Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Чудесна Македонија » За Ѓаволскиот Ѕид, но од научна точка!

За Ѓаволскиот Ѕид, но од научна точка!

21.11.2011.

Локалитетот Ѓаволски Ѕид се наоѓа на 2 km јужно-југо­источно од врвот на Богословец и околу 250 m северно од реката Бре­гал­ница, односно на нејзината десна долинска страна, на надморска височина од околу 250 m. Месноста каде се наоѓа појавата Ѓаволски Ѕид е релативно слабо пристапна. Со теренско возило по­до­б­ра пристапност е можна од два правци. Едниот е преку мака­дам­скиот пат што води од железничка станица Овче Поле до с. Богословец, во должина од 5.5 km. Потоа по патека пеш се оди помеѓу Св. Јовански Рид (775 m) од десната (северна) и Тиски Врв (747 m) од левата (јужна) страна, во југозападен правец во должина од 5 km. Овој пат е потежок за поминување, особено последните неколку стотици метри. Втор начин како да се дојде до месноста е преку макадамскиот пат кој тргнува близу железничката станица Овче Поле, поминува покрај с. Делисинци и раселеното село Аџибегово и води покрај Светиниколска Река. По должина т.е. поминат пат од 7 km и околу 1 km пред вливот во Брегалница, се тргнува кон исток по слабо проодни патеки и по околу 2.5 km се стигнува до Ѓаволски Ѕид.

Името Ѓаволски Ѕид (кое е резултат на различни мистични тол­кувања) всушност се однесува на појавата на кар­пести изданоци т.е. карпести ленти од еоцени варовници кои јасно се забележливи во рел­је­фот, а се про­те­га­ат во правец исток-запад-северозапад, во дол­жи­на од неколку стотици метри. Појавата започнува од југозападното под­нож­­је на Тиски Врв (747 m), кај месноста Грлиште, потоа про­дол­жува око­лу 260 m кон запад до месноста Плавиште и свртува кон се­ве­ро­запад, т.е. го следи западното подножје на Богословец. Сепак, кар­пе­с­тите формации најдобро се изразени од двете страни на долот (Гр­лиш­ки дол) кој завршува во Брегалница. На источната страна од до­лот, „ѕидот“ е долг околу 100 m, при што на средината (на водо­раз­делот) речиси целосно е еродиран до подлогата. Височината доста му вари­ра во зависност од со­чуваноста или еродираноста и во просек из­не­сува околу 2-5 m, а мак­симално до 11 m. Широчината е доста воед­на­чена, со тоа што се­пак поради селективната ерозија варира од 2.5 m до помалку од 1 m. На места каде се јавуваат поцврсти карпи, од „ѕи­дот“ штрчат остенци или `ртови со интересна форма исто така резул­тат на различниот ефект на ерозија врз карпи со нееднаква отпорност.

Појави на верти­кални слоеви и жици од поцврсти карпи кои заостануваат во релјефот има на многу локалности во Република Македонија. Сепак, овде карпестата лента од еоцени варовници има значителни димензии и интересна морфологија (на испресечени блокови, остенци, порти) и по тоа прет­ста­вува раритетна појава. Заради тоа треба да биде соодветно заш­ти­те­на и промовирана, бидејќи е многу подложна („ранлива“) на несоод­ветни антропогени влијанија. Сепак, треба да се води сметка да не се преземаат зафати на самата локалност, но и пошироката околина со кои ќе се наруши природниот амбиент и динамиката на геоморфо­лош­ките процеси.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 12289 пати!

Објавено од:

Од категорија: Чудесна Македонија · Tags: , , , , , , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger