Articles Comments

ИГЕО-ПОРТАЛ » Викенд предлог » Викенд предлог: селото Галичник

Викенд предлог: селото Галичник

8.04.2013

Селото Галичник се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, на југоисточните падини на планината Бистра, во центарот на мијачкиот регион. Лежи на надморска височина од 1300-1600 м под карпестите сртови на врвот Говедарник кој е со височина од 2011 м. Името го добило според реката Галик, која тече близу Солун, но исто така постои друга легенда која вели дека е добиено според “дивите кокошки” – галици. Се смета дека селото Галичник е настанато уште во 10 и почетокот на 11 век и е едно од најстарите села во мијачкиот предел. Галичник е типична македонска населба, амфитеатрално поставена на падините на Бистра. Ориентирана е кон правец југ-југоисток со глетка кон планинските масиви Крчин и Стогово, селата Ажиевци, Јанче, Присојница, Скудриње, Битуше, Ростуше, Велебрдо и Требиште и долината на реката Радика. Од десната и горната страна на Галичник се издигаат сиви капести предели на планината Бистра, а од лева страна течат изворите на реката Ѓеневица во кањонот на Тортеска Краста, издвојувајќи го Галичник од зелената букова шума. Поради надморската височина и положбата, селото има многу чист воздух, прекрасна планинска клима со свежи, пријатни лета и доста снежни зими. Со право се вели дека Галичник е еден од најубавите и најатрактивни делови во Македонија и Балканот.

До селото Галичник може да се стигне од Скопје или од Охрид. Од Скопје преку Тетово и Гостивар до Галичник може да се стигне за 2 часа со автомобил, а исто толку е потребно и од Охрид преку Дебар. Интересно е тоа што во Галичник во почетоците на 20–от век живееле околу 3000 жители, а денес селото е речиси раселено, со само 3 постојани жители (македонци) преку целата година. Затоа пак, во летниот период, особено за време на познатите манифестации, во селото доаѓаат стотици луѓе кои потекнуваат од овде, но и бројни други посетители и туристи. Во Галичник може да се преноќи во хотелот Неда кој е изграден во традиционален стил, во чија кујна може да се вкусат најразлични локални специјалитети како што се Бакрданот, Галичкото сирење и киселото млеко. Исто така може да се преноќи во некои околни куќи кои издаваат соби. Во близина на Галичник се наоѓа селото Маврово кое нуди голем број на хотели и разни сместувачки капацитети. Ако се наоѓате во Галичник непосредно пред Галичката Свадба, не ја пропуштајте Овчаријадата која се одржува секоја година ден – два пред неа, на којашто може да се видат натпревари во стрижење и молзење на овци, борба на пеливани, изложба на кучиња шарпланинци, коњи и дегустација на сирење и нивно оценување. Овие средби се одржуваат на бачилото “Вардар”кое се наоѓа на патот кон Галичник на падините на Бистра.

Селото Галичник е светски познато по Галичката свадба која традиционално се одржува секоја година на 12 јули – Петровден. Препознатлива е по единствените, оригинални и неповторливи свадбарски обичаи. На овој ден доаѓаат луѓе од разни краишта на светот да ја проследат оваа необична свадба. Дел од обичаите на Галичката свадба се: одење по невестата, чукање на тапаните, свекрвиното оро, носењето на невестата на вода, канење на мртвите, бричење на зетот, замесување на лебот, венчавање во црква итн. Карактеристично за Галичник се носиите особено женската која е една од најпознатите во Македонија. Се одликува со невообичаено богатство на детали и многу е слична со другите мијачки носии од реканскиот крај. Преовладуваат белата боја (накај жолта) и црвената. Интересен факт за женската носија е тоа што достигнува тежина и до 25 килограми. Машката носија пак се одликува со бели клашнени облеки со големи црни гајтани. Покрај Галичката Свадба селото нуди и посета на музејот на Ѓорѓија Пулески, црквата Св. Петар и Павле, старата црква Св. Петка, чешмата Упија која се наоѓа во центарот на селото, а прекрасна може да биде и едноставна прошетка низ околните планински пејсажи.

Извори:
www.wikipedia.org
www.kralemarko.org.mk

Подготвила: Милена Милошевиќ, Институт за географија-насока туризам

Оваа статија е прочитана 2854 пати!

Автор:

Од категорија: Викенд предлог

Leave a Reply

*

Advertisment ad adsense adlogger