Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Географски вести » Излезе новиот број (46/2012) на списанието Географски разгледи!

Излезе новиот број (46/2012) на списанието Географски разгледи!

28.03.2013

Денес, на веб страницата на Институтот за географија е поставена електронската верзија на новиот број (46 / 2012) на списанието Географски разгледи. Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. До сега вкупно се објавени 38 книги со околу 420 научни и стручни трудови, библиографски осврти, географски вести и други информации. Од 2010 година, содржините на списанието Географски разгледи се поставуваат и електронски (http://www.igeografija.mk/MGD/index.htm), со што стануваат достапни на поширок круг заинтересирани вљубеници во географијата. Воедно, заради поголема меѓународна афирмација, во уредувачкиот одбор на списанието влегоа реномирани професори-географи од повеќе држави. Од оваа година во план е списанието да излегува два пати годишно, а трудовите да бидат рецензирани. Крајна цел е Географски разгледи да добие статус на меѓународно списание, каков што прочем и заслужува.

Инаку во најновиот број на Географски разгледи се објавени вкупно 9 труда од 15 автори (6 коавтори), кои покриваат широк спектар на географски проблеми: од моделирање на ерозивните процеси во сливовите на Бабуна и Тополка, преку површинската распространетост на карстните карпи во Република Македонија, потоа основните хидрографски карактеристики на реката Треска, до теми поврзани со туризмот и туристичките атрактивности. Потоа е даден преглед на објавената домашна географска литература и презентирани се некои релевантни географски вести и активности на истражувачкото друштво Природник подготвени од студентите. На крајот е in memoriam-от посветен на почитуваниот, прерано починат колега, пријател, роднина и професор д-р Љупчо Неделков.
Она што е особено значајно за новиот број на списанието е големата застапеност на млади истражувачи, со неколку доста интересни и привлечни трудови како автори и коавтори.

Со самото објавување на последниот број, започнуваат подготовките за следниот број на списанието (47), кој треба да излезе до крајот на 2013 година. Во новиот број е предвидена и рубрика наменета за млади истражувачи-географи. Затоа ве повикуваме доколку сте заинтересирани да го подготвите или испратите вашиот труд до уредувачкиот одбор најдоцна до крајот на октомври, 2013 година. На крајот на оваа година, двата броја 46 и 47 ќе бидат испечатени како посебна книга-двоброј.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 2600 пати!

Автор:

Од категорија: Географски вести

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger