Викенд предлог: Национален парк Маврово

7.11.2012

Националниот Парк Маврово зазема простор од 73.088 хектари и најголем е меѓу трите национални паркови во Македонија. Националниот парк “Маврово” е основан со закон на Народното собрание на НР Македонија од 19.04.1949 година, со кој шумските предели околу Мавровско Поле се прогласени за Национален парк. Во границите на паркот се опфатени планините: Кораб, Дешат, југозападните ограноци на Шар Планина, поголем дел од Бистра и северните делови на Крчин. Во границите на паркот се среќаваат голем број на интересни морфолошки форми: речни долини, клисури, водопади, карстни полиња, ували, вртачи, пештери, циркови, глацијални езера, разни видови на денудациони облици и сл. Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика. Во склоп на националниот парк е и Мавровското вештачко езеро. На овој простор се наоѓаат преку 52 планински врвови со надморска висина над 2000 м од кои попознати се врвот Меденица на планината Бистра, Веливар, Сандакташ и други. Посебно значење има врвот Голем Кораб (2764 м н.в.) кој е највисок врв во Македонија, а со тоа и највисока точка на паркот. Најниската точка на Националниот парк е на 600 м н.в. и се наоѓа на самото место каде што Мала Река се влева во реката Радика. Од вегетацијата на паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума.
Поради прекрасните пејсажи, природни и антропогени вредности, Националниот парк Маврово стана препознатлива туристичка дестинација, особено во зимскиот период. Тука се изградени повеќе хотелски сместувачки капацитети со преку 700 легла, но и бројни викендички со речиси уште толкав капацитет. Сепак, светските искуства покажуваат дека скијачките патеки треба да се само дел од понудата, додека на планините се градат центри со поинакви содржини. Скијачкиот центар во Маврово живее два месеци, а другите форми на туризам се релативно запоставени и неискористени.
Покрај бројните убавини, во овој простор е глацијалното езеро Локув кое е најниското такво езеро во Република Македонија и според својата местоположба претставува вистинска туристичка атракција. Сместено во прегратките на Дешат планина, на висина од 1568 метри надморска височина, езерото е гордост на локалното население, кое во негова близина има поставено неколку клупи за одмор, бачило и чешма со природна студена вода за пиење. Манастирскиот комплекс „Св. Јован Бигорски“ посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа по течението на прекрасната Радика, на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште.
Една од најимпресивните глетки кои ги нуди езерото е потопената стара црква во Маврово, од која во одреден период од годината кога водата на езерото го постигнува највисокото ниво, може да се види само дел од покривот и половина од камбанаријата. Оваа црква била потопена при изградбата на езерото, односно со изградбата на хидросистемите „Маврово“ во 1857 година, во тогашното Мавровско Поле. Иако поголем дел во годината е под вода, во ретките прилики кога водата од езерото се повлекува, сеуште може да се види нејзината цврста градба. Црквата претставува своевиден заштитен знак на селото и поширокиот регион.
Како резултат на големата издиференцираност на релјефот, националниот парк Маврово се одликува со извонредно флористичко богатство, коешто се состои од над 1000 видови виши растенија, од кои 38 се дрвни видови, 35 грмушки а околу шеесетина се ендемични, реликтни или ретки видови. НП Маврово претставува класично наоѓалиште за 7 растителни видови, единствено е наоѓалиште во Македонија за 12 ретки растителни видови а во границите на паркот се сретнуваат уште 33 видови растенија коишто се многу ретки во останатите делови на Македонија.Националниот парк Маврово е единствено наоѓалиште во рапубликава за 12 ретки растителни видови а во неговите граници се среќаваат уште 33 други видови на растенија кои се многу ретки во останатите делови од државава. Фауната на националниот парк Маврово исто така се одликува со значителна разноликост. Таа се состои од 140 видови птици, од кои, позначајни се: сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумскиот ут, големиот був, ливадската еја, степската еја, како и 11 видови водоземци, 12 видови на влечуги и 38 видови цицачи. Од цицачите најважни се: мечката, рисот, дивокозата и дивата мачка.

Од сето наведено произлегува дека Националниот парк Маврово го опфаќа можеби најубавиот простор во Република Македонија. Затоа издвојте време и посетете го барем за некој викенд, бидејќи тој е прекрасен без оглед дали е есен, зима, пролет или лето.

Извори:
www.makdenes.org/content/article/2072798.html
www.npmavrovo.org.mk
mk.wikipedia.org/wiki/Национален_парк_Маврово
www.makedonskibiser.com.mk

Подготвиле: Јасмин Личина и Тоше Тановски

Оваа статија е прочитана 12963 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *