Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » Чудесниот остров Голем Град во Преспанското Езеро

Чудесниот остров Голем Град во Преспанското Езеро

19.11.2012

Голем Град (Змиски Остров или Св. Петар) е остров во Преспанското Езеро и е најголемиот природен остров во Република Македонија. Искачувањето на островот е можно само на две места, на северозападниот и на југоисточниот крај, каде постојат мали плажи и пукнатини во карпите до кои може да се пристигне со чамец. Островот лежи скриен во езерото, со идеални можности да послужи како збег на луѓето од брегот во повеќе наврати во минатото.
Островот Голем Град се наоѓа на околу 2 км од брегот на езерото (Пречна планина). Има елипсовидна форма со должина 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и клифови со височина 20 до 30 метри. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островот. Меѓу возвишенијата има седло кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на платото. Матичниот супстрат е од тријаски варовници кои делумно излегуваат на површината. Помеѓу нив оформена е плитка скелетна рендзина.
Опкружувањето со големата количина на вода, геолошката подлога и близината на медитеранот овозможиле на островот да владее посебна микро клима која е причина за појава на богата и ретко распространета вегетација, во која доминираат јужноевропските флорни елементи. На островот Голем Град според академик Ханс Ем, јасно се издвојуваат две шумски заедници и тоа шумата на дива фоја (Biaro tenuifoliae-Juniperetum excelsae) и шумата на вебиевиот бадем и мазната копривка (Pruno webbii-Celtetum glabrae). Оваа природна реткост со високи карпести рабови (до 30 м.) и специфична клима обилува со разновидни ендемични растенија. Најмногу е застапено шумското растение Фоја (Juniperus ekcelsa) што вирее и на самите карпи и претставува реткост. Заради бавното растење се претпоставува дека најголемите полусуви стебла се постари од илјада години. Таа е распространета во Кавказ, Иран, Либан, Крим, Мала Азија и на Балканскиот Полуостров (во Македонија, Бугарија и Грција). Во Македонија – Вардарска Македонија, на Голем Град, на планината Галичица и на Пречна Планина. Расте 10 – 12 метри височина со пречник на стеблото од 30 – 50 см. На островот има стебла постари од три века.
Откриени се 160 видови папрати и семени растенија на 180 родови и 41 фамилија. 80 од нив се јужно – европски флорен елемент. Медитеранскиот и субмедитеранскиот флорен елемент со својата застапеност се најзначајни за островот. Според биолошките форми најзастапени се терофитите, односно едногодишните растенија. Ретко се сретнува црн габер, Македонски даб и благун.
Овие процеси дополнително го потврдија стадиумот на климакс во кој се наоѓа шумата на дивата фоја, кој ако се продолжи со ваквиот начин на управување неминовно ќе заврши со нејзино изумирање. Голем придонес за ваквата состојба дава и колонијата на корморани кои почнаа да се гнездат по стеблата на фоја во последниве 4 до 5 години. Нивното присуство, особено составот на екскрементумот предизвикува сушење на стеблата на кои се направени гнездата. Во текот на деведесетите години на Преспанското Езеро долетуваа и лебеди. Во јата од 4-8 птици доаѓаа напролет или наесен и се задржуваа по два – три месеци. Во споредба со пеликаните, лебедите се припитомуваат, најмногу преку давање храна. Нивната грациозност ја надминуваше убавината на долгоклунестите пеликани (несити). Пеликанот може да биде третиот елемент на симболите, во името на богатата фауна во овој крај. Пеликанот како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете Преспански езера (Големото и Малото), организира секоја година шестмесечен престој (15. Април – 15. Октомври) во јата од над сто птици. Другиот годишен период го минува во јужните предели на земјината топка. Пролетното долетување на овие бели птици со големи клунови не е многу забележливо, но за време на есенската преселба, тие се собираат во јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина, се упатуваат кон своите зимувалишта. Пеликанот не нурка под водата, а само плива на површината. Со силниот инстикт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта, до него слетуваат јата корморани, кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат симбиоза – заедничка исхрана. Навистина многу интересна појава.
На островот Голем Град има два вида на змии. Во карпите до водата живее змијата белоушка, која не е отровна. Во горниот дел од островот може да се сретне отровната змија поскок. Правени се обиди за нивно уништување со ежови (1949 година) и мунгоси (1967 година), но поголем успех не беше постигнат.
Голем Град е единственото копно во Република Македонија опкружено со вода на кое природните услови во содејство со човековите активности создале уникатна природа. Оваа уникатност и преземените мерки за нејзина заштита, придонеле со текот на времето островот и шумата од фоја на него да добие дури и духовно значење. Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато.
На островот на релативно мала површина сконцентрирани се голем број културни историски споменици и природни вредности. Два километри долгиот воден пат од селото Коњско води до оваа природна тврдина, издигната 30 m над езерската вода и со површина од 18 хектари. Денес е ненаселена, но е богата со ендемски растенија, ретки птици, залични заедници на животни, како и објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот.
Освен за љубителите и проучувачите на природата, островот Голем Град е едно од најатрактивните места за оние чии интересирања се насочени кон откривањето и исражувањето на остатоците на населбите од неолитот, хеленистичкото и римското време (некропола) и средновековието. Освен римската некропола, откриени се шест цркви, а постоеле дванаесет. Островот впрочем бил континуирано населен 2000 години, а манастирскиот живот се одвивал од X до XIV век. Меѓу пронајдените цркви, од особен интерес е онаа подигната и живописана во XIV врз темели на римска цистерна за вода. Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанската базилика од крајот на IV и почетокот на V век, каде се откриени остатоци од поден мозаик. Островот бил привлечен уште во римската епоха и подоцна во средновековието, што се потврди со два откриени слоја гробови како постојната црква Св. Петар (14 век) и кај темелите на црквата Св. Димитрија. Од 1967 година се вршени археолошки истражувања на островот, се откриени остатоци уште на две ранохристијански цркви (4-5 век) а се раскажува дека на островот некогаш имало седум цркви (Св. Петар, Св. Богородица, Св. Атанас, Св. Димитрија, Св. Георги и Св. Илија) што укажува на фактот дека бил густо населен. Во црквата Св. Петар (14 век) постои фасадна фреска (на јужната страна) со можне успешни композиции ,,Опсадата на Цариград” и ,,Бегството во Египет” за кои академик Цветан Грозданов вели дека се реткост на Балканскиот Полуостров. До црквата се наоѓа единствениот конак (изграден во 19 век) што се ползувал за живеење на црковните служители, но и чувари на илегалните Македонски револуционери од пред Илинденскиот период и за време на востанието во 1903 година кога на островот биле засолнувани голем број преспански востаници.
Покрај сето ова, во некрополите е пронајден златен, сребрен и бронзен накит, но што е најчудно и најзабележително, во нив не е пронајдено оружје. Сите оние карактеристики што се однесуваат на накитот кои се пронајдени на локалитетите во Република Македонија се пронајдени и тука. Ова не е некоја атрактивна населба, таа е селска, скромна населба, но археологијата го следи животот на човекот и неговото творење на целиот простор каде што живееме. Оттука се гледа колку во една мала селска населба има одраз животот во целина, што значи најдени се монети и накит од злато, сребро, стаклена паста што се наоѓаат и во богатите градови и наоѓалишта. Оттука може да се дојде до сознанието дека се она што е крупно, луксузно, што се случува во големите центри може да се најде и во Голем Град. Островот има три пристаништа: „Св. Петар“, „Гојдарица“ и „Влаија“.

Извори:
http://www.galicica.org.mk/mak/strani/Zoniranje/Golem%20Grad.htm
http://www.golemgrad.4t.com

Подготвил: Сузана Тасева

Оваа статија е прочитана 10801 пати!

Автор:

Од категорија: Чудесна Македонија

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger