Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Вселена, Географски вести » Чудни облаци меѓу Земјата и Вселената

Чудни облаци меѓу Земјата и Вселената

23.01.2013

Екипажот на Меѓународната вселенска станица (ISS) веќе подолго време забележува појава на чудни електрично-сини облаци, кои како да лебдат на работ помеѓу Земјата и Вселената. Научниците оваа чудна појава ја протолкуваа со две теории: дека настанува како последица на вселенската прашина, која се судира со атмосферата, или пак, дека е последица на глобалното затоплување.
Овие чудни облаци го добија името „ноктилусентни“ – облаци што светат во ноќта. Според астронаутите кои ги имаат забележано тие се прекрасни, без разлика што и да ги предизвикува. Екипажот на ISS ги забележува кога станицата прелетува преку јужната хемисфера, особено околу Австралија и јужните делови на Јужна Америка. Оваа појава е регистрирана и од набљудувачи на Земјата, како сјај на ноќното небо по зајдисонце. Сепак, погледот од орбитата на Земјата е далеку подобар. Се претпоставува дека тие се наоѓаат на височина од околу 80 до 100 километри, што значи дека се наоѓаат на самиот раб од атмосферата. Овие „облаци што светат во ноќта“ се релативно нов феномен. За прв пат се забележани во 1885 година, отприлика две години по силната експлозија на вулканот Кракатоа, чиј пламен бил исфрлан и до 80 километри во височина. Пепелот од индонезискиот вулкан предизвикал неверојатни зајдисонца низ целиот свет, кои претставувале неверојатна глетка за набљудувачите. Еден набљудувач на небото, на кого најчесто му се препишува заслугата за откривањето на оваа појава, германецот Бакхаус (T.W. Backhouse), забележал нешто чудно. Тој останал надвор по зајдисонце и го гледал небото. Неколку пати во текот на повеќе ноќи забележал прамени кои светеле во електрично-сина боја на црното небо. Научниците во тоа време сметале дека појавата е предизвикана од вулканската пепел. Пепелот по одредено време паднал на Земјата и живописните зајдисонца почнале да бледнеат. Но, чудните светли облаци и понатаму се задржале. Не само што не се изгубиле, туку и се прошириле. Пред околу еден век, тие можеле да се забележат само во областите над 50 степени географска широчина. Па така, требало да одите на места како што се Скандинавија, Русија или Британија за да ги видите. Но, денес тие се забележани и појужно. Постојат извештаи дека се видени и од Јута и Колорадо во САД. Иако овие облаци изгледаат како да се наоѓаат во Вселената, тие всушност се наоѓаат во атмосферата на Земјата, и тоа во делот од обвивката наречен мезосфера, кој се протега од 50 до 85 километри во височина. Мезосферата е област каде што има многу ниски температури (околу -125 °C) и многу сув воздух, кој е сто милиони пати посув отколку воздухот во пустината Сахара. Но, и покрај тоа, овие облаци сепак се направени од вода. Тие се составени од многу мали смрзнати кристали, со големина на честичките кои се наоѓаат во чадот од цигара.
Најголемата мистерија за овие облаци е тоа како кристалите се формираат во мезосферата. На смрзнатите кристали во облаците им се потребни две нешта за да се оформат: молекули на вода и нешто на кое тие молекули ќе може да се залепат (на пример, прашина). Процесот при кој водата се собира на прашината во форма на капки или смрзнати кристали се нарекува нуклеација. Тој процес постојано се одвива во обичните облаци. Обичните облаци, кои се блиску до површината на Земјата, ја собираат прашината од извори како што се песочните бури. Премногу е тешко прашината да биде издувана, сé до мезосферата. Кракатоа можеби ја „нахранил“ мезосферата со прашина во 1883 година, но тоа не ги објаснува облаците што ги гледаме денес. Можеби изворот е самата Вселена. Секој ден на Земјата паѓаат тони честички од метеороиди, мали парченца од остатоци од некоја комета или астероид. Повеќето од нив се со точната големина, која е потребна за да се оформат овие облаци. Изворот на водена пареа е помалку контроверзен. За време на летниот период, високоструечките ветрови ја носат водената пареа од влажните делови во долните слоеви на атмосферата, па нагоре, сé до мезосферата. Затоа овие облаци најчесто се појавуваат за време на летниот период. Една причина за неодамнешната појава на облаците што светат во ноќта може да е глобалното затоплување. За да се формира мраз во сува околина, како што е мезосферата, потребни се екстремно ниски температури. Иронично, глобалното затоплување го помага овој процес. Додека на Земјата се добива ефект на стаклена градина, во горните делови на атмосферата температурата се намалува.
Овие облаци за прв пат се забележани за време на индустриската револуција. Па така, зголеменото испуштање на штетни гасови во атмосферата, може да биде и дел од причината за нивното настанување. Еден мал сателит, кој НАСА планира да го лансира во 2006 година, ќе обезбеди нови одговори. Овој сателит, наречен AIM (Aeronomy of Ice in the Mesosphere), ќе орбитира околу Земјата на височина од 550 километри. Иако е релативно мал сателит, тој во себе ќе содржи многу сензори и инструменти. AIM ќе прави широкоаголни фотографии на облаците, ќе ја мери нивната температура и хемиски состав, ќе врши мониторинг на прашливите аеросоли и ќе ги брои метеороидите кои паѓаат на Земјата. Сите овие критични фактори за прв пат ќе бидат набљудувани одеднаш.

Во меѓувреме, сé што можеме да направиме е да чекаме… и да набљудуваме. Нема подобро време за набљудување на овие облаци од летниот период. Погледнете на запад, некаде половина до еден час по зајдисонце, кога Сонцето е 6 до 16 степени под хоризонтот. Ако здогледате светли сино-бели пруги по небото, најверојатно сте ги забележале овие облаци. Најдобри места за да се забележат се од 40 степени северна географска ширина, па нагоре.

Извор:
http://www.astronomija.com.mk/vest.asp?id=577

Подготвил: Никола Костадиновски

Оваа статија е прочитана 2024 пати!

Автор:

Од категорија: Вселена, Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger