Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » По Светот » Тропско одмаралиште на еден час јужно од Берлин

Тропско одмаралиште на еден час јужно од Берлин

24.11.2012

На околу 60 км јужно од Берлин во Германија, се наоѓа единственото вештачко тропско одмаралиште од таков вид во Европа, наречено „Tropical Islands“. Овој огромен простор е во масивен хангар во вид на купола која зафаќа површина од речиси 70.000 м кв. Во неговата изградба се потрошени дури 14.000 тони челик, колку што е потребно за 8 фудбалски стадиони. Со своите 5.5 милиони метри кубни волуменски простор, вештачкото одмаралиште претставува една од најголемите градби на Земјата и најголема хала без потпорни столбови. Целокупната инвестиција чинела над 100 милиони евра. Покрај бројните фасцинантни содржини, во внатрешноста се наоѓа најголемата затворена „мини прашума“ во светот со дури 30.000 растителни видови. Тропското одмаралиште во срцето на Европа е интересно и по тоа што има месојадни растенија, дрвја со банани, жбунови на кафе, лијани кои ги има само во вистинските џунгли, како и бројни други егзотични билки. Гостите може да уживаат на плажа долга 200 м, да пливаат во вештачкото море, да се сончаат на „тропското сонце“ (всушност огромни рефлектори) и сето тоа на пријатна температура од 25 степени Целзиусови, во текот на целата година. Минијатурното тропско море, покрај песочната плажа има неколку мали острови со уникатни тропски колиби. Комплексот е отворен постојано, преку целата година. Покрај тоа, поседува и базен со капацитет од 8000 посетители (меѓу најголемите затворени базени во светот), тобоган, терен за мини голф, ресторани, барови и слично. Затоа, ако се задржувате во Берлин, задолжително посетете го најголемиот вештачки тропски остров во светот кој е на само 1 час од градот. Цените се доста прифатливи и се движат од 25-40 евра по лице за неограничен (целодневен) престој, со вклучени дополнителни бонуси и погодности.

Извор: http://en.wikipedia.org/wiki/Tropical_Islands_Resort

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Објавено од:

Од категорија: По Светот

Leave a Reply

*