Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » И во наредните денови можни се поплави, свлечишта, одрони и засилена ерозија!

И во наредните денови можни се поплави, свлечишта, одрони и засилена ерозија!

14.03.2013

Интензивните и долготрајни врнежи кои паднаа на подрачјето на нашата држава во изминатиот месец, а ќе продолжат и понатаму, предизвикаа натрупување на голема водена маса. Според проценка од извештаите, просечно за целата држава наврнаа над 100 мм врнежи, или вкупна водена маса од 4 милијарди метри кубни! Поради променливите и релативно високи температури, доаѓа до забрзано топење на снегот од планините, превлажнување на подлогата и појава на „нестабилност“ со лавини, одрони и свлечишта. Под зголемен ризик од вакви појави ќе бидат стрмните планински и долински терени со растресита геолошка или земјишна подлога, неотпорни карпи и претходно познатите лавинско-свлечишни коридори. Воедно, зголемен ризик од свлечишта и лавини има и на поголемите засеци над патиштата. Во таа смисла, особено треба да се внимава на долината на реката Радика и патниот правец Маврово-Дебар-Струга кој е познат по честа појава на свлечишта и лавини, потоа на патиштата Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево, Македонска Каменица-Истибања, Гостивар-Охрид, Куманово-Страцин-Кратово, делови од автопатот Скопје-Велес, делови од засеците на железничките линии како и многу други. Иако е малку веројатно да се повтори зимско-пролетниот период од 2010 година кога во месеците февруари и март се активираа многу свлечишта и лавини, сепак треба да бидеме внимателни, посебно ако во наредниот период се јават подолготрајни или интензивни врнежи од дожд. Во таа смисла, населението, возачите и сите други треба да го имаат во предвид зголемениот ризик од вакви природни непогоди на наведените стрмни или нестабилни места. Што се однесува пак до превентивно-заштитните мерки, тие се планираат, подготвуваат и изведуваат во еден подолг временски период преку разни биотехнички, градежнотехнички, хидротехнички и мелиоративни зафати во зависност од конкретната ситуација. Во ниските пак, зарамнети котлински терени, со оглед на високото ниво на подземни води, може и понатаму да се очекуваат локални поплави, особено по течението на Вардар низ Долни Полог, потоа кај Велес, во Гевгелиско-валандовското подрачје, потоа на реката Струмица со Радовишка Река, на притоките на Вардар (Пена, Пчиња со Крива Река и Кумановска Река, Коњарска Река, Брегалница со Луда Мара, Желевица и Каменичка) и слично.
Заради сето наведено, голема улога во следењето на состојбата и навременото преземање на соодветни мерки треба да имаат надлежните државни институции, особено Центарот за упоравување со кризи (ЦУК).

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 3887 пати!

Објавено од:

Од категорија: Географски вести · Tags: , , ,

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger