Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » На тема » 520 години од првото патување на Колумбо до Америка и „откривањето“ на тутунот!

520 години од првото патување на Колумбо до Америка и „откривањето“ на тутунот!

12.11.2012

Кристофер Колумбо (1451-1506) е сигурно еден од најпознатите морепловци во историјата. Се смета дека по татко бил Шпанец, а мајка му била Италијанка. Сепак, има и други тврдења: дека е целосно Италијанец, можеби Каталонец, а некои веруваат дека бил Полјак со кралско потекло, но таа мистерија можеби никогаш нема да биде разрешена до крај. Уште на млади години се здобил со глас на добар и многу храбар морепловец. Сосема добро ги познавал бреговите на Западна Европа, а речиси е сегурно дека со дански бродови пловел дури до Исланд. Во текот на својот престој на островот Порто Санта близу Мадера, Колумбо дознал за многу чудната билка и за предметите кои се најдени во море или кои се исфрлени на брегот. Исто така слушнал за чамецот во кој биле телата на двајца чудни темнокожи луѓе, а кој допловил носен од ветровите од запад, од некој далечен брег на другата страна од Атланскиот Океан. Ваквите информации го натерале Колумбо да ја разгледа можноста за понатамошни откривања. Нов патоказ пронашол во Лисабон каде што се наоѓала картата на Тосканели на која стоело дека постојат сите причини за претпоставката до азискиот континент да се стигне ако се плови кон запад. Ова се потпирало на теоријата дека Земјата е тркалезна и дека нејзината големина дотогаш се преценувала. Значи, можно било Атланскиот океан да го спојува европското копно со бреговите на Кина, која ја посетил Марко Поло. Колумбо побарал поддршка од португалскиот крал Жоан за патување на запад, но неговата молба била одбиена. Потоа, преку својот брат Бартоломео, се обратил на кралевите на Франција и Британија, но и таму без успех. Затоа, во 1484 година ја напуштил Португалија и заминал во Шпанија. Во својство на партнер, сопственикот на бродови Мартин Пинсон го поддржал планот на Колумбо. Со тешкотии храбриот морепловец успеал некако да добие прием во шпанскиот двор. Колумбо го изненадил дворот со своите смели барања – помош во финансирање на патувањето, десеттинка од сите добивки што ќе се остварат со патувањето, племички статус и титула „голем адмирал на океанот“. Првин бил одбиен, но подоцна кралицата Изабела попуштила и на крајот Колумбо ја имал подршката која што му била потребна. Биле опремени три брода, Ниња, Пинта и Санта Марија, кој бил командниот брод на Колумбо. Исто така, кралицата ослободила извесен број затвореници под услов да служат како морнари во експедицијата. Поаѓањето на експедицијата од Палоса, со три мали брода, половина час пред разденување во петок, на 3 август 1492 година, бил мачен настан бидејќи малкумина очекувале дека патниците ќе се вратат. Колумбо најнапред запловил кон југ, кон Канарските острови, од кои сметал дека ќе треба да помине повеќе од 3700 км низ океанот за да стигне до земјата на „Големиот кан од Китај“. Резервите од храна почнале полека да се топат и посадата почнала да се плаши за својата иднина. Морнарите не вложиле ништо свое во таа пловидба и не сакале да го продолжуваат она што мислеле дека е вистинска пропаст. На 10 октомври дошло до пресвртен момент кога Колумбо морал да вети враќање ако за три дена не се појави никакво копно. За среќа, следното утро забележале гранчиња како пливаат – некои од нив и со лисја – голема маса некакви тревки и едно парче дрво кое очигледно било дел од некоја резбана фигура. Тогаш, таа ноќ, лично Колумбо здогледал светлина. Според неговото ритмичко движење заклучил дека го носи човек на брегот. Утрото, младиот морнар Хуан Родригес де Тријана од бродот Ниња го здогледал копното. На ова острово Колумбо решил да му го даде името Свети Спас – Сан Салвадор. Во текот на следните три месеци истражувачите пловеле од остров до остров. Како патоказ на Колумбо му служеле единствено патописите на Марко Поло од Азија и иако „Индијанците“ на кои што наидувал биле со црвеникав тен, коси очи и права коса, на наишол на некаква напредна цивилизација. Кога бродовите пристигнале на Хаити, а потоа во Куба, Колумбо се надевал дека стигнале во Јапонија (Сипанго од патописот на Марко Поло), но жителите на овие острови не биле тоа што очекувал тој. Очигледно тоа не биле припадници на Големиот Кан. Никаде немало ниту слонови ниту лавови. Колумбо заклучил дека открил некој дотогаш напознат индиски архипелаг. Собрал товар составен од локални реткости, чудесни птици, билки за јадење, резба, златен накит и неколку домородци, најмногу од племето Таина. На 15 Ноември 1492 година, во својот дневник Кристофер Колумбо напишал: “Домородците ми подарија овошје, копја и некави исушени лисја кои имаат силен мирис. Лисјата ги виткаат, ги палат со оган и вдишуваат дим, а димот го испуштаат кон луѓето”. Всушност Колумбо за прв пат видел тутун, кој подоцна двајца негови морнари го однеле во Европа. Без оглед на големите откритија и достигнувања, умрел во беда, а сеуште со сигурност не се знае каде му е гробот. За неговите успеси и достигнувања долго време се воделе дебати, но речиси сите се согласуваат дека бил бестрашен и брилијантен навигатор. Назад за Шпанија планирал да тргне во јануари, но враќањето го забрзал кога открил дека Мартин Пинсон веќе отпловил, веројатно со намера откритието да си го припише себеси. Меѓутоа Колумбо бил добар навигатор и иако Санта Марија била напуштена кога се насукала, Колумбо со своите луѓе и товарот, стигнал со Ниња во Палос на 15 март 1493 година. Во Шпанија Колумбо бил пречекан како херој. Таму на кралската фамилија им прикажал заробени домородци, злато коешто го нашол во новите територии, како и претходно непознатите тутун, ананас, мисирки и најголемиот хит меѓу морнарите, хамокот. Колумбо не донел никакви зачини. Во неговиот дневник, Колумбо напишал дека во новите територии има многу „аји“, тип на пипер кој е повреден од црн пипер и е многу јаден од локалното население.
На 24 септември, 1493, адмиралот Колумбо тргнал на своето второ патување од Кадиз, Шпанија со 17 бродови и посада од 1200 луѓе со цел да го конолонизира новооткриениот регион. На новото патување се задржал речиси цела година, детално поминувајќи ги бреговите на Куба и соседните острови (Мали и Големи Антили). При тоа, се однесувал многу сурово со домородното население, барајќи им големи количества на злато, памук и други вредни предмети.
Во 1498 година повторно се упатил на море, овој пат пловејќи по на југ, со намера, како што најавил, да го пронајде Малачкиот теснец и морскиот пат за Индија. Наместо тоа, всушност го пронашол Тринидад. Потоа тргнал кон југ, минувајќи покрај устието на Ориноко. Текот на оваа река бил толку јак што слатката вода се чувствувала и на 50 километри, а Колумбо дошол до заклучок дека тоа мора да биде една од Рајските реки. Набрзо заклучил дека неможе да плови понатаму, па тргнал кон запад, долж брегот на Венецуела. Потоа, со своите оштетени бродови отпловил во Санто Доминго. Колумбо сеуште мислел дека треба да биде поставен за подкрал на „Индија“, но се се вртело против него. На крај, големиот морепловец е уапсен и во синџири бил испратен во Шпанија. Оптужбата против него гласела: недозволено тргување со злато со домородците. Во Шпанија кон него се постапувало со повеќе обзири и во 1502 година му дозволиле повторно да го преземе новото патување. На ова последно патување тој поминал покрај Куба и во Хондураскиот залив се сретнал со еден голем чамец во кој имало индијански трговци. Тие му ја опишале земјата на златото на југ и го упатиле кон Костарика, заштитувајќи ги на тој начин сопствените градови на Јукатан од таинствените странци. Колумбо пловел по брегот на Панама, но бродовите веќе му биле несоодветни за пловидба, а и неговото здравје се влошило. Се вратил на Јамајка како знаел и умеел, а потоа отпатувал во Шпанија за да бара помош од кралот, бидејќи неговата заштитничка кралицата Изабела веќе била умрена. Своите последни месеци ги проживеал болен, со скршено срце и само неколку пријатели што го посетувале. Умрел „скромно“ на 20 мај 1506 година во Ваљадолид, а ниту денес не се знае каде се неговиот гроб и посмртните останки. Претходно судот му ги одзел најголем дел од богатствата стекнати при патувањата, но по 20-годишен спор, дел од тие богатства биле вратени на неговите наследници.

Интересно е што до самата смрт, Колумбо тврдел дека открил делови на Азија, иако многу мина го уверувале дека станува збор за нов континент. Погрешно е и тврдењето дека Колумбо прв ја открил Америка, бидејќи уште околу 30.000 години пред него, кога бил замрзнат Беринговиот мореуз, имало големи миграции на луѓето од источна Азија кон Америка. Во античко време, можно е некои морепловци да стигнале до бреговите на Америка, а со сигурност тоа се случило во 11 век од страна на Викинзите.

Иако заслугите на Колумбо за колонизација на Америка се очигледни, сепак потомците на индијанските народи во Америка со презир гледаат кон него бидејќи на некој начин е одговорен за уништување на домородните цивилизации на овие подрачја.
Интересно е тоа што при своите патувања, Колумбо за прв пат однел Африкански домородци во Америка. Одредени историски документи покажуваат дека можно е во текот на првото птување, со Колумбо да бил и Македонец, односно Драхан де Лихнида (Драган од Охрид), кој останал во малата населба – логор во новооткриените области. Тоа е можеби првиот македонец кој дошол и живеел во Америка.

Извори:
http://mk.wikipedia.org/wiki/Кристофер_Колумбо
http://en.wikipedia.org/wiki/Christopher_Columbus
http://www.fakulteti.mk/news/11-11-15/na_deneshen_den_kristofer_kolumbo_go_otkril_tutunot.aspx

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6078 пати!

Автор:

Од категорија: На тема

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger