидни небесни тела (вклучувајќи ја и Земјата), кои се движат по патеки одредени според физичките законитости. Всушност, Вселена (како што кажува и самиот назив) е сè што постои, просторот, времето, материјата (видливата и невидливата), енергијата, планетите, ѕвездите, галактиките и содржината на интергалактичкиот простор. Големината на Вселената, веројатно никогаш нема точно да се утврди, бидејќи можеби едноставно е бесконечна. Дури и да е конечна, таа не би имала средиште ниту граници, туку би била свртена околу самата себе (како површина на балон). Нашите сознанија се однесуваат само на дел од Вселената кој може да се види од Земјата. Таа видлива Вселена е сферна област околу Земјата каде светлината стигнала до нас од создавањето на Вселената (пред 13.7 милијарди години) до денес. Според најновите сознанија, радиусот на видливата Вселена изнесува неверојатни 46 милијарди светлосни години, а пречникот 92 милијарди светлосни години. За потсетување, најблиската соседна ѕвезда Проксима (Алфа) Кентаури е оддалечена „само“ 4,3 светлосни години, а сепак, на најбрзите денешни вселенски летала би им требало околу 40 000 години (при брзина од околу 30-35 km/sec) да стигнат до неа! Делот од Вселената кој се гледа од Земјата содржи околу 100 милијарди галактики, а секоја од нив, во зависност од големината, има помеѓу 10 милиони и 1000 милијарди ѕвезди. Така, се проценува дека вкупниот број на ѕвезди во овој опфат изнесува околу 7 илјади милијарди милијарди ѕвезди. Покрај видливата „светла“ материја, проучувањата покажуваат дека Вселената мора да се состои и од големо количество темна материја, најверојатно во вид на темни тела слични на планети, честички со многу мала маса како неутрина и сл. Всушност, се смета дека 80% од севкупната материја во Вселената ја сочинува темната материја, а останатите 20% е „обичната“ видлива материја. Со цел директно да се докаже постоењето на темната материја, во тек се поголем број лабораториски потраги и експерименти по соодветни честички, најчесто во длабоките рударски окна.

Астрономските набљудувања покажаа дека Вселената доста брзо и рамномерно се шири во сите правци, при што галактиките меѓусебно се оддалечуваат (како балон кој се надувува). Воочено е дека колку некоја галактика е подалеку од нас, толку е поголема и брзината на нејзиното оддалечување. Така, најдалечните галактики што воопшто може да се видат со телескопите, се оддалечуваат со огромни брзини блиски на брзина на светлината. Затоа се вели дека Вселената е во фаза на ширење-експанзија, кое започнало со самото нејзино создавање при Големата експлозија, пред 13,7 милијарди години. Тогаш, во дел од секунда, од бескрајно густа и незамисливо жешка Вселена, се создале првите фундаментални честички, а нејзиниот пречник од милијардити делови на mm нараснал на неколку светлосни години. По неколку стотици илјади години, овие честички ги изградиле првите атоми, а пречникот на Вселената достигнал 100 милиони светлосни години. Веќе по неколку милиони години започнале да се создаваат и првите галактики, додека Вселената достигнала пречник од околу милијарда светлосни години. Така, постепено со текот на времето е создадена денешната структура и големина на Вселената. Што се случувало пред Големата експлозија (која всушност и не била некоја типична експлозија, туку нагло ширење на Вселената од бесконечно мала точка) и каква ќе биде натамошната еволуција, веројатно уште долго време ќе остане само предмет на шпекулации и теории. Сепак, главно доминираат две сценарија, кои зависат од густината на материјата и енергијата во Вселената. Ако таа густина е поголема од критичната, ќе надвладее гравитацијата, па по неколку десетици милијарди години ќе дојде до „Големо стегање“, а Вселената ќе заврши како што и почнала – во незамисливо мала точка. Можеби во некој момент подоцна, пак ќе се јави нова Голема експлозија и ќе се создаде нова Вселена. Така, вечно ќе се менуваат циклуси на ширење и стегање. Доколку пак густината е по-мала од критичната, во иднина Вселената ќе продолжи да се шири и да се лади и по десетици милијарди години ќе заврши како огромно, темно ледено пространство. Неизвесноста околу тоа кое сценарио ќе преовлада е бидејќи сеуште не се знае количеството на материја и енергија во Вселената за да се процени дали е над или под критичната густина. Тоа од причина што се смета дека учеството на обичната, видлива материја што се гледа со телескопите е сосема мало во однос на темната материја и темната енергија (чија природа не ни е позната, а која влијае врз забрзаното шире-ње на Вселената). Како и да е, со крајот на оваа Вселена која што ја знаеме, без оглед дали тоа ќе е преку „Големото стегање“ или „Големото мрзнење“, неминовно ќе изумре севкупниот жив свет во неа. Интересно е што некои космолози сметаат дека е можно да постојат други вселени паралелно со нашата, но тоа барем според сегашните сознанија, никако не може да се докаже ниту пак да се одрекне.

Извори: 1. Милевски И. (2012): Земјата и Вселената, Скопје; 2. Рис М. (2008): Вселена-детален илустриран водич. Младинска книга, Скопје

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7288 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, На тема

Еден одговор на "Колку е голема и како настанала Вселената?"

  1. Gordana says:

    KOENTAR NEMAM,NO NIKAKO NE MOZAM DA GO RAZBERAM UNIVERZUMOT ,BESKONECNOSTA I PARALELNO KAKO NASTANAL COVEKOT I CELIOT TOJ PROCES,KAKO DA GO RAZBERAM OVA MNOGU SE IZMACUVAM I DOAGAM DO NEKOJA NEIZDRZLIVA SOSTOJBA VO KOJA NE MOZAM DA SE KONTROLIRAM,PREMNOGU MI E TESHKO NE NAM KOJ MOZE DA MI OLESNI I DA MI OBJASNI ,BLAGODARAM

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger