Articles Comments

ИГЕОГРАФИЈА » Отворено... » Продавање учебници

Продавање учебници

13.12.2012

Дали по порачка од фотокопирџиите, евентуално од трговците или нешто специјално, многу често се слушаат би рекол лесноумни коментари како универзитетските професори продавале книги. Зошто земјоделецот продава компири, пченица, тикви? Затоа што тоа го произведува. Зошто текстилците продаваат платно, конфекција, трикотажа и слично? Што произведува професорот? Знаење, книги, според тоа е нормално да продава книги, а не тикви, компири, мотики или волна. Како ги продава и зошто? Приказната во практиката е како што следува.

Совесен универзитетски професор покрај својата научна и апликативна работа, спроведува и наставна дејност. Според тоа логично е во наставната дејност професорот да подготви свои предавања, да напише скрипта, учебник, да ги публикува истите и да ги понуди како основен материјал од каде студентите треба да учат. Секој професор што не го прави тоа може да биде под сомневање дека не е доволно спремен и што и како презентира пред студентите.
Совесниот професор напишал книга, бара издавач и во 90% од случаите издавачите го одбиваат, бидејќи неговата книга за мали групи студенти не е комерцијална, така што професорот наместо да добие солиден хонорар за секој авторски табак принуден е со сопствени средства да го плати печатењето на книгата, се со цел да биде коректен спрема студентите, сопствената струка и спрема општеството. Понатака, професорот ја дава книгата во некоја од книжарниците да ја продаваат по некоја цена (најчесто по некој фактор два или евентуално три од цената на печатење (да не правиме муабет колку му чини интелектуалниот труд додека го направил учебникот). Од таа цена трговецот му зема најмалку 30%, потоа му задржува уште 12% при исплатата преку авторската агенција и што му останува на професорот, да простите тикви со расол.
Во продолжение, токму што излегла книгата фотокопирџиите го „купуваат“ првиот примерок, го фотокопираат и без ронка совест производот го продаваат како свој, толку поефтин колку тиквите со расол што му останаа на професорот (спомнати погоре).
На еден универзитет во еден момент имаше конкусрс, совесни професори конкурираа, ракописите им беа прифатени, за тоа добија некаков хонорар кој вообичаено е околу 10-20% од вкупната сума која ќе ја заработи печатарот (нормално избран на тендер) по цената што ќе ги продава (најчесто по фактор поголем од 5). Дали таму на студентот му е поефтино?
Обврска на професорите за своите наставни дисциплини е на студентите да им посочат основна и дополнителна литература. Во таа смисла најнормално е како основен да го посочат својот учебник. На студентските прашања каде да го најдат, професорот ќе каже каде. Во условите како што ги потенцирав погоре еден од одговорите е дека може по најпристапна цена да се набави на факултетот, институтот или кај професорот (бидејќи тој е автор и производител на книгата, како што градинарот е производител на компири, пиперки и сл.).
Вака ли се прави криминал или со копирање, плагијаторство, препродавање украдени текстови, продавање збирки на тестови каде ниту Н нема од наука. Доста бре мили сести и браќа, новинари сензационалисти. Ајде погледајте како е да станеш барем просечен универзитетски професор и да земаш плата исто или помалку од било кој службеник во министерствата, јавните претпријатија, разни агенции и слично. Основношколските и средношколските наставници односно професори се изедначија со платите на доцентите на државните универзитети. Тоа ли ќе поттикне развој на наука, техника и технологии? Каде е мотивацијата? Низ политичките кругови веќе нема интелектуалец од универзитетските кругови. Кој е вистинскиот правец на општеството и државата. Во парламентот голем број луѓе се со 4-5 мандати. Ако беа толку вредни зошто не ја унапредат државата и развојот. Туку за да се затскриваат и уживаат во бенефициите пуштаат патки по она што остана од Македонската универзитетска интелигенција. Многу жално. Тешко на тој дипломец без да има рафт со универзитетски учебници и книги од својата струка и наука, а тешко и на тој магистер или доктор на науки кој освен лична сатисфакција неможе да добие ништо повеќе. Тоа ли ќе биде мотивација за знаење, сила и моќ.

Проф д-р Благоја Маркоски

Објавено од:

Од категорија: Отворено...

Leave a Reply

*